Известувања

Дијаспора

  

Министерството за надворешни работи објавува Јавен повик за аплицирање за стажирање во државните институции на Република Македонија.

 

Целна група на јавниот повик се студенти од македонско потекло во  завршните години на студирање (додипломски или последипломски студии) нафакултетите во земјите со концентрација на македонско национално малцинство и македонска дијаспора.

При утврдувањето на изборот на кандидатите кои ќе стажираат во државните институции на Република Македонија, Министерството за надворешни работи ќе се води од принципот за еднаква застапеност на сите држави и региони каде што има концентрација на македонско национално малцинство и македонска дијаспора.

Избраните кандидати ќе бидат распределени да стажираат во оние институции кои работат на проблематика поврзана согласно нивните образовни квалификации. Дополнително, во зависност од желбата на стажантите и потребата на државните институции, не се исклучува можноста стажирањето да се извршува во неколку институции по принципот на ротација. 

Времетраењето на стажирањето, како и периодот на започнување на истото во државните институции на Република Македонија, ќе го утврди  Министерството за надворешни работи, во согласност со потребите на односната институција каде што стажантите ќе бидат распределени и можноста на кандидатот за реализирање на стажирањето. Истото би било во времетраење до 3 (три) месеци.

Патните трошоци (повратен авионски билет, повратен автобуски билет итн.) како и фиксен надоместок за сместувањето и исхраната на стажантите во периодот додека трае стажирањето, се на товар на Министерството за надворешни работи.

За таа цел се повикуваат сите заинтересирани кандидати кои сакаат да аплицираат за стажирање во државните институции на Република Македонија да приложат :

- потврда за статусот студент во завршна година на студирање (додипломски или последипломски студии) од високо образовната институција на која што кандидатите студираат;

- кратка биографија (CV);

- мотивационо писмо; и

- потврда за македонско потекло на кандидатот.

Напомена:

Заинтересираните кандидати ќе можат да аплицираат за стажирање во државните институции на Република Македонија почнувајќи од денот на објавувањето на јавниот повик до 31 декември 2015 год., односно согласно нивните можности за реализирање на стажирањето во Република Македонија.

Кандидатите потребно е бараната документација да ја достават електронски на следната адреса: staziranje2015@mfa.gov.mk

Кандидатите кои поднеле уредна документација ќе бидат интервјуирани преку Skype,од страна на Комисија формирана од Министерот за надворешни работи.

По завршувањето на постапката на селекција на кандидатите, принципот на рангирање на најуспешните, Комисијата ќе го базира врз два клучни критериуми, и тоа висината на просекот за време на додипломските или последипломски студии на кандидатите, како и нивното учество во активности на некое од македонските здруженија во државата од која доаѓа. Бројот на стажанти ќе биде во зависност од буџетските можности на Министерството за надворешни работи за 2015-та година.

Избраните стажанти ќе бидат известени за одлуката како и за условите на реализација на стажирањето.

Конзуларни услуги