Македонија во светот

На 15-ти март 2017 година првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија Н. Е. Д-р. Андријана Цветковиќ и претседателот на Јапонскиот институт за странски инвестиции г-н Џуничи Кондо потпишаа Меморандум за соработка меѓу Амбасадата на Република Македонија во Токио и Јапонскиот институт за странски инвестиции. Меморандумот за соработка е прв потпишан билатерален документ кој се однесува на промовирање на Република Македонија како атрактивна бизнис дестинација за јапонски инвеститори насочен кон поттикнување на бизнис релациите меѓу двете земји.

Tokio1

Јапонскиот институт е организација во која членуваат околу 200 од најголемите компании чија цел е олеснување на влезот на странски директни инвестиции од Јапонија во различни земји во светот. Институтот, во соработка со јапонските и светските финансиски институции, изготвува анализа на релевантни податоци за поволностите за инвестирање во странство, објавува публикации и организира бизнис семинари, панел дискусии и работилници за промовирање на можностите за соработка меѓу компаниите членки.

Свечената церемонија се одржа во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Токио, на која покрај претставници од двете институции присуствуваа и високи гости од Министерството за надворешни работи на Јапонија и други значајни државни институции. Амбасадорот Цветковиќ имаше пригодно обраќање пред присутните, при што информираше за поволностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори, истакнувајќи ја стратешката позиција на земјава, висококвалификуваната работна сила, ниските даноци и сл. Претседателот Кондо изрази задоволство од потпишаниот Меморандум за соработка, како и очекување во иднина да бидат организирани множество заеднички бизнис форуми кои ќе резултираат со зголемување на интересот на јапонските компании за инвестирање во Република Македонија.

Tokio2

Целта на Меморадумот за соработка е зајакнуање на врските меѓу Република Македонија и Јапонија во делот на економската и бизнис соработка, како и промовирање на можностите за инвестирање во земјава пред компаниите членки на Јапонскиот институт за странски инвестиции. Потпишувањето на Меморандумот отвора можност за организирање на бизнис форуми во иднина во соработка со Јапонскиот институт за странски инвестиции што позитивно ќе влијае врз промовирањето на поволната бизнис клима во Македонија пред јапонските компании. Како прв практичен чекор од оваа соработка Асоцијацијата ќе ја претстави инвестициската и бизнис клима во Република Македонија во нивниот квартален магазин, кој се дистрибуира не само до нивните членови, туку и до сите поголеми библиотеки и институти во Јапонија и светот.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка е уште еден чекор напред во зајакнувањето на македонско – јапонската соработка во економската и бизнис област. Амбасадата на Република Македонија во Токио активно работи на полето на промовирање на можностите за инвестирање во земјава, преку организирање бизнис форуми и економски презентации. 

Конзуларни услуги