Соопштенија

Денеска, во МНР на Кралството Холандија, министерот Димитров, оствари работна средба со својот колега и пријател, министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс.

Sredba so holandskiot MNR 02

Министерот Димитров упати благодарност за континуираната, принципиелна и исклучително важна поддршка што Кралството Холандија ја дава на Република Македонија во остварувањето на стратешките приоритети. Тој укажа дека повеќегодишната политичка криза создала неопходност од суштинско зајакнување на институциите, владеењето на правото и реформа на правосудниот систем, како предуслов за просперитетот и стабилноста на земјата и нејзините граѓани.

Sredba so holandskiot MNR 01

„Иако Македонија отсекогаш и засекогаш е мојата татковина, Холандија има посебно место во моето срце. Денес имав исклучителна средба со министерот Кундерс, кој даде важна поддршка за патот на Македонија кон европските и евро-атлантските интеграции – пат кој веќе долго го одиме.
Нашиот пат можеби е премногу долг, но следува клучен период. Следува период во кој во Македонија мора да завладее правото. Во Македонија мора да се зајакнат институциите. Македонија мора да ги исполни овие предуслови за конечно да стекнеме полноправно членство во ЕУ и НАТО. Оваа нова Влада на Република Македонија е одлучна да ги спроведе неопходните реформи.
На Македонија ќе и бидат потребни европските пријатели. По денешната средба, знам дека Холандија ќе биде посебно посветен пријател на Македонија, спремна да помогне кога е најпотребно“ - истакна МНР Димитров.

Министерот Кундерс му честиташе и му посака успех на министерот Димитров во извршувањето на новата функција и ја потврди силната поддршка на Холандија на нашите европски и евро-атлантски аспирации. Тој потенцираше дека Холандија ќе биде посебно активен и посветен пријател на Република Македонија.

Двајцата министри изразија задоволство од развојот на врските на пријателство и соработка меѓу двете земји, со заедничка заложба за нивно засилено унапредување на сите полиња од заеднички интерес.  Се договорија во текот на следниот месец разговорот да го продолжат за време на посетата на министерот Кундерс на Македонија.

Конзуларни услуги