Надворешна политика

Министерството за надворешни работи на Република Македонија континуирано работи на исполнување на највисоките приоритети во надворешната политика на државата, како што се полноправното членство во НАТО и добивањето и започнувањето преговори за членство во Европската унија. Се вложуваат напори за промоција на македонските економски интереси и за привлекување странски инвестиции во земјата, што се во согласност со стремежите на Владата на Република Македонија за обезбедување повисок стандард и благосостојба на своите граѓани. За таа цел, се превземаат активности за зајакнување на позицијата на Република Македонија во меѓународната заедница преку развивање на билатералните односи, добрососедските односи, регионалната соработка и соработката во мултилатералните организации.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија е посветено на континуираната изградба и обука на дипломатскиот кадар и на подобрувањето на техничките услови за функционирање и на Министерството и на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, како неопходни предуслови за успешно постигнување на планираните цели, како што се натамошно унапредување на процесот на давање конзуларни услуги за македонските и за странските државјани, унапредување на статусот на македонските национални и јазични малцинства во светот и грижа за дијаспората.

Полноправното членство на Република Македонија во НАТО и во Европската унија, како и развојот и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка, претставуваат стратегиски и долгорочни цели на надворешната политика на Република Македонија.

Конзуларни услуги