Македонија во Советот за човекови права 2014-­2016

Заложби и обврзувања


Заштитата и промоцијата на човековите права останува еден од важните елементи на македонската надворешна политика. Република Македонија е членка на основните конвенции за човекови права во рамките на ОН и има тесна соработка со комитетите воспоставени со овие конвенции. Република Македонија ги зајакнува активностите и учеството во телата на меѓународните организации што работат во оваа сфера. Од јануари 2014 година до крајот на 2016 година, Република Македонија ќе биде членка на Совет за човекови права. Република Македонија учествува и во процесот на Универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на ОН, каде што во рамките на двата циклуса има презентирано свои извештаи.

Потврда на посветеноста на државата на човековите права е и формирањето на Меѓуресорското тело за човекови права со Одлука на Владата на Република Македонија во април 2012 година. Со ова тело раководи министерот за надворешни работи, а негови членови се државните секретари во: Министерството за надворешни работи, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, како и директорите на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Државниот завод за статистика, Дирекцијата за заштита на лични податоци и на Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Надворешни членови на телото се: заменикот на народниот правобранител на Република Македонија, претседателот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. 

Надлежностите на Меѓуресорското тело за човекови права се однесуваат на: јакнење на координацијата во областа на човековите права на сите надлежни министерства и органи во Владата на Република Македонија, размена на информации и реализација на препораките содржани во извештаите на надлежните комитети и други тела на ОН, Советот на Европа, ЕУ и други меѓународни организации, давање на предлози за унапредување на законската регулатива од областа на човековите права и давање други предлози на Владата од значење за унапредување на човековите права во Република Македонија.

Конзуларни услуги