Европа

Односите на Република Македонија со европските држави постојано се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и доверба и отсуство на отворени или спорни прашања. Со повеќето од нив продолжува нагорниот тренд на развојот на соработката на билатерален, регионален и мултилатерален план.

Во 2013 година со соодветни свечени настани беше одбележана 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Македонија со следниве држави: Кралството Данска, Република Финска, Француската Република, Сојузна Република Германија, Исланд, Италијанската Република, Кралството Холандија, Кралството Норвешка, Полска, Кралството Шведска, Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

  • Обединетото Кралство
  • Германија
  • Франција
  • Шпанија
  • Унгарија
  • Чешка
  • Полска
  • Австрија
  • Белгија
  • Холандија
  • Шведска
United-Kingdom Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска
Macedonia

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска се традиционално добри без отворени прашања, со динамичен дијалог на владино ниво и продлабочена и разновидна секторска соработка.

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска се воспоставени на 16 декември 1993 г., а на 23 декември 1993 г. Обединетото Кралство ја отвори својата амбасада во Македонија. Први амбасадори на двете земји беа Тони Милсон (23.12.1993), односно Ристо Никовски (март 1994 г.).

Од исклучително значење за унапредувањето и постојаниот подем на односите меѓу двете земји е континуираната политичка и проектна поддршка што ѝ ја дава Обединетото Кралство на Република Македонија во европските и евроатлантските интеграциони процеси, како и генерално, нејзиниот придонес во развојот на нашата држава во целиот период од осамостојувањето до денес.

Билатералната соработка бележи мноштво резултати. Обединетото Кралство е меѓу земјите со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена – во 2013 г. го зазеде третото место на листата на најголеми трговски партнери. Во вкупниот прилив на СДИ во периодот од 1997-2012 г., Обединетото Кралство учествуваше со 1,04%.

Динамична и продлабочена секторска соработка се одвива особено во областите на одбраната, внатрешните работи, културата, образованието и науката, правдата, локалната самоуправа, информатичкото општество и администрација.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- септември 1995 - Потпишан прв договор - Меморандум за разбирање за одбранбена соработка - по воспоставувањето на дипломатските односи
- jуни 1996 - Формирана британско - македонска парламентарна група.
- 26-30 jануари 1998 - Прва посета на парламентарна делегација од Собранието на Република Македонија на Обединетото Кралство.
- 3 мај 1999 - Посета на премиерот на Обединето Кралство Тони Блер на Македонија
- 11-14 јули 2000 - Посета на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски на Обединетото Кралство.
- 22–24 ноември 2010 - Посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Обединетото Кралство
- 26-27 март 2012 - Посета на министерот за надворешни работи, Никола Попоски на Обединетото Кралство.
- 24-27 септември 2013 - Посета на Баронесата Д`Соуза, Лорд спикер на Горниот дом на Британскиот парламент (Домот на лордовите) на Република Македонија
Germany Дипломатски односи со Сојузна Република Германија Macedonia

Билатералните односи помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија ги карактеризира интензивен политички дијалог и значајна динамика во соработката во сите области. Бројните реализирани посети на високо и највисоко ниво, како и редовните средби меѓу парламентите на двете земји исто така придонесуваат кон добрите политички односи.

Како земја членка на Европската унија и мотор на европското обединување, Германија е значаен партнер во процесот на европските и евроатлантски аспирации на Република Македонија. Преку разни регионални проекти за ЕУ, Германија дава поддршка на напорите на Македонија за исполнување на условите и спроведување на реформите од европската агенда, неопходни за влез во ЕУ.

Германија е традиционално еден од најзначајните трговски партнери на Македонија. Прв трговски партнер во 2013 година со трговска размена од 1.7 млјд евра, која учествува со 20,5% во сéвкупната трговска размена на Македонија. Во вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Македонија за периодот 1997–2013г., Германија учествува со околу 131 милиони евра. Во 2013 година е и трет најголем инвеститор во Македонија.

Германија е и еден од водечките донатори во рамки на билатералната развојна соработка, која успешно се одвива од 1992 година преку доделување на техничка и финансиска помош во повеќе области, а наменета за развој на македонското општество.

Соработката меѓу двете земји успешно се одвива и во областа на културата и образованието и науката преку бројни стипендиски програми поддржани од Гете Институтот и ДААД Канцеларијата во Скопје. Успешен континуитет на соработка се бележи и во областите на одбраната, внатрешните работи, правдата и здравството.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 8 април 1992 г. - Сојузна Република Германија го отвора Германското претставништво во Скопје како Генерален Конзулат.
- 6 - 8 февруари 1992 г. - Посета на премиерот Никола Кљусев на Сојузна Република Германија и средба со германскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер
- 16 декември 1993 г. - Воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Германскиот конзулат во Скопје подигнат на ниво на Амбасада под раководство на првиот германски амбасадор д-р Ханс-Лотар Штепан
- 14 - 17 март 1994 г. - Посета на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров на Сојузна Република Германија. Средба со сојузниот претседател д-р Рихард фон Вајцзекер
- 24 - 25 јули 1995 г. - Посета на претседателот на германскиот Парламент, проф. д-р Рита Зисмут на Република Македонија
- Септември 1995 г. - Први билатерални политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји во Берлин
- 16 - 21 јуни 1996 г. - Прва официјална посета на претседателот на Собранието на Република Македонија Тито Петковски на Сојузна Република Германија
- 9 - 10 септември 1996 г. - Прва претседателска посета на сојузниот претседател проф. д-р Роман Херцог на Република Македонија. Потпишана Спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите
- 9 - 11 април 1997 г. - Посета на премиерот Бранко Црвенковски на Сојузна Република Германија и средба со сојузниот канцелар д-р Хелмут Кол. Потпишана Спогодба за финансиска соработка меѓу Владите на Република Македонија и Сојузна Република Германија
- 16 октомври 1997 г. - Потпишување Спогодба за културна соработка помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија
- 23 јули 1999 г. - Посета на сојузниот Канцелар Герхард Шредер на Република Македонија
- 12 - 14 јануари 2000 г. - Посета на претседателот Борис Трајковски на Германија
- 15 - 17 октомври 2006 г. - Посета на премиерот Никола Груевски на Германија и средба со германскиот канцелар Ангела Меркел
- 17 - 18 април 2008 г. - Посета на претседателот на Германија, Хорст Келер на Македонија и средба со претседателот на Р. Македонија Бранко Црвенковски
- 13 - 17 септември 2009 г. - Посета на претседателот Ѓорге Иванов на Германија и средба со сојузниот претседател д-р Хорст Келер
- 25 февруари 2010 г. - Посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Германија и средба со министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле
- 5 септември 2011 г. - Посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Германија и средба со сојузниот министер Гидо Вестервеле.
- 13 - 15 февруари 2012 г. - Посета на премиерот Никола Груевски на Германија и средба со сојузниот канцелар Ангела Меркел
- 19 - 20 март 2012 г. - Посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Германија и средба со сојузниот министер Гидо Вестервеле
- 22 февруари 2013 г. - Посета на сојузниот министер, Гидо Вестервеле на Македонија
- 23 - 25 април 2013 г. - Посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Германија. Средба со германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле
- 12 март 2014 г. - Посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Германија. Остварена средба со министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер
France Дипломатски односи со Француска Република
Macedonia

Односите со Француската Република ги карактеризира отворен и конструктивен дијалог, со континуирано продлабочување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес.

Во 2013 година се бележи интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Претседателите Ѓорѓе Иванов и Франсоа Оланд, придружувани од министрите за надворешни работи Никола Попоски и Лоран Фабиус, се сретнаа на маргините на регионалниот Самит на земјите од Западен Балкан во Брдо кај Крањ, Словенија, во јули 2013. Француската страна искажа целосна поддршка во реализацијата на стратешките цели за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Беше најавен нов поттик во односите на Франција со сите земји од Балканот и целосно ангажирање и активна поддршка на процесот на проширување на ЕУ, со цел јакнење на стабилноста на регионот преку заедничка соработка, почитување на добрососедските односи и подготвеност за компромиси во решавањето на отворените прашања.

Исто така, министерот за надворешни работи, Никола Попоски реализираше работна посета на Париз (25 ноември 2013), кога се сретна со неговиот колега домаќин, Лоран Фабиус. На средбата беше реафирмиран интересот за зацврстување на севкупните односи помеѓу двете земји, како и поддршката од француска страна за европската и евро-атлантската интеграција на Македонија.

Продлабочувањето на економската соработка беше во фокусот на посетите на Претседателот на Владата, Никола Груевски на Париз (3-5 декември 2013) и на повеќе владини министри со цел економска промоција на Македонија и презентација на предностите за инвестирање. Во 2013година, вкупниот обем на трговска размена помеѓу Македонија и Франција изнесува 120,2 мил. УСД (1,1% од вкупната размена на Македонија), од кои 25,5 мил. УСД извоз од Македонија, а 94,6 мил. УСД увоз од Франција. Во вкупниот прилив на СДИ во РМ за периодот 1997-2013, Франција учествува со околу 135 мил. евра.

Меѓу двете земји се одвива динамична соработка во многу други области – во областа на културата, каде соработка датира од отворањето на Францускиот културен центар во Скопје во 1974, а се одвива врз основа на Договорот за соработка во доменот на културата, образованието, науката и техниката (1998) и Договорот за соработка меѓу Министерствата за култура (2010); во областа на образованието и науката преку бројни стипендии; во внатрешните работи се бележи динамична соработка, особено по стапувањето на сила на Договорот за соработка од областа на внатрешната безбедност (2006); соработката во одбраната е континуирана, а се заснова на Спогодба за соработка во областа на одбраната, Протокол во врска со стандардизација на материјалите од областа на одбраната и МзР со Европската компанија за аеронаутичка одбрана и простор - ЕАДС.

Во областа на социјалната политика повеќе години соработката се остварува преку размена на искуства, експертски мисии и студиски посети. Во областа на здравството, досега успешно се реализираше проектот за системот за трансфузиологија во Македонија, а се иницирани активности за соработка со повеќе универзитетски болници. Исто така, со Регионот Долна Нормандија се одвива динамична соработка, која согласно програмата за работа за периодот 2013-2016 е насочена на следните оски: нови информатички технологии, млади, попис на културно наследство, културни политики, развој на земјоделството, туризам и човекови права. Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 27.12.1993 г. - Воспоставени дипломатски односи меѓу Република Македонија и Француската Република
- 9.5.1996 г. - Посета на претседателот Киро Глигоров на Франција
- 29.1.1998 г. - Посета на претседателот на Владата, Бранко Црвенковски на Франција
- 9.2.1999 г. - Посета на претседателот Киро Глигоров на Франција
- 28.2.1999 г. - Посета на претседателот на Франција, Жак Ширак на Македонија, средба со претседателот Глигоров и претседателот на Владата, Љубчо Георгиевски
- 28.2 - 3.3.2001 - Работна посета на претседателот Борис Трајковски на Франција, остварени средби со претседателот Ширак, премиерот Жоспен, како и со француските министри за надворешни работи и за одбрана
- 24 - 28.5.2001 - Во посета на Македонија престојуваше претседателот на групата за француско-македонско пријателство во Националното Собрание на Франција, Филип Дурон, беше примен од страна на претседателот на Собранието, Стојан Андов
- 26 - 27.6.2001 - Во посета на Македонија престојуваше сенаторот Робер Бадентер, во својство на експерт од областа на уставното право, со цел експертска помош во политичкиот дијалог под покровителство на претседателот Борис Трајковски
- 10.3.2001 г. - Посета на францускиот министер за надворешни работи, Ибер Ведрин на Македонија, средба со министерот за надворешни работи, Срѓан Керим, примен и од претседателот Трајковски и претседателот на Владата, Љубчо Георгиевски
- 1.8.2002 г. - Посета на министерот за надворешни работи Слободан Чашуле на Франција
- 20.12.2002 г. - Посета на министерот за надворешни работи Илинка Митрева на Франција
- 8.6.2003г. - Посета на премиерот на Франција Жан Пјер Рафарин на Р. Македонија
- 1 - 20.1.2004 г. - Посета на премиерот на Р. Македонија Бранко Црвенковски на Франција
- 15.10.2004 г. - Посета на министерот за надворешни работи на Франција Мишел Барние на Македонија
- 4 - 5.2.2008 г. - Посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Франција
- 5 мај 2009г. - Претседателот на Владата, Никола Груевски оствари посета на Франција и се сретна со францускиот претседател Никола Саркози
- јули 2013 г. - Средба на претседателот Ѓорге Иванов со францускиот претседател Франсоа Оланд на регионалниот Самит на земјите од Западен Балкан во Брдо кај Крањ, Словенија
- 1 - 25.11.2013 г. - Работна посета на министерот за надворешни работи, Никола Попоски на Франција и средба со неговиот домаќин Лоран Фабиу
Spain Дипломатски односи со Кралството Шпанија
Macedonia

Политичките односи со Кралството Шпанија се карактеризираат со пријателство и заемна подготвеност за нивно унапредување. Дипломатските односи се воспоставени на 28 јули 1994 година. Помеѓу двете земји нема отворени прашања.

Шпанија се залага проширувањето на Европската Унија да остане во фокусот на вниманието на ЕУ и негува благонаклонет став во однос на европската интеграција на Република Македонија. Во однос на нашите очекувања за прием во НАТО, Кралството Шпанија ги поддржува рефорските процеси на Македонија и се залага за наша интеграција во НАТО.

Економската соработка бележи позитивен тренд на развој, со активно присуство на шпански компании во Македонија во следниве сектори: транспорт, инфраструктура, текстил, автоиндустрија исл. Сепак, целкупниот трговски потенцијал е недоволно искористен и се преземаат конкретни иницијативи во тој поглед. Вкупната трговска размена со Кралството Шпанија во 2013 изнесува 84,3 милиони евра. Извозната структура ја сочинуваат фероникелот, ладно и топло валани метални производи, производите од текстилната индустрија и др., додека најувезувани производи од Шпанија во Македонија се моторни возила за превоз на лица, стока, месо и др. Во вкупниот прилив на СДИ во Македонија од 1997-2013, Шпанија учествува со околу 410 илјади евра.

Во минатото и тековно, меѓу двете земји успешно се реализираат повеќе твининг проекти и билатерални соработки во повеќе области, како одбраната, внатрешните работи, правда, култура, туризам и др. Соработката во областа на одбраната бележи континуитет и е пример за успешна соработка. Правната рамка е заокружена со најзначајните билатерални договори/спогодби.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 28 јули 1994 г. - Воспоставени дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Кралството Шпанија
- 9 април 1999 г. - Посета на министерот за надворешни работи на К. Шпанија Абел Матутес на Македонија
- 2 октомври 2000 г. - Одржани билатерални политички консултации во Мадрид
- 20 - 21 ноември 2000 г. - Посета на министерот за надворешни работи Александар Димитров на К. Шпанија
- 17 април 2002 г. - Посета на министерот за надворешни работи Слободан Чашуле на К. Шпанија
- 27 август 2002 г. - Oтворање на Амбасадата на Република Македонија во Шпанија
- 20 - 21 јуни 2005 г. - Посета на министерот за надворешни работи Илинка Митрева на К. Шпанија
- декември 2006 г. - Отворање на Амбасада на Кралството Шпанија во Скопје
- 9 - 12 септември 2007 г. - Посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Кралството Шпанија
- 1 март 2008 г. - Пристигнување на првиот резидентен амбасадор на Р. Македонија во К. Шпанија, Методија Белевски
- 19 - 20 април 2010 г. - Посета на министерот за надворешни работи на К. Шпанија, Мигел Анхес Моратинос на Р. Македонија во својство на претседавач со Европскиот Совет при ЕУ
- 12 јуни 2012 г. - Посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Шпанија
- 25 - 26 ноември 2013 г. - Посета на претседателот на Собрание на Република Македонија, Трајко Вељаноски на Шпанија
- 23 јануари 2014 г. - Посета на заменик претседателот на Владата на Република Македонија Фатмир Бесими на Шпанија
Hungary Дипломатски односи со Унгарија
Macedonia

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Унгарија се карактеризираат со пријателство и висок степен на меѓусебно разбирање, отворен политички дијалог на сите нивоа и чести посети на највисоко и високо ниво.

Официјализирањето од страна на Унгарија на употребата на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација (10 декември 2012 г.) претставуваше дополнителен чекор, во насока на зацврстување на одличните билатерални односи.

Унгарија е меѓу најактивните и најгласни поддржувачи на европското и евро-атлантското интегрирање на Република Македонија. Меѓу администрациите на двете земји воспоставена е соработка за ЕУ прашања, преку Декларацијата за соработка помеѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Унгарија во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ, потпишана во април 2012 г.

Покрај постојаното унапредување на политичките односи, двете земји прават континуирани напори и за унапредување на економската соработка, преку редовни состаноци на Мешовитата комисија за економска соработка, воспоставена врз основа на Договорот за економска соработка, потпишан во Скопје во 2012 г. Инаку трговската размена меѓу Македонија и Унгарија не е на задоволително ниво. Се карактеризира со низок обем на размена и постојан дефицит на македонска страна. Вредноста на размената последните години (2011, 2012, 2013) не надминува 50 мил. евра, а дефицитот на наша страна изнесува околу 30 милиони евра. Во 2013 г. регистриран е обем на размена во износ од 47,9 милиони евра (извоз 6,2 милиони и увоз 41,7 милиони евра). Во вкупниот прилив на СДИ во Македонија за периодот од 1997-2012, Унгарија учествува со 346,43 мил. евра (9,25%).

Република Македонија и Унгарија имаат воспоставено успешна институционална соработка во повеќе области: заштита на животната средина, образование и наука, култура, внатрешни работи, правда и здравство.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 5 мај 1993 Основано Друштво на македонско – унгарска соработка
- 29 август 1994 - Воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Унгарија
- 9 септември 1997 - Први политички консултации меѓу претставници на Министерствата за надворешни работи на двете земји 
- 29 - 30 јуни 1999 - Отворена Амбасадата на Унгарија во Скопје
- 10 - 11 мај 2000 - Oфицијална посета на претседателот на Владата Љубчо Георгиевски на Унгарија (прва премиерска посета)
- февруари 2001 - Отворена Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта 
- 12 - 13март 2001 - Посета на министерот за надворешни работи на Унгарија Јанош Мартоњи на Македонија 
- 19 - 20 ноември 2001 - Официјална посета на претседателот Борис Трајковски на Унгарија (прва претседателска посета - потпишана Декларација за пријателски односи и развојна соработката) 
- 27 - 28 август 2003 - Официјална посета на претседателот на Унгарија Ф. Мадл на Македонија
- 11 - 12 септември 2003 - Официјална посета на министерот за надворешни работи Илинка Митрева на Унгарија
- 27 – 28 јуни 2005 - Посета на претседателот на Владата Владо Бучковски на Унгарија 
- 23 ноември 2006 - Официјална посета на унгарскиот премиер Ференц Ѓурчан на Македонија 
- ноември 2007 - Посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Унгарија 
- 25 - 26 февруари 2008 - Официјална посета на претседателот на Владата Никола Груевски на Унгарија 
- 26 - 28 ноември 2008 - Официјална посета на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски на Унгарија
- 10 - 12 декември 2008 - Официјална посета на претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски на Унгарија 
- 30 - 31 март 2010 - Официјална посета на министерот за надворешни работи на Унгарија Петар Балаш на Македонија 
- 26 октомври 2010 - Официјална посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Унгарија 
- 11 - 12 април 2011 - Официјална посета на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на Унгарија 
- 12 мај 2011 - Официјална посета на премиерот на Унгарија Виктор Орбан на Македонија 
- 2 - 3 април 2012 - Официјална посета на министерот за надворешни работи на Унгарија Јанош Мартоњи на Македонија
- 17 - 19 октомври 2012 - Официјална посета на претседателот на Собранието на Унгарија Ласло Ковер на Македонија 
- 14 ноември 2012 - Официјална посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Унгарија 
- 5 декември 2013 - Посета на претседателот на Владата на Унгарија Виктор Орбан на Македонија, во која прилика му беше врачено одликување „8 септември“ од страна на претседателот Ѓорге Иванов 
Czech-Republic Дипломатски односи со Чешката Република
Macedonia

Односите меѓу Република Македонија и Чешката Република се карактеризираат со пријателство и разбирање и со цврсти заложби од двете страни за нивно натамошно унапредување и продлабочување. По отворањето на чешката амбасада во Скопје на 1 септември 2006 г. и на македонската амбасада во Прага на 18 јануари 2008 г., соработката во повеќе области добива на динамика, како и размената на посети на највисоко и високо ниво. Потврда на нагорниот тренд на меѓусебните односи беше и одлуката на Чешката Република од 12 февруари 2013 за официјализирање на употребата на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација. Оваа година се одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Чешка е меѓу активните земји поддржувачи на евро-атлантските аспирации на Македонија, со позитивен став за почеток на пристапните преговори со ЕУ согласно предлозите и препораките на Европската комисија. Чешка дава отворена и континуирана поддршка на зачленувањето на Македонија во НАТО, опстојува на ставот дека Македонија ги исполнила критериумите за добивање покана за членство во Алијансата и високо ги вреднува спроведените реформи.

Економската соработка во изминатите години бележи мал пораст и се очекува нејзино дополнително зголемување. Трговската размена во 2013 изнесува 89,73 милиони евра и се зголемува континуирано од 2010 иако негативниот биланс во трговската размена изнесува околу 47 милиони евра. Автомобилските делови и виното се два најважни македонски извозни артикли на чешкиот пазар. Директните инвестиции од Чешка, за периодот 1997-2013 изнесуваат околу 2,9 мил. евра.

Двете страни покажуваат интерес и заложби за постојано развивање на соработката во областа на одбраната, внатрешните работи, високото образование, земјоделството, културата. Оваа година ќе се одржат низа културни манифестации во Македонија и Чешка во функција на одбележување на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 2 март 1994 - Воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји
- 21 јуни 1999 - Прва посета на највисоко ниво - Киро Глигоров ја посети Чешка, на покана на претседателот на Чешка Вацлав Клаус
- 16 - 17 март 2004 - Прва посета на премиерско ниво, чешкиот премиер Владимир Шпидла ја посети Република Македонија.
- 4 октомври 2004 - Прва официјална посета на министерот за надворешни работи Илинка Митрева на Чешка
- 9 - 30 април 2007 - Официјална посета на претседателот на Владата Никола Груевски на Чешка, во придружба на заменик претседателот на Владата Зоран Ставревски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
- 24 - 26 мај 2007 - Учество на претседателот Бранко Црвенковски на Самитот на претседатели на Централна Европа во Брно.
- 10 - 11 март 2009 - Официјална посета на премиерот на Чешка Мирек Тополанек на Македонија.
- 8 - 10 февруари 2010 - Официјална посета на претседателот на Владата Никола Груевски на Чешка
- 8 - 10 февруари 2011 - Возвратна официјална посета напретседателот Ѓорге Иванов на Чешка
- 17 - 18 април 2012 - Официјална возвратна посета на премиерот Петр Нечас на Македонија
- 26 - 28 февруари 2014 - Официјална посета на претседателот Ѓорге Иванов на Чешка
Poland Дипломатски односи со Република Полска
Macedonia

Односите меѓу Република Македонија и Република Полска можат да се оценат како пријателски, без отворени прашања и со повеќегодишна тенденција на квалитативен подем, пред сe на политички план, со заемен интерес за унапредување на економската и на севкупната билатерална соработка. Потврда на нагорниот тренд на меѓусебните односи беше и одлуката на полската Влада од летото 2005 г. за употреба на уставното име на нашата држава во билатералната комуникација.

Полска конзистентно се залага за продолжување на процесите на проширување на НАТО и ЕУ. Таа е активен и гласен поддржувач на Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ. На институционален план, поддршката се материјализира преку т.н. „Скопска конференција“, воспоставена во 2009 - платформа за административна соработка и пренесување на полските искуства од пристапниот процес. Досега се одржани четири состаноци на Скопската Конференција (по два во Скопје и Варшава), а следиот, петти состанок, е планиран за септември 2014 во Македонија.

Економската соработка во изминатите години не соодветствува на економските потенцијали на земјите. Трговската размена се карактеризира со релативно мал обем и со хроничен дефицит на наша страна. Вкупната трговска размена во 2013 достигна 90,6 мил. евра (извоз 14,2 мил. евра, а увоз 76,4 мил. евра). Речиси идентичен обем на размена беше регистриран и во 2012 г. Во Полска главно извезуваме делови за моторни возила, електрични проточни или акумулациони греачи, зеленчук, овошје и феросилициум, а увезуваме плоснато валани производи од железо или челик, говедско месо, санитарија и козметика. Во вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Македонија за периодот 1997-2013, Полска учествува со околу 9 мил. евра.

Двете страни покажуваат интерес и заложби за постојано развивање на соработката во областа на економијата,одбраната, внатрешните работи, високото образование, културата.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 17 јуни 1992 - Посета на министерот за односи со странство на Република Македонија, Денко Малески на Полска
- 30 декември 1993 - Воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Полска
- 25 јануари 1995 - Средба на претседателот Киро Глигоров со претседателот на Полска, Леџжх Валенса, по повод 50 годиншнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц
- 20 март 1996 - Официјална посета на министерот за надворешни работи Љубомир. Фрчковски на Полска
- 28 - 29 ноември 1996 - Официјална посета на полскиот министер за надворешни работи, Д. Росати на Македонија
- 28 - 30 октомври 1997- Државна посета на претседателот Киро Глигоров на Полска, придружуван од стопанска делегација
- 2 - 3 октомври 2002 - Посета на претседателот на Полска Александар Квашњевски на Македонија
- 9 - 10 мај 2007 - Официјална посета на претседателот Бранко Црвенковски на Полска
- 18 ноември 2009 - Работна посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Полска
- 8 ноември 2010 - Работна посета на полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски на Македонија (почеток со работа на Скопската Конференција)
- 10 - 11 септември 2013 - Официјална посета на претседателот на Полска, Б. Коморовски на Македонија, во која прилика на полскиот Претседател му беше врачен и орден “8 септември“ од страна на претседателот Ѓорге Иванов
Austria Дипломатски односи со Република Австрија
Macedonia

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Австрија се карактеризираат со континуиран и динамичен дијалог на високо и највисоко ниво и со заеднички иницијативи за интензивирање на соработката во повеќе области. Оваа година се одбележуваат 20-години од воспоставувањето на дипломатските односи (23 декември 1994).

Австрија ја предводи групата земји во ЕУ кои се гласни и активни поддржувачи за отпочнување на пристапни преговори меѓу ЕУ и Македонија. Се залага за паралелно водење на пристапните преговори со ЕУ и разговорите за решавање на спорот за името со Грција под закрила на ОН, односно смета дека спорот не треба да биде пречка за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Република Австрија е втор инвеститор во Македонија (после Холандија), со 485 милиони евра. Австриските фирми се активни во нашата земја претежно во услужниот сектор (реклама, осигурување, консалтинг, лизинг, логистика/шпедиција, ИТ, енергетика, банки, телекомуникации). Од 2006 г. постои македонско-aвстриската бизнис-асоцијација (МАБА) - непрофитна бизнис-асоцијација составена од реномирани претпријатаија, организации и поединци. Трговската размена во 2013 г. достигна околу 200 милиони евра (се зголемува контиуирано од 2007). Дефицитот постојано е на наша страна. Главни извозни производи: текстил, цевки, силициум, феросиликоманган, феросилициум, валани производи од железо и челик. Главни увозни производи: месо, храна, синтетички влакна, генератори за назименична струја, возила за специјална намена.

Македонија и Австрија покажуваат интерес за постојано развивање на економската соработка, како и на соработката во областа на одбраната, внатрешните работи, образованието, културата.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 23 декември 1994 - Воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Австрија
- 1995 - Отворена Амбасадата на Република Македонија во Виена
- август 1997 - Отворена Амбасадата на Република Австрија во Скопје
- 14 - 17 јуни 1993 - Посета на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров и потпретседателот на Владата и министер за односи со странство, Стево Црвенковски на Австрија
- 09 -11 мај 1997 - Официјална посета на претседателот на Националниот Совет на Република Австрија Хајнц Фишер на Република Македонија
- 26 ноември 1997 - Официјална посета на Сојузниот вице канцелар и министер за надворешни работи на Австрија Волфганг Шисел на Република Македонија
- 2 - 3 март 1998 - Официјална посета на претседателот на Собранието на Република Македонија Тито Петковски на Република Австрија
- 29 април 1999 - Посета на сојузниот канцелар на Република Австрија В. Клима на Република Македонија
- 13 март 2000 - Посета на министерот за надворешни работи на Република Австрија Бенита Фереро Валднер на Република Македонија
- 27 - 29 март 2001 - Официјална посета на министерот за надворешни работи на Република Македонија Срѓан Керим на Република Австрија
- 11 април 2002 - Посета на сојузниот претседател на Република Австрија Томас Клестил на Република Македонија
- 27 октомври 2004 - Посета на Претседателот на Владата на Република Македонија Хари Костов на Република Австрија (прва официјална)
- 26 - 27 септември 2005 - Официјална посета на претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски на Република Австрија
- 6 - 7 ноември 2006 - Учество на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Vienna Economic Forum
- 12 - 13 јули 2007 - Официјална посета на претседателот на Република Австрија Хајнц Фишер на Република Македонија
- 22 јануари 2010 - Официјална посета на министерот за надворешни работи и европски прашања на Република Австрија, Михаил Шпинделегер на Република Македонија
- 15 -16 јуни 2013 - Учество на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски на 18-тиот Економски Форум Вахау
- 18 февруари 2014 - Работна посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Република Австрија
Belgium Дипломатски односи со Кралството Белгија
Macedonia

Билатералните односи се одликуваат со пријателство, стабилен политички дијалог на високо и највисоко ниво, отсуство на отворени прашања и взаемно изразена подготвеност за континуирано унапредување на меѓусебната соработка.

Белгија ги поддржува македонските аспирации за европска и евроатлантска интеграција. Смета дека Македонија ги исполни критериумите за почеток на пристапни преговори со ЕУ и за членство во НАТО, како и дека тие треба што поскоро да започнат.

Економската соработка со Белгија бележи нагорна линија. Трговската размена е во подем, во 2013 изнесува 87,1 мил. ЕУР, што претставува пораст од 51% споредено со 2012, при што извозот од Македонија бележи раст од 61,4%, а увозот од Белгија бележи раст од 40,2%. Учеството на Белгија во вкупниот обем на трговска размена на Македонија изнесува 1%. Досега најзначајна белгиска странска директна инвестиција е на производителот на камиони Ванхол.

Продлабочена соработка се одвива и во многу други области. Во областа на здравството иницирана е соработка со Клиничкиот Универзитет Лувен и бриселската болница „Едит Кавел“. Културната соработка се одвива на база на директни покани меѓу здруженија, институции и поединци. Динамична секторска соработка се одвива и во полето на одбраната, внатрешните работи, во областа на трудот и социјалната политика, заштитата на животната средина и водостопанството преку следење на белгискиот модел.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 23 февруари 1994 - Воспоставени дипломатски односи преку размена на писма меѓу министрите за надворешни работи
- 24 февруари 1994 - Дотогашното Претставништво на Република Македонија во Брисел отпочна со работа како Амбасада
- 14 јули 1994 - Првиот амбасадор на Република Македонија за Кралството Белгија, Ј. Теговски ги предаде оригиналите од Акредитивните писма кај Кралот Алберт II
- 9 - 10 септември 1998 - Посета на министерот за надворешни работи на Белгија, Ерик Дерејк на Република Македонија
- 11 октомври 2000 - Посета на Неговото Височество Кралот на Белгија, Алберт II на Република Македонија, во придружба на министерот за одбрана на Белгија, Андре Флао. Покрај посетата на белгиските војници во состав на КФОР во Куманово средба и со претседателот Борис Трајковски
- 7 декември 2000 - Посета на претседателот Борис Трајковски на Кралството Белгија. Реализирана средба со белгискиот Крал, Алберт Втори
- 14 февруари 2002 - Посета на претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Белгија, Херман де Кру на Република Македонија. Реализирана средба со министерот за надворешни работи Слободан Чашулe и во македонското Собрание
- 6 мај 2002 - Посета на премиерот на Кралството Белгија, Ги Верховштад на Република Македонија
- 13 февруари 2007 - Средба на претседателот на Владата Никола Груевски со министер-претседателот на фламанската Влада Ив Летерм и на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски со МНР на Белгија Карел де Гихт, Брисел
- 14 мај 2009 - Посета на претседателот Ѓорге Иванов на Кралството Белгија. Реализирана средба со кралот на Белгија, Алберт II, како и со претседателот на Сенатот на Кралството Белгија Арманд Де Декер
- 8 март 2010 - Посета на премиерот на Белгија, Ив Летерм на Република Македонија. Реализирана средба со претседателот на Владата Никола Груевски
- 11 мај 2012 - Посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Кралството Белгија. Реализирани средби со Вице-премиерот и министер за надворешни работи на Белгија, Дидиер Рејндерс, претседателите на Комисиите за надворешни работи на Конгресот, Карл Волуве, и на Сенатот, Франсоа Ксавиер де Донеа на белгискиот Парламент
Netherlands Дипломатски односи со Кралството Холандија
Macedonia

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Холандија се традиционално добри, со стабилен политички дијалог на владино ниво и без присуство на отворени прашања во комуникацијата.

Холандија е една од најголемите билатерални донатори од земјите членки на ЕУ, традиционален партнер и принципиелен поддржувач на македонските заложби за членство во ЕУ и НАТО. Taa во нејзината поддршка e водена од суштествено важниот принцип за Холандија во нејзините меѓународни односи, а тоа е почитувањето на меѓународното право. Холандија ги поддржува препораките на Европската комисија за отворање пристапни преговори. Водејќи се од принципот „строго, но праведно“ во процесот на проширување на ЕУ, за Холандија е клучно Македонија да продолжи да испорачува мерливи резултати во реформите и да гради кредибилитет во примената на законите, особено во доменот на владеењето на правото и фундаменталните слободи.

Холандија е прв инвеститор во Република Македонија и наш значаен трговски партнер. Во изминатите десет години, просечното годишно учество на размената со Холандија во вкупната размена на Република Македонија изнесува 1,7%. Од 2010 до 2012 година, Република Македонија бележи суфицит, а во 2013 има дефицит во трговската размена. Во вкупниот прилив на СДИ во Македонија за периодот од 1997-2012, Холандија учествува со 783 мил. евра (20,9%). Успешни примери на холандски инвестиции во Република Македонија се ФЕНИ, Битолска млекара/Danube Foods Group и др. Сопствениците на холандски фирми во Република Македонија формираа фондација NL Chamber која има за цел да формира и финансира македонско- холандска стопанска комора.

Македонија е под групата на Холандија во рамките на Светската банка. Развојната соработка се одвива во рамки на МАТРА програмата, со фокус на владеењето на правото, посебно правда и внатрешни работи.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 16.12.1993 - Воспоставени дипломатски односи преку размена на Вербални Ноти меѓу двете Министерства за надворешни работи
- 2.9.1996 - Одлука за отворање на Амбасада на Република Македонија во Кралството Холандија се седиште во Хаг
- март, 1998 - Отворање на Амбасадата на Кралството Холандија за Република Македонија со седиште во Скопје
- 25 – 26.5.1999 - Посета на претседателот на Владата на Кралството Холандија, Вим Кок на Република Македонија
- 12.3.2001 - Посета на министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Јозиас ван Арцен на Република Македонија
- 11.11.2002 - Посета на министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Јакоб Гизберг де Хоп Шефер на Република Македонија
- 14.9.2006 - Посета на претседателот на владата на Република Македонија Никола Груевски на Кралството Холандија
- 11.9.2008 - Посета на министерот за европски прашања на Кралството Холандија на Република Македонија
- 23.3.2011 - Посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Кралството Холандија
- 8.7.2013 - Посета на делегација од Комисијата за европски прашања на холандскиот Парламент на Република Македонија
Sweden Дипломатски односи со Кралството Шведска
Macedonia

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска ги карактеризира континуиран дијалог на владино ниво и заеднички иницијативи за интензивирање на соработката во повеќе области.

Кралството Шведска е меѓу активните земји поддржувачи на Република Македонија во напорите за полноправно членство во ЕУ, со позитивен став за почеток на пристапните преговори согласно предлозите и препораките на Европската комсија. Преку Шведската агенција за развојна помош (СИДА) реализирани се мноштво проекти за поддршка на реформските процеси во Македонија. Кралството Шведска ги поддржува и евроатланстските аспирации на Република Македонија а соработката се одвива во рамките на Партнерството за мир.

Континуирана и продлабочена секторска соработка се одвива особено во областите на одбраната, внатрешните работи, културата, образованието и науката.

Поважни факти за билатералните односи и меѓусебните посети:

- 20 декември 1993 - Воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска
- 29 - 30 мај 1996 - Посета на претседателот Киро Глигоров на Кралството Шведска
- 24 август 1997 - Кралот на Шведска, Карл XVI Густаф, ги посети шведските војници во составот на Нордискиот батаљон на UNPREDEP и оствари средба со претседателот Киро Глигоров.
- декември 2003 - Работна посета на министерот за надворешни работи Илинка Митрева на Кралството Шведска
- 12 октомври 2004 - Работна посета на министерот за надворешни работи Лајла Фривалдс на Република Македонија
- 1 - 3 декември 2004 - Министерот за надворешни работи Илинка Митрева престојуваше во возвратна работна посета на Кралството Шведска. Остварена средба со министерот за надворешни работи Л. Фривалдс
- 19 - 21декември 2005 - Посета на Претседателот на Владата на Република Македонија В. Бучковски на Кралството Шведска. Средба со шведскиот премиер Ј.Першон
- 4 мај 2007 - Официјална посета на Република Македонија на претседателот на Шведскиот Парламент, Пер Вестерберг
- јуни 2007 - Министерот за надворешни работи Карл Билд ја предводеше делегацијата на Кралството Шведска на Безбедносниот Форум на НАТО/ЕАПС во Охрид. Средба со Претседателот на Владата на Република Македонија Н. Груевски
- 27 - 28 октомври 2008 - Сесилија Малстром министер за ЕУ прашања на Шведска престојуваше во Република Македонија. Средба со заменикот Претседател на Владата на Република Македонија И. Боцевски и со министерот за надворешни работи А.Милошоски
- 30 - 31 октомври 2011 - Посета на Заменик на претседателот на Владата на Република Македонија Теута Арифи на Кралството Шведска
- 4 јуни 2012 - Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, за време на Road show-то, во Стокхолм оствари средба со премиерот Ф. Рајнфелд
- 2 декември 2012 - Работна посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Кралството Шведска. Средба со министерот за надворешни работи на Кралството Шврдска Карл Билд
- 7 - 11 февруари 2013 - Посета на министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на Кралството Шведска. Средба со министерот за миграција и азил

Конзуларни услуги