Соседство

Директоратот за билатерални односи со земјите од Југоисточна Европа и регионални иницијативи (накратко ДЈИЕРИ), ги следи, ги проучува и од политички аспект стручно ги обработува настаните и односите на Република Македонија со земјите од непосредното соседство: Република Албанија, Република Бугарија, Грција, Република Косово и Република Србија, и со земјите од поширокото опкружување: Босна и Херцеговина, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Турција, Република Хрватска и Црна Гора, во насока на градење добри и конструктивни билатерални односи и соработка со земјите од Југоисточна Европа и нивни континуиран развој, унапредување и зацврстување на билатерален и на регионален план.

Во рамките на Директоратот постојат два сектора:

  • Сектор за непосредно соседство и
  • Секторот за пошироко соседство и регионални иницијативи,

со повеќе одделенија во нивниот состав.

Директоратот соработува со дипломатско-конзуларните мисии и претставништва на Република Македонија во земјите на Југоисточна Европа, како и со дипломатско-конзуларните мисии и претставништва на овие земји во Република Македонија преку соодветна комуникација и барања за податоци и информации за земјите од својот делокруг на работење што се предмет на анализа и обработка при подготвување аналитички материјали, информации, потсетници и други документи. Во истата насока ги координира активностите на надлежните државни органи и институции и ја поттикнува нивната конкретна и непосредна соработка со соодветни органи и институции од земјите на Југоисточна Европа.

Директоратот, преку Одделението за регионални иницијативи во рамките на Секторот за пошироко соседство, се грижи и за следење и анализа на политиките на земјите-членки на регионалните иницијативи во однос на натамошниот развој и јакнењето на влијанието и придонесот во изградбата на регионалните капацитети. Ги следи и ги координира активностите во овој сегмент со цел градење проактивен партнерски односи и соработка со сите земји-членки во насока на решавање на билатералните и регионалните прашања, а со цел унапредување на безбедноста, стабилноста и напредокот на Регионот.

  • Албанија
  • Бугарија
  • Грција
  • Србија
  • Косово
  • Хрватска
  • Словенија
  • Турција
  • Црна Гора
  • Босна и Херцеговина
  • Романија
  • Молдавија
  • Регионални иницијативи
Albania Дипломатски односи со Република Албанија
Macedonia

Република Македонија и Република Албанија воспоставија дипломатски односи на 26.4.1993 година. Двете држави имаат изградено добри односи и соработка, за што говорат и многубројните реализирани билатерални посети и средби на сите нивоа.

Македонија и Албанија споделуваат слични интереси на надворешно-политички план, во рамкитете на ЕУ, НАТО и регионалната соработка. На билатерален план, парламентарната соработка се одвива успешно со заложби за интензивирање на контактите на собраниските комисии, а соработката меѓу државните органи и институции е интензивна и конструктивна. Продлабочувањето на трговската и економската соработка, како и промоцијата на стопанските потенцијали на двете земји се високо на агендата за натамошен развој на соработката, а како особено важен приоритет се наметна поефикасното искористување на европските фондови, особено за актуелните проекти, како и заедничкото учество во новите проекти во рамките на ИПА- компонентата. Заедничката соработка, исто така, се рефлектира преку реализираните активности во рамките на Јадранската повелба (заеднички медицински тим во мисијата ИСАФ, Авганистан и во процесот СЕДМ).

Двете земји членуваат речиси во сите регионални иницијативи, споделувајќи исти принципи. За време на претседавањето на РМ со ПСЈИЕ, двете земји имаа блиска и конструктивна соработка за регионалните проекти.

Меѓу позначајните средби и посети остварени на почетокот на 2013 година до денес, се издвојуваат:

- официјалната посета на министерот за надворешни работи А. Бумчи на Република Македонија, Скопје 29-30 април 2013 г. 
- средбата на претседателот на Република Македонија Ѓ. Иванов со претседателот на Р. Албанија Б. Нишани во рамките на Претседателскиот самит во Драч, Р. Албанија, на 16-17 септември 2013 г
- официјалната посета на претседателот на Владата на Р. Албанија Е. Рама на Република Македонија на 6 ноември 2013 г.
Bulgaria Дипломатски односи со Република Бугарија
Macedonia

Република Бугарија е првата земја што ја призна независноста на Република Македонија, на 15.1.1992 година. Целосни дипломатски односи се воспоставени на 31 декември 1993 г., една година по воспоставувањето конзуларни односи. Во изминатите две децении, двете држави изградија партнерски односи што се карактеризираат со развиена и континуирана сеопфатна соработка. Солидната соработка е присутна и во контекст на регионалните иницијативи и на мултилатерален план. Договорната рамка ја сочинуваат 75 билатерални спогодби и документи.

Република Македонија, во духот на добрососедството, демократските принципи, европските стандарди и вредности, иницира и промовира активен и конструктивен дијалог со Бугарија за надминување на секое отворено прашање. Во таа насока, еден од приоритетите во билатералните односи меѓу двете земји е склучување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, избалансиран во меѓусебните права и обврски, договор што ќе ги отсликува европската визија, стандардите и вредностите како суштина на билатералите односи меѓу двете држави. Другите приоритети се однесуваат на натамошно унапредување на политичките и економските односи, унапредување на регионалната и мултилатералната соработка, развој на секторската и интер-институционалната соработка, заемно учество во инфраструктурните активности и, секако, решавање на сите прашања од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и мултилатерален план.

Меѓу позначајните средби и посети остварени од почетокот на 2013 година до денес, се:

- работната посета на претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и министерот за надворешни работи Николај Младенов на Република Македонија на 16.2.2013 г. 
- еднодневната работна посета на Софија на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Фатмир Бесими на 26.6.2013 г.
- работната посета на Република Бугарија на министерот за надворешни работи Никола Попоски на 12-13.12.2013
- заедничката мини седница на владите, предводена од премиерите на двете земји одржана на 28.7.2013 г.
Greece Дипломатски односи со Грција
Macedonia

Република Македонија и Грција ја потпишаа Времената спогодба на 13 септември 1995 г., со што Грција де факто ја призна македонската држава. Веднаш потоа се пристапи кон отворање Канцеларии за врски во Скопје и Атина, а подоцна во 2004 г. беше потпишан Меморандум за отворање Канцеларии за конзуларни, економски и трговски работи во Битола и Солун.

Односите меѓу Република Македонија и Грција, од појавувањето на Република Македонија како самостоен државен субјект сѐ до денес се карактеризираат со исклучителна сложеност поради разликата за името.

По потпишувањето на Времената спогодба во 1995 година, следува период на интензивирање на заемните контакти и соработка, кој продолжи до крајот на 2004 г., кога грчкото МНР донесе одлука за замрзнување на билатералната соработка. Во 2009 година дојде до делумна обнова и повремени политички контакти и средби, кои се одвиваат главно на маргините на меѓународни настани. Меѓу двете земји нема размена на билатерални официјални посети на високо и највисоко ниво, и покрај упатените покани. Сите досега потпишани билатерални договори и спогодби меѓу Република Македонија и Грција чекаат на ратификација во грчкиот Парламент.

Генерално, политичките односи и соработка во најголем дел од грчка страна се условуваат со решавање на разликата околу името на РМ, што не е во согласност со одредбите на Времената спогодба. Република Македонија, по попречувањето на одлуката за упатување покана за членство во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 г. од страна на Грција, поднесе апликација до Меѓународниот суд на правдата за кршење на член 11 (1) од Времената спогодба. Судот во пресудата од декември 2011 одлучи целосно во полза на РМ, која пресуда има задолжително правно дејство за другата страна, како и континуирана применливост.

Во последните неколку години се остварени следниве позначајни контакти и соработка на Република Македонија со Грција:

- Во јануари 2012 година, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Теута Арифи, оствари дводневна посета на Грција 
- Во мај 2013 година, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, оствари дводневна посета на Грција;
- Меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји постои експертска соработка во областа на евроинтеграциите:
- на 7 јуни 2012 година во Атина се одржаа првите експертски консултации за ЕУ прашања меѓу МНР на Република Македонија и МНР на Грција,
- во април 2013 во Скопје се одржаа возвратни консултации за ЕУ-прашања меѓу МНР на Република Македонија и МНР на Грција;
- На 20 февруари 2014 година, грчкиот виецепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос ја посети Република Македонија во рамките на неговата балканска турнеја во својство на претседавач со Советот на Европската Унија.
Serbia Дипломатски односи со Република Србија
Macedonia

Од меѓусебното признавање во април 1996 година, меѓу Република Македонија и Република Србија се изградија партнерски односи, кои ги карактеризира високо ниво на заемна доверба, разбирање и добрососедство. Воспоставениот политички дијалог овозможува континуиран и постојан развој на односите и соработката, потврден преку многубројни средби на највисоко ниво. Како во изминатиот период, така и денес, евроинтеграциите се надворешнополитички приоритети на двете земји. Во насока на интензивирање на соработката во областа на евро-интегративните процеси, двете земји потпишаа билатерална Спогодба со која таквата соработка се конкретизира и добива соодветна динамика.

Иако Република Македонија и Република Србија главно имаат еднакви или многу блиски ставови за голем број прашања на билатерален, регионален и мултилатерален план, таков став/ гледиште немаат во однос на Косово и спорот меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква. Сепак, овие разлики не претставуваат пречка за натамошен конструктивен дијалог и продлабочување на сеопфатната билатерална, регионална и мултилатерална соработка. Потврда за ваквата констатација и одличните односи е одржувањето на Заедничката седница меѓу двете влади каде што е акцентирана потребата од побрз развој и продлабочување на економската соработка и инфраструктурното и енергетско поврзување преку конкретни проекти.

Договорната рамка меѓу двете земји е заокружена во голема мера и овозможува интензивна соработка во повеќе области од заемен интерес. Досега се склучени повеќе од 60 билатерални договори и документи, од кои 53 се во сила, а во тек се 20 иницијативи/постапки за склучување на други договори и документи.

Пријателските односи меѓу двете земји беа потврдени и преку официјалната посета на претседателот на Република Србија Николиќ на Република Македонија во 2012 година, кога, во духот на добрососедството и европските вредности, Република Македонија му овозможи на српското раководство да ја одбележи 100- годишнината од Кумановската битка во месноста Зебрњак. Во духот на добрососедството и пријателството се и двете посети на претседателот на Владата на Србија, Ивица Дачиќ на Република Македонија, официјалната на 27-28 јануари 2013 и работната на 26 јануари 2014 г., кога беше организирана прослава на државниот празник на српската заедница во Република Македонија, Св. Сава, на која присуствуваа премиерите на Македонија и на Србија, Груевски и Дачиќ.

Меѓу позначајните средби и посети остварени од почетокот на 2013 година до денес се издвојуваат:

- официјалната посета на претседателот на Владата на Р. Србија, И. Дачиќ на Република Македонија на 28.1.2014 г.
- официјалната посета на министерот за надворешни работи на Р. Србија И. Mркиќ на Република Македонијана 18.2.2013 г..
- официјалната посета на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на Белград на 1 и 2. 4.2013
- официјалната посета на министерот за надворешни работи на Р. Македонија Н. Попоски на Белград на 21.2.2014 година.
Kosovo Дипломатски односи со Република Косово
Macedonia

Република Македонија и Република Косово имаат воспоставено солидна билатерална соработка, континуиран, конструктивен и пријателски дијалог за голем број прашања од заемен интерес. Република Македонија ги поздрави досегашните постигнати договори меѓу Република Косово и Република Србија и го поздравува прифаќањето на ,,„Првичната спогодба за начелата за нормализирање на односите“ од страна на Белград и Приштина од 19 април 2013., г., со уверување дека тоа, не само што отвора ново поглавје во односите меѓу двата народа, туку претставува и силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот, а во контекст на севкупната поддршка, го поздравува и започнувањето на преговорите на Косово со ЕК за склучување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Добрата соработка меѓу двете земји ја потврдуваат многубројните билатерални посети и средби на сите нивоа, од кои би ги издвоиле: Меѓу позначајните средби и посети остварени од почетокот на 2013 година до денес се вбројуваат:

- 7.2.2013 - посета на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на Р. Косово, при што е потпишан Договор за признавање на периодите на осигурување за остварување на право на пензија;
- 8.2.2014 - посета на министерката за култура Елизабета К. Милевска на Р. Косово, при што е потпишан Договор за соработка во областа на културата;
- 18.6.2013 - средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со министерот за надворешни арботи на РК Р. Косово Е.Хоџај во рамките на состанокот на Партнерската комисија на САД - Јадранска повелба на ниво на министри за надворешни работи на, 18.6.2013 г., Скопје;
- 24.6.2013 – средба на министерката за внатрешни работи на Р. Македонија Гордана Јанкулоска и министерот за внатрешни работи на Р. Косово Бајрам Реџепи, на ГП Глобочица кај Јажинце, каде што е потпишана Спогодбата за отворање нов граничен премин за меѓународен патен сообраќај меѓу двете држави "Белановце - Станчиќ";
- 24.6.2013 – посета на министерот за економија В. Сараќини на Р. Косово во чии рамки е потпишан Договор за соработка во областа на туризмот.
Croatia Дипломатски односи со Република Хрватска
Macedonia

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска се воспоставени на 30.3.1992 година. Договорната рамка меѓу двете земји ја одбележуваат 40 склучени меѓудржавни договори, меморандуми и протоколи, во иницијатива се 12 договори, со што се покажува богатата и сестрана соработка.

Во 2013 и почетокот на 2014 година, се остварени повеќе посети, меѓу кои на највисоко и високо ниво беа:

- присуство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски на централната прослава по повод влезот на Република Хрватска во Европската унија, 30.6-1.07.2013;
- официјалната посета на претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ на Република Македонија на 4-5.9.2013 г.;
- официјална посета на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски на Загреб, 17.9.2013 г.;
- официјална посета на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, 24-25.1.2014 г.;

Република Хрватска активно и отворено го поддржува евроинтегративниот процес на Македонија, како и аспирациите за членство на сите земји од регионот. На 31.5.2013 г. во Охрид се потпиша Договорот за евро-атлантско партнерство меѓу Владите на Република Македонија и Република Хрватска, што дава основа за унапредување на соработката во однос на евро-интеграциите.

Во изминатите неколку години трговската размена меѓу двете земји бележеше суфицит, сè до 2012 г., кога е констатиран трговски дефицит, кој продолжи и во 2013 и 2014 година. Со пристапувањето на Хрватска во Унијата, трговијата на билатерална основа се врши во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) потпишана меѓу Република Македонија и земјите - членки на ЕУ.

Република Македонија и Република Хрватска остваруваат плодна соработка и на полето на одбраната, здравството, образованието и науката, животна средина, културата, полициска соработка.

Во Република Хрватска, Македонците заедно со уште 21 национално малцинство се споменати во Преамбулата на Уставот на оваа земја, согласно со уставните измени од 2010 година.

 

 

Slovenia Дипломатски односи со Република Словенија
Macedonia

Република Словенија e третата земја што ја призна Република Македонија со уставното име (12.2.1992) и прва земја што воспостави дипломатски односи со Република Македонија (17.3.1992). Првото дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија е отворено во Љубљана (7.7.1993). Република Словенија мошне активно го поддржуваше процесот на стекнување и признавање на независноста на Република Македонија во меѓународната заедница. Таа беше втора земја што отвори Амбасада во Скопје и првиот спонзор на Македонија за приемот во ООН и другите меѓународни структури.

Билатералните односи и соработка ги карактеризира пријателство, без отворени прашања, базирани врз долгогодишна конструктивна соработка.

Во односите со Словенија, значајно место заземаат и заедничките заложби за дополнително унапредување на економската соработка, зголемување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

Богатата договорна состојба, со повеќе од 40 потпишани билатерални договори, е само уште една потврда за успешната соработка меѓу двете земји.

Во последните години се остварени голем број официјални и работни посети, од кои ги издвојуваме:

- официјална посета на претседателот на Република Словенија Борут Пахор на Република Македонија, 16-17.7.2013 г.;
- учество на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на состанокот на лидерите од процесот Брдо, Брдо кај Крањ, 25.07.2013;
- учество на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски на Бледскиот стратегиски форум, Блед, 1-3.9.2013 г.;
- средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со Тина Комел, министер без ресор за односите меѓу Словенија и автохтоната словенечка национална заедница во соседните земји и меѓу Словенија и Словенците во странство, Скопје, 16.9.2013;
- официјална посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски (придружуван од министрите за надворешни работи, за образование и наука, за транспорт и врски, како и од директорот на Агенцијата за млади и спорт) на Љубљана на 13.11.2013 г.
- официјална посета на вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, на Загреб на 5.12.2013 г.

Словенија има позитивен однос и грижа кон македонското национално малцинство. Официјално, во Словенија живеат 9.087 македонски државјани, организирани во 12 македонски друштва, обединети во Сојуз на МКД и Црковна општина на МПЦ.

Turkey Дипломатски односи со Република Турција
Macedonia

Република Турција е втората држава што ја призна независноста на Република Македонија на 6 февруари 1992 г., односно првата, што нѐ призна немајќи никаква задршка во однос на идентитетот и јазикот. Истата година на 26 август, беа воспоставени и дипломатски односи со потпишувањето на Протоколот меѓу двете земји во Лондон.

Комуникацијата и соработката меѓу двете земји е интензивна и активна на сите нивоа, согласно со „Стратегијата за зајакнување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција“ од 2008 г.

Договорната состојба ги покрива речиси сите полиња на заеднички интерес. Република Македонија со Република Турција има потпишано 35 меѓународни договори, 49 меѓународни документи, еден договор преземен преку сукцесија, а во фаза на постапка се 15 договори.

Во последните години се остварени голем број официјални и работни посети ,од кои ги издвојуваме :

- официјална посета на претседателот на Република Турција Абдула Ѓул, на Република Македонија, 4-5.5.2008; 
- официјална посета на претседателот на Владата на Република Турција Реџеп Таип Ердоган на Република Македонија, 29-30.9.2011 г.; 
- официјална посета на претседателот на турското Собрание Џемил Чичек на Република Македонија, 17-18.5.2012 г.; 
- официјална посета на министерот за надворешни работи на Република Турција Ахмет Давутоглу на РМ, 20-21.12.2012 г. 

Република Турција е една од најгласните поддржувачи на Република Македонија на полето на евро-атлантските и европските интеграции. Особено е силна поддршката за членство на Република Македонија во НАТО, како и заложбата за меѓународна промоција на користењето на нашето уставно име (Република Турција беше единствената земја во регионот што писмено, преку соопштение на Министерството за надворешни работи, ја поздрави Пресудата на Меѓународниот суд на правдата).

Во областа на културата, соработката е интензивна. На 21.12.2012 г. беше потпишан Договорот меѓу министерствата за култура на Република Македонија и на Република Турција за основање и за активностите на културните центри во двете земји. На 18.1.2014, г. беше поставен камен-темелникот на Турскиот театар во Скопје, а беа отворени се и Воената идадија и Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк во Битола, чија реконструкција беше поддржана од Министерството за култура на Република Македонија и од Канцеларијата на ТИКА во Македонија. Двете земји имаат потпишано Меморандум за конзервација и реконструкција на споменици од османлискиот период, меѓу кои Мустафа-пашината џамија, Камениот мост, Куршумли ан и други објекти во Тетово и во Битола. Во фаза на финализирање е Спомен-куќата на родителите на Ататурк.

Montenegro Дипломатски односи со Црна Гора
Macedonia

Во духот на определбата за продолжување на традиционално добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Црна Гора и за продлабочување и збогатување на севкупната соработка, водени од заедничките определби за европски и евроатлантски интеграции, Владата на Република Македонија, на 12.6.2006 г. донесе Одлука за признавање на Црна Гора како самостојна и независна држава. Владата на Република Македонија на 14.6.2006 г. воспостави целосни дипломатски односи со Црна Гора. Следуваше трансформација на Генералниот конзулат на Република Македонија во Подгорица (отворен во 2005 г. ) во Амбасада на Република Македонија во Црна Гора.

На билатерален план, во континуитет се развиваат активности за натамошно зајакнување и унапредување на односите и соработката во сите области од заеднички интерес. Значајно место заземаат и заложбите за интензивирање на економската соработка, особено на полето на инвестициите и други области од заемен интерес.

Богатата билатерална договорна состојба со повеќе од 47 договори, е потврда на развојот на односите меѓу двете земји. Континуитетот во политичкиот дијалог е потврден преку голем број официјални и работни средби, од кои издвојуваме:

- официјална посета на потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора Игор Лукшиќ, 14.2. 2013 г.;
- политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на ниво на политички директори, Скопје, 20.3.2013 г.;
- учество на потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора Игор Лукшиќ на формалниот министерски состанок на ПСЈИЕ, Охрид, 31.5.2013 г.;
- средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора Игор Лукшиќ, на министерскиот состанок на Партнерската комисија на САД - Јадранската повелба, Скопје, 17.6. 2013.
Bosnia-and-Herzegovina Дипломатски односи со Босна и Херцеговина
Macedonia

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина се воспоставени на 27.5.1993 година. Билатералната соработка меѓу двете земји се одвива успешно и без отворени прашања. Стратегиски цели на двете земји се полноправно членство во европските и евро - атлантските структури. Билатералната договорна состојба содржи 27 меѓународни договори.

Во 2013 г. и почетокот на 2014 година, се остварени повеќе посети на највисоко и високо ниво:

- официјална посета на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски на Сараево на 27.02.2013 г.;
- работна посета на министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери на Босна и Херцеговина, 18-21 март 2013 г.;
- работна посета на министерот за правда на Босна и Херцеговина Бариша Чолак на Република Македонија, 12-3-2013 г.;
- работна посета на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на Босна и Херцеговина по повод одбележувањето на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, 25-26.2.2014 г.
Romania Дипломатски односи со Романија
Macedonia

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Романија се воспоставени на 11.1.1995 година. Билатералните односи се карактеризираат со пријателство и отворен дијалог, при што е евидентен интересот кај двете страни за градење добри односи и реализирање соработка во повеќе области.

Република Македонија и Романија во досегашните односи имаат солидна договорна рамка со склучени 17 билатерални договори, 21 меѓународен документ и 20 договори преземени преку сукцесија. Меѓу двете земји има поведено и 16 иницијативи за склучување нови билатерални договори. Од остварените официјални и работни посети, издвојуваме:

- официјална посета на претседателот на Романија Трајан Басеску на Република Македонија, 27.5.2010 г.;
- официјална посета на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на Романија, 6-8.10.2011 г;
- официјална посета на министерот за надворешни работи на Романија Титус Корлацеан на РМ на 3.7.2013 г.;
- средба на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски со претседателот на Владата на Романија Виктор Понта, на маргините на Самитот на лидери на државите од Централно-источна иницијатива и Кина, 25.11.2013;
- средба на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски со министерот за надворешни работи на Романија Титус Корлацеан, на маргините на ПСЈИЕ, Букурешт, 18.2.2014; г.

Македонците во Романија се признати како правно-политички субјект. Асоцијацијата на Македонците во Романија на парламентарните избори одржани на 9.12.2012 г., освои едно пратеничко место во романскиот Парламент

Moldova Дипломатски односи со Република Молдавија
Macedonia

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Молдавија се воспоставени на 27.1.1995 година.

Република Македонија и Република Молдавија во досегашните односи имаат склучено 8 билатерални договори во позначајни области на соработка и 3 меѓународни документи. Поведени се 11 иницијативи за склучување нови билатерални договори, што дава можност за натамошно проширување на договорната рамка.

Севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Молдавија се карактеризираат со пријателство и меѓусебно почитување, но отсуствува континуиран политички дијалог.

Последни реализирани средби на највисоко и високо ниво се:

- официјална посета на претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски на Молдавија, 7-8.7. 2005 г.;
- официјална посета на претседателот на Република Молдавија Василе Петру Тарлев на РМ, 11.3. 2005 г;
- официјална посета на претседателот на Република Молдавија Владимир Воронин на Република Македонија, 21-22.2. 2006 г.

Отсуството на билатерални посети на високо и највисоко ниво во изминатиот период делумно се компензираше со средби на меѓународни собири, при што, покрај актуелните меѓународни прашања, беа дискутирани и прашања од областа на билатералните односи и соработка.

Република Македонија континуирано продолжува со проактивното дејствување во рамките на регионалните иницијативи, во ПСЈИЕ, Советот за регионална соработка (СРС), Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), МАРРИ и СЕЛЕК, односно Регионалниот центар во Букурешт. РМ е актуелен член на Тројката на процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), по претседавањето со процесот во текот на 2013 г.

Република Македонија истакна кандидатура за претседавање со ЦЕИ во текот на 2015 г.

Република Македонија ги поддржува активностите на регионалните организации, кои покрај активностите во политичко - безбедносната сфера, сè повеќе го насочуваат својот интерес кон зголемување на капацитетите за одржлив развој на земјите од регионот.

Конзуларни услуги