Воневропски држави

Политичкиот директорат за билатерални односи со воневропски држави го покрива најголемиот број држави во светот и е составен од Секторот за Америка, Источна Азија и Пацифик и Секторот за Јужна Азија, Блискиот Исток и Африка. Задолжен е за спроведување на надворешната политика на Владата на Република Македонија во доменот на воспоставување, одржување и унапредување на билатералниот политички дијалог, како и на севкупната билатералната соработка со државите од овие региони, во приоритетните домени од заемен интерес, вклучително и унапредување на договорните состојби и на визните режими со одделни земји.

Согласно со зацртаните цели на надворешната политика, Република Македонија остварува солиден напредок и бележи одлични односи и интензивна соработка со значаен дел од воневропските држави, особено со САД, Русија, Кина и Јапонија. Традиционалното пријателство и поддршка од овие две земји денес се надградени со активно политичко и економско партнерство и многубројни иницијативи, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Кон динамиката и развојот на соработката меѓу Република Македонија со земји како што се САД, Канада и Австралија придонесува и улогата на големиот број македонски иселеници.

Посебно внимание се посветува и на унапредување на севкупните односи со земјите од далечна Азија, како и на сèвкупната соработка со државите од Регионот на Латинска Америка, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, во блиска иднина се планира и отворање на првото македонско дипломатско-конзуларно претставништво во регионот на Јужна Америка.

  • САД
  • Канада
  • НР Кина
  • Јапонија
  • Австралија
  • Руска Федерација
  • Украина
  • Казахстан
  • Азербејџан
  • Индија
  • Израел
  • Јордан
  • Катар
  • Кувајт
  • ОАЕ
  • Иран
  • Сирија
  • Египет
  • Мароко
United-States Дипломатски односи со Соединетите Американски Држави
Macedonia

Република Македонија и Соединетите Американски Држави воспоставија дипломатски односи на 13 септември 1995 година, додека признавањето на уставното име на нашата држава од страна на САД, уследи на 4 ноември 2004 година. Соединетите Американски Држави отворија Канцеларија за врски во Скопје, која е издигната на ниво на Амбасада во март 1996 година, додека Канцеларијата за врски на Република Македонија во Вашингтон е отворена во мај 1994 година, а издигната на ниво на Амбасада во септември 1995 година. Актуелен амбасадор на Р. Македонија во Вашингтон е г. Васко Наумовски (од 18 ноември 2014 г.), додека амбасадор на САД во Скопје е г. Џес Бејли (Jess L. Baily, од 12 февруари 2015 г.). Покрај Амбасадата на Р. Македонија во Вашингтон, во Соединетите Американски Држави функционираат и Генералните конзулати, со седишта во Детроит, Њујорк и Чикаго.

Владата на Р. Македонија им придава исклучителна важност на односите со САД, поради стратегиското партнерство, што беше потврдено и потпишувањето на билатерална Декларација за стратегиско партнерство и соработка меѓу двете земји, во мај 2008 година.

Билатералната соработка меѓу двете пријателски држави ја карактеризира отворен и континуиран политички дијалог, како и плодна соработка во повеќе значајни домени, како што се одбраната, културата, образованието науката и здравството. Македонската дијаспора игра важна улога во вкупните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како од аспект на унапредување на односите меѓу двете држави, така и преку поддршка за важни прашања од интерес на нашата држава. Дијаспората во САД со посебен пиетет ги негува националниот идентитет, традицијата, културата и јазикот, а со многубројните активности придонесува за соодветна афирмација на Р. Македонија во американското општество.

Многубројната македонска дијаспора во САД главно е лоцирана во околината на Детроит, како и во Њујорк – Њу Џерси, Чикаго, Краун Поинт (Индијана), Колумбус (Охајо), но и Акрон, Маслон, Лореин, Сиракјуз, Рочестер и Бафало. Во помал број дијаспората е присутна и во Флорида, Калифорнија, Аризона и други. Најголема концентрација на албанската дијаспора, а за која веруваме е по потекло од Р. Македонија, е околу Њујорк, Њу Џерси, Чикаго и Милвоки.

Солидниот политички дијалог бележи размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите години, од кои ги издвојуваме:

-

јуни 1997 г. Претседателот Киро Глигоров. Остварени средби со претседателот Бил Клинтон и државниот секретар, Медлин Олбрајт;  

- јуни-јули 1998 г. Посета на претседателот на Владата на РМ, Бранко Црвенковски на Вашингтон. Средби со потпретседателот Ал Гор и секретарот за одбрана, Вилијам Коен; .
- мај 1999 г. Посета на Хилари Клинтон, сопруга на претседателот Бил Клинтон. Средби со претседателот Киро Глигоров и претседателот на Владата, Љупчо Георгиевски;
- јуни 1999 г.. Посета на Претседателот на САД, Бил Клинтон. Остварена средба со претседателот Kиро Глигоров;
- мај 2001 г. Посета на претседателот на Р. Македонија, Борис Трајковски на САД. Средба со претседателот Џорџ Буш и со државниот секретар, Колин Пауел;
- октомври 2005 г. Посета на претседателот на Владата на РМ, Владо Бучковски, министерката за надворешни работи, Илинка Митрева и министерот за економија Фатмир Бесими на Вашингтон. Остварени средби со претседателот Џорџ Буш, државниот секретар Кондолиза Рајс, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и сенаторите: Ричард Лугар, Џон МекКејн, Џорџ Воинович и Чак Хејгел
- јули 2007 г. Посета на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, на Вашингтон. Средби со државниот секретар Кондолиза Рајс и претставници на Белата куќа, Сенатот, Претставничкиот дом и дијаспората
- февруари 2011 г., Посета на претседателот на Владата на Р. Македонија, Никола Груевски и на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски на Вашингтон. Остварена средба со потпретседателот на САД Џозеф Бајден
- февруари 2012 г. Работна посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Вашингтон;
Canada Дипломатски односи со Канада
Macedonia

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Канада се воспоставени на 4 јули 1996 година (со референцата). На 04.6.1997 г. во Отава почнува со работа Амбасадата на Р. Македонија. Вршител на должност беше Јордан Веселинов, кој во 1998 година стана првиот амбасадор на Р. Македонија во Канада.

Република Македонија им придава особено значење на успешниот развој и натамошното унапредување на севкупните односи со пријателска Канада, на билатерален и на мултилатерален план. Билатералните односи бележат многу позитивен развој и нагорна тенденција.

На 18 септември 2007 г., Канада ја донесе одлуката за признавање и користење на уставното име во билатералната комуникација со Република Македонија, што подразбира и склучување билатерални договори меѓу двете држави. Двете земји остваруваат економска соработка, која е во постојан подем. Република Македонија најмногу увезува месо од Канада, а најмногу извезува текстил. Постои и интензивна културна соработка, со гостување и размена на голем број уметници од областа на музиката, филмот, театарот, сликарството и литературата.

Во Канада постои голема македонска заедница. Многу е важно да се нагласи значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, која претставува мост за унапредување на врските меѓу двете држави, и наедно, извор за зголемување на трговската размена, како и директните странски инвестиции во Република Македонија.

Односите меѓу двете земји се пријателски, за што говорат и посетите на високо и највисоко ниво, меѓу кои се издвојуваат:

- работната посета на министерот за надворешни работи на Р. Македонија, Антонио Милошоски на Канада од 10 до 12.2.2008 г.
- посетата на спикерот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, Питер Миликен на Р. Македонија од 19-21.4.2008 г.
- работната посета на претседателот на Владата на Р. Македонија Н. Груевски на Канада од 25- 29.8.2009 г.
- официјалната посета на претседателот на Собранието на Р. Македонија Т. Вељановски на Канада од 1-7.11.2010 г.
- посетата на претседателот на Р. Македонија Ѓ. Иванов на Торонто, Хамилтон, Маркам и Отава од 18-24.4.2013 г
- официјалната посета на Спикерот на Сенатот на канадскиот Парламент, Ноел Кинсела на Р. Македонија од 04-07.09.2013 г.
China Дипломатски односи со Народна Република Кина
Macedonia

Односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправноста на двете земји.

Република Македонија и Народна Република Кина воспоставија дипломатски односи на 12 октомври 1993 г. на ниво на амбасади. На 18 јули 1994 г., првиот амбасадор на Република Македонија во Пекинг, Н.Е. г. Владимир Петковски му ги предаде акредитивните писма на кинескиот претседател Н.Е. г. Џијанг Цемин.

Политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

- работна посета на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на НР Кина, во октомври 2013 г., при што беше остварена средба со претседателот на НР Кина, Си Џинпинг
- работна посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Кина во мај 2012 г., средба со премиерот на НР Кина, Вен Џиабао
- работна посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Кина во јуни-јули 2013 г., при што беа остварени средби со претседателот на НР Кина, Си Џипинг и премиерот на НР Кина, Ли Кечијанг

Република Македонија и НР Кина одржуваат и развиени билатерални економски и културни односи, кои во моментов се на историски највисоко ниво. НР Кина формира кредитен фонд од 10 милијарди американски долари за земјите од Централна и од Источна Европа („Варшавска иницијатива“, април 2012 година) за инфраструктурни проекти. Македонија е првата држава што потпиша конкретен договор за искористување на дел од средствата што ќе бидат наменети за изградба на двете нови автопатски делници Миладиновци - Штип и Кичево - Охрид, вредни 580 милиони евра.

Добрата билатерална договорна состојба е предуслов за воспоставување и проширување на севкупната билатерална соработка. Во оваа насока, РМ и НР Кина имаат склучено повеќе договори, меѓу кои:

- Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на НР Кина за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија во однос на данокот од доход и данокот на капитал (9 јуни 1997);
- Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на НР Кина за поттикнување и заемна заштита на инвестициите (9 јуни 1997)
- Спогодба за соработка во полето на здравството и медицината меѓу Владата на Република Македонија и Владата на НР Кина (27 април 2002)
Japan Дипломатски односи со Јапонија
Macedonia

Република Македонија и Јапонија негуваат традиционално добри и пријателски билатерални односи. Во 2014 година, двете земји одбележуваат 20-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи (воспоставени на 1 март 1994 година).

Позитивниот тренд во развојот на севкупните билатерални односи придонесе токму во јубилејната 2014 година, Република Македонија да го наименува својот прв резидентен вонреден и ополномоштен амбасадор во Јапонија, д-р Андријана Цветковиќ. Резидентна Амбасада на Република Македонија во Токио беше отворена на 21 мај 2013 година, што даде квалитетен и значаен придонес во проширувањето на постојната, но и воспоставување соработка во повеќе нови области од заемен интерес.

Политичките билатерални односи бележат континуиран нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

Континуираната јапонска поддршка и развојна помош на Република Македонија овозможи во изминатите дваесет години во Република Македонија да бидат направени значајни подобрувања во многу витални области за држава

- посета на претседателот на Република Македонија, г. Борис Трајковски на Јапонија во октомври 2003 г.
- посета на министерката за надворешни работи Република Македонија, Илинка Митрева на Јапонија во јули 2003 г.
- посета на министерот за надворешни работи Република Македонија, Антонио Милошоски на Јапонија во април 2011 г.
- работна посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Јапонија (прва посета на ниво на премиер) во ноември-декември 2011 г.
- посета на парламентарниот заменик-министер за надворешни работи М. Киучи на РМ на 1 април 2013 г.
- посета на парламентарниот заменик-министер за надворешни работи Такако Макино на РМ во февруари 2014 г.
Australia Дипломатски односи со Австралија
Macedonia

Република Македонија и Австралија воспоставија дипломатски односи на 20 октомври 1995 година.

И покрај географската оддалеченост, Република Македонија му придава големо значење на унапредувањето на севкупните билатерални односи со Австралија. На 16 јуни 2003, г. Република Македонија ја отвори својата Амбасада во Канбера, а на 28 октомври 2003, г. Н.Е. г. Виктор Габер ги предаде акредитивните писма, како прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во австралиската заедница.

Македонија и Австралија ги поврзува големата македонска дијаспора, која е петта најбројна неазиска дијаспора во Австралија, и која е значаен и активен дел од австралиското општество. Токму дијаспората е мостот меѓу нашите две далечни државни, но и врата за развој на односите и остварувањето на стратегиските заложби кон Австралија. Поради ова, Република Македонија му придава големо значење на продолжувањето на дијалогот на високо ниво, преку размена на посети и средби. Приоритет се става како на продлабочување на билатералните политички односи, кои се добри и пријателски, така и на економските, каде што потенцијалот за соработка е голем.

Значаен чекор кон ова беше потпишувањето на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Австралија за социјално осигурување во октомври 2009 г., потпишан за време на официјалната посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Австралија.

Парламентарната соработка меѓу двете држави е на задоволително ниво. Постојат групи за соработка во двата парламента што работат на натамошно продлабочување на односите и соработката, а значаен импулс на соработката даде официјалната посета на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски на Австралија заедно со делегација од Собранието на Република Македонија во февруари 2012 година.

Амбасадор на Република Македонија во Австралија од септември 2013 г. е Н.Е. г. Веле Трпевски, а на Австралија во Република Македонија, со седиште во Белград, од март 2014 година е Н.Е. г-ѓа Џулија Фини.

Russia Дипломатски односи со Руската Федерација
Macedonia

Односите меѓу Република Македонија и Руската Федерација ги карактеризира позитивен развоен тренд, со посебен акцент на динамичниот и континуиран политички дијалог на сите нивоа и развиена економска соработка, особено во енергетската сфера.

Дипломатските односи се воспоставени на 31 јануари 1994 година, а на 19 октомври 1994 година, првиот амбасадор на Република Македонија во Москва, Н.Е. г. Гане Тодоровски му ги предаде акредитивните писма на рускиот претседател, Борис Елцин.

Особено карактеристични за билатералните односи се континуираните заложби за градење висок степен на политички дијалог, што се потврдува со зголемената размена на посети, меѓу кои:

- Работна посета на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на Руската Федерација, во февруари 2014 година;
- Посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Руската Федерација, во јули 2013 година
- посета на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски на Руската Федерација, во јануари 2013 година.

Р. Македонија е особено заинтересирана за унапредување на економската соработка, трговската размена и привлекување директни руски инвестиции. Позитивен импулс во таа насока внесе Седмата седница на Мешовитата меѓувладина комисијата за трговско-економска соработка, која се одржа во октомври 2013 година во Скопје.

Мошне богата е нормативно-правната рамка меѓу двете земји. Во оваа насока, позначајни за одбележување се следниве билатерални документи:

- Декларацијата за пријателски односи и соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација (потпишана во Москва на 27 јануари 1998 година)
- Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврските на поранешна СССР спрема Република Македонија во пресметките сврзани со стоковната размена меѓу поранешната СССР и поранешната СФРЈ.
- Спогодба за основање и услови за работа на културно-информативни центари во Москва и Скопје (јануари 2013 година);
- Спогодба за соработка при изградба на гасоводот - крак за испорака на руски гас за Република Македонија (јули 2013 година);
- Спогодба за заемно признавање на дипломите и титулите (јуни 2012 година).
Ukraine Дипломатски односи со Украина
Macedonia

Односите меѓу Република Македонија и Украина од нивното осамостојување ги карактеризира дух на пријателство, доверба, отсуство на отворени или спорни прашања, како и соработка во голем број области од заемен интерес.

Дипломатските односи се воспоставени на 20 април 1995 г., а во 1997 година, првиот амбасадор на Република Македонија во Киев, Владо Блажевски, ги предаде акредитивните писма.

Основна карактеристика на билатералните односи се континуираните заложби за градење политички дијалог на високо и највисоко ниво, со посебен акцент на натамошно продолжување на меѓусебните контакти и интензивирање на размената на посети на високо и највисоко ниво, кои беа мошне интензивни во првата деценија од воспоставување на односите.

Од меѓусебните посети во поново време би можеле да се издвојат:

- официјална посета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на Украина, од 3 до 5 ноември 2010 г.
- официјална посета на министерот за надворешни работи на Република Македонија, А. Милошоски на Украина, во октомври 2008 г.

Р. Македонија е особено заинтересирана за унапредување на економската соработка, трговската размена и привлекувањето украински инвестиции. Меѓу двете земји е изградена мошне богата нормативно-правната рамка, од која меѓу позначајни за одбележување се следниве билатерални документи:

- Договор за трговска и економска соработка
- Спогодба за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија по во однос на даноците од доход и на капитал
- Договор за поттикнување и заемна заштита на инвестиции
- Договор за слободна трговија,
- Спогодба за соработка во областа на образованието
- Спогодба за соработка во областа на културата
Kazakhstan Дипломатски односи со Република Казахстан
Macedonia

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Kазахстан ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување. Дипломатските односи меѓу двете земји се воспоставени на 1 јуни 1995 година, а првиот македонски амбасадор Трајан Петровски ги предаде акредитивните писма во Астана, во октомври 1996 година.

Р. Македонија е мошне заинтересирана за продлабочување и интензивирање на соработката меѓу двете земји и за нејзино позначително економско присуство на пазарите на тој регион.

Претседателот на Р. Македонија, Ѓ. Иванов во јули 2012 година престојуваше во прва официјална посета на Република Казахстан, а по покана на премиерот на Р. Казахстан, висока владина делегација, предводена од претседателот на Владата на Р. Македонија, Никола Груевски, на 23 и 24 мај 2013 г. престојуваше на работна посета на Казахстан.

Во поглед на билатералната договрна состојба, меѓу Р. Македонија и Р. Казахстан, меѓу другите, се потпишани и следниве важни договори:

- Договор за одбегнување двојно оданочување и заштита од фискална евазија во однос на даноците од доход и капитал,
- Договор за поттикнување и заемна заштита на инвестиции,
- Договор за економска соработка

Се очекува заокружувањето на договорната рамка да биде поттик за поврзување меѓу стопанските субјекти на двете држави, а постои и заинтересираност и за соработка во доменот на образованието и науката.

Azerbaijan Дипломатски односи со Република Азербејџан
Macedonia

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан се воспоставија на 28 јуни 1995 година. Првата македонски амбасадорка Мелпомени Корнети му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Р. Азербејџан, Илхам Алиев на 6 март 2007 година, во Баку.

Билатералните односи меѓу двете земји ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и обостран интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување. Во овој контекст, од страна на Р. Македонија постои заинтересираност и подготвеност за интензивирање на билатералната соработка во повеќе области, особено во економската (енергетиката – класични и алтернативни извори, инфраструктурата – особено гасоводите, туризмот, градежништвото, земјоделството и сл.), како и други области од заеднички интерес.

Политичките односи меѓу двете земји бележат нагорен тренд. На 28 и 29 јуни 2012 г. претседателот Ѓ. Иванов учествуваше на Меѓународниот форум Кран Монтана во Баку, при што оствари одвоена средба со претседателот И. Алиев. И македонскиот премиер, Н. Груевски, на чело на висока владина делегација, на 18 и 19 април 2013 година престојуваше во официјална посета на Р. Азербејџан, при што, освен средби со највисокото азербејџанско раководство (претседателот И. Алиев, премиерот А. Расизаде и др.) ги претстави (бизнис-форум) пред азербејџанските бизнисмени на условите и можностите за инвестирање во македонското стопанство.

Со цел да се создаде правна основа за проширување на економската соработка меѓу Р. Македонија и Р. Азербејџан, потпишани се договори за избегнување на двојно оданочување и заштита од фискална евазија во однос на даноците од доход и капитал, како и поттикнување и заемна заштита на инвестиции.

India Дипломатски односи со Република Индија
Macedonia

Република Македонија и Република Индија воспоставија дипломатски односи на 9 февруари 1995 г. Билатералните односи меѓу двете држави се развиваат по нагорна линија, особено по отворањето на Амбасадата на Република Македонија во Њу Делхи на 7 октомври 2008 г.

Амбасадор на Индија во Република Македонија, со седиште во Софија, е Дивијаб Манчанда, кој му ги предаде акредитивните писма на претседателот на РМ Ѓ. Иванов на 28 јануари 2010 година. За амбасадор на Р. Македонија во Индија е наименуван Тони Атанасовски.

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Индија ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање, како и подготвеност за унапредување на соработката. Интересот на РМ за интензивирање на соработката со Индија произлегува од положбата и геополитичкиот план на Индија во глобални рамки.

Политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

- претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски придружуван од владина делегација, од 4 до 8 март 2012 г. престојуваше во работна посета на Република Индија., при што се одржани бизнис-форуми во Њу Делхи, Пуне и Мумбаи, организирани во функција на презентирање на инвестициските можности и поволности што ги нуди Република Македонија пред заинтересираните индиски бизнисмени
- претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, придружуван од парламентарна делегација од 3 до 9 март 2013 година, престојуваше во официјална посета на Република Индија по покана на спикерот на Долниот дом на Парламентот на Индија, Меира Кумар
- првата официјална посета на Индија на ниво на МНР на РМ е посетата на министерот А. Милошоски остварена од 20 до 24 јануари 2009 г, по покана на министерот за надворешни работи на Индија П. Мукерџи
- по покана на министерот за надворешни работи Попоски, државниот министер за надворешни работи на Република Индија, г-ѓа Пренит Кор, придружувана од економска делегација сочинета составена од видни индиски бизнисмени, на 10 и 11 јули 2012 година, престојуваше во прва министерска посета на Република Македонија
- Министерот за надворешни работи Попоски престојуваше во официјална посета на Индија од 14 до 18 декември 2013 г. и оствари средба со министерот за надворешни работи на Индија, г. Салман Куршид и државната министерка за надворешни работи на Индија, г-ѓа Пренит Кор
Israel Дипломатски односи со Државата Израел
Macedonia

Билатералните односи меѓу Р. Македонија и Државата Израел ги карактеризира висок степен на пријателство, меѓусебно разбирање и задоволително ниво на политички односи, кои континуирано се негуваат преку одржување редовни политички консултации, размена на посети на високо и највисоко ниво, како и продлабочување на соработката и во други области. Акцентот во билатералната комуникација е ставен на економската соработка, особено во рамките на програмата МАШАВ, која сè повеќе се унапредува.

Република Македонија и Државата Израел воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасадори на 7 декември 1995 г. Во јануари 2008 г., Владата на Република Македонија донесе одлука за отворање Канцеларија за врски во Државата Израел, која веќе во јуни, беше заменета со Одлука за трансформација на Канцеларијата за врски во Амбасада и со предложен кандидат за шеф на оваа дипломатска мисија. На 30 септември 2009 г., Пајо Авировиќ му ги предаде акредитивните писма на претседателот Шимон Перес, како прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ во Државата Израел, со седиште во Тел Авив.

Политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

- официјалната посета на министерот за надворешни работи Н. Попоски на Државата Израел, во периодот 29 април - 3 мај 2012 г., кога освен средбата со својот домаќин, заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Д. Израел, Авигдор Либерман, беше примен и од израелскиот претседател, Шимон Перес
- 21-23 јуни 2012 – Учество на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на Претседателската конференција „Facing tomorrow“ што се одржа во Ерусалим
- 20-23 декември 2010 - Претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски престојуваше во официјална посета на Државата Израел, а во состав на делегацијата беа и пратениците П. Трајанов, претседател на Пратеничката група за соработка со парламентот на Државата Израел и членовите на групата, С. Грковска и Џ. Адеми
- 3-5 мај 2010 г. - Заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Државата Израел, Авигдор Либерман, придружуван од делегација од Министерството за надворешни работи на Државата Израел и група израелски бизнисмени, престојуваше во официјална посета на Република Македонија. Ова претставува прва посета на високо ниво од Израел и прва посета на израелски министер за надворешни работи на Република Македонија
- 4-6 јануари 2010 - Официјална посета на Државата Израел на претседателот на Владата на РМ Никола Груевски, придружуван од заменик-претседател на Владата на РМ Владимир Пешевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и од директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо

Во функција на динамизирање и заживување на економската соработка меѓу РМ и Израел ќе биде претстојното потпишување на Договорот за избегнување двојно оданочување и Договорот за промоција и заемна заштита на инвестиции. Посебно силни потенцијали за соработка постојат во областа на земјоделството, менаџирањето со водни ресурси, прехранбената индустрија, туризмот итн. Израелските компании покажуваат особен интерес за отворање на мешовити фирми за производство на здрава земјоделска храна, пред сè, за извоз на трети пазари.

Jordan Дипломатски односи со Хашемитското Кралство Јордан
Macedonia

Билатералните односи и соработка меѓу Р. Македонија и ХК Јордан се карактеризираат со меѓусебно разбирање и почитување, со заемна желба за нивно значително унапредување и продлабочување. Република Македонија и Хашемитското Кралство Јордан воспоставија дипломатски односи на 15.9.2000 година. Во февруари 2002 година, Н.Е. г. Муса Браизат беше наименуван за прв нерезидентен амбасадор на Х.К. Јордан во Р. Македонија со седиште во Анкара. Во мај 2013 година, г. Ненад Колев, директор во МНР на Р. Македонија, беше назначен за специјален претставник на министерот за надворешни работи Никола Попоски за Х.К. Јордан, со седиште во Каиро за период од 3 месеци.

Правна рамка за регулирање на трговските односи меѓу Македонија и Јордан се всушност правилата и принципите на СТО. Р. Македонија стана полноправна членка на СТО на 4 април 2003 година, а Јордан е членка од 11 април 2000 година.

Во организација на Министерството за надворешни работи и Дирекцијата за технолошки индустриски зони, како и во соработка со стопанските комори на Р. Македонија, во периодот од 12 до 14 септември 2013 година, во Република Македонија престојуваа претставници на Стопанската комора на Јордан, членови на Јорданската европска бизнис-асоцијација и бизнисмени од разни сектори . За време на посетата беа потпишани следниве договори:

- Договор за соработка меѓу Јорданската европска бизнис-асоцијација и Стопанската комора на Македонија
- Договор за соработка меѓу Стопанската комора на Јордан и Стопанската комора на Македонија
- Договор за воспоставување Јорданско-македонски бизнис-совет меѓу Јорданската европска бизнис-асоцијација и Стопанската комора на Македонија
- Договор за соработка меѓу Јорданската европска бизнис-асоцијација и Стопанската комора на северозападна Македонија
- Договор за соработка меѓу Стопанската комора на Јордан и Стопанската комора на северозападна Македонија
- Договор за воспоставување Јорданско-македонски бизнис-совет меѓу Јорданската европска бизнис-асоцијација и Стопанската комора на северозападна Македонија
- Меморандум за соработка меѓу Сојузот на стопански комори на РМ и Стопанската комора на Јордан
Qatar Дипломатски односи со Државата Катар
Macedonia

Билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар бележат високо ниво на интерес од двете страни за унапредување на севкупната соработка, а особено соработката на економски план.

Република Македонија и Државата Катар воспоставија дипломатски односи на 25 јуни 1996 година. Во 2005 г. Владата на РМ донесе Одлука за отворање Амбасада на Република Македонија во Доха. Амбасадата почна да функционира во април 2006 година и активно дејствува во интензивирање на целокупната соработка со Катар. Актуелен амбасадор на Република Македонија во Државата Катар е Фуад Хасановиќ, кој ги предаде акредитивните писма во 2010 година. Во ноември 2012 г. Државата Катар отвори Амбасада во Р. Македонија на ниво на вршител на работите, а во втората половина на 2013 година беше наименуван Н.Е. Хасан Бин Абдула Заид Ал-Махмуд како ополномоштен амбасадор на Д. Катар во Р. Македонија, со што се заокружува процесот на отворање Амбасада на Катар во нашата земја и се отвораат нови можности за соработка.

Акцентот на билатералните односи меѓу Р. Македонија и Државата Катар е ставен на унапредување на економската соработка, особено на привлекување катарски инвестиции во Р. Македонија.

Политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

- март 2012 г., официјална посета на претседателот на Владата на Р. Македонија Никола Груевски на Д. Катар (прва официјална посета на македонски премиер на Катар)
- јануари 2013 г, официјална посета на претседателот на Р. Македонија Ѓорѓе Иванов на Државата Катар
- посетата на заменик-претседателот на Владата на Р. Македонија М. Џафери на Државата Катар на 14 јануари 2013 г.
Kuwait Дипломатски односи со Државата Кувајт
Macedonia

Република Македонија и Државата Кувајт воспоставија дипломатски односи на 16 јуни 1997 година. Во март 2005 г. Државата Кувајт го акредитираше актуелниот амбасадор Абдула Ал-Дувајх како прв нерезидентен амбасадор во Р. Македонија, со седиште во Анкара, додека во октомври 2012 г., амбасадорот на РМ во Државата Катар, Фуад Хасановиќ ги предаде акредитивните писма, како вонреден ополномоштен и нерезидентен амбасадор на Р. Македонија во Државата Кувајт, со седиште во Доха.

Политичките односи се засноваат врз мал број посети и средби на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

- во октомври 2011 година, парламентарна делегација на Кувајт оствари посета на Република Македонија
- во јуни 2000 г. министерот за надворешни работи А. Димитров престојуваше во дводневна официјална посета на Кувајт

Акцентот на билатералните односи меѓу Р. Македонија и Државата Кувајт е ставен на унапредување на економската соработка, особено, на привлекување кувајтски инвестиции во РМ.

Правната рамка за стопанско - трговската соработка меѓу двете земји е воспоставена со склучувањето на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Државата Кувајт за економска и техничка соработка склучена на 12 јуни 2000 година, ратификувана на 23 јануари 2002 година. Од другите позначајни договори, се издвојуваат Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, како и за избегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија во однос на данокот од доход и данокот на капитал.

United-Arab-Emirates Дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати
Macedonia

Билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање, но и присуство на огромен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес.

Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасадори на 27 мај 1996 г. На почетокот билатералните контакти со Обединетите Арапски Емирати се одвиваа преку нашите амбасади во Лондон и Рим, сè до акредитирањето на амбасадорот на Р. Македонија во Анкара, Трајан Петревски, за прв нерезидентен амбасадор во Обединетите Арапски Емирати во 1997 г.

На 29 јуни 2013 г. Владата на Р. Македонија донесе одлука за отворање Амбасада на Р. Македонија во Обединетите Арапски Емирати со седиште во Абу Даби. Побаран е агреман до МНР на ОАЕ за новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Р. Македонија во Абу Даби, Сашо Ташевски.

Политичките односи се засноваат врз незначителна размена на посети и средби на високо и највисоко ниво во изминатите неколку години, меѓу кои:

- 06-11 мај 2014 - Македонска делегација предводена од министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, амбасадорот во Индија Тони Атанасовски и директорот на Агенција за странски инвестиции Висар Фида учествува на најголемиот Глобален инвестициски самит во Дубаи.
- 11 јуни 2013 – Посета на министерот за економија на Обединетите Арапски Емирати, Султан бин Саеед Ал Мансури на Р. Македонија. Остварена средба со претседателот на Владата на Р. Македонија Никола Груевски.
- 28-30 март 2012 –Посета на министерот за странски инвестиции, Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-инустриски зони, Виктор Мизо на ОАЕ.
- Јуни 2009 - Делегација на ОАЕ предводена од министерот за надворешни работи на ОАЕ, Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан оствари посета на Р. Македонија.

Акцентот на билатералните односи меѓу Р. Македонија и ОАЕ е ставен на унапредување на економската соработка, особено, на привлекување арапски инвестиции во Р. Македонија. Во тој контекст, за поздравување е инвестицијата на фирмата Apple Land од Дубаи и изградбата на откупно-дистрибутивен центар и ладилник за јаболка во Ресен, за која се надеваме дека ќе биде само почеток за натамошни други инвестиции, но и отвора нови работи места, што е и крајна цел на нашите економски политики.

Iran Дипломатски односи со Исламската Република Иран
Macedonia

Дипломатски односи меѓу Република Македонија и Иран на амбасадорско ниво се воспоставени на 10 март 1995 г. Политичките односи до 2003 г. се карактеризираа со позитивен развој, редовни разговори и средби на експертско и министерско ниво.

Со указ на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорги Иванов, од 7 март 2011 г. амбасадорот Тасковски е назначен за нерезидентен амбасадор на РМ во Иран. За прв резидентен амбасадор на ИР Иран во Р. Македонија е наименуван Н.Е. г. Саид Садег Мохаммади, кој ги предаде акредитивните писма на 8 февруари 2013 г.

Се бележат билатерални средби на ниво на министри за надворешни работи, на меѓународни конференции (за време на 54-тото ГС на ОН во Њујорк во 1999 г., на маргините на Исламската конференција во Куала Лумпур во јуни 2000 г. и на 55-то ГС на ОН во Њујорк во 2000 г).

Економските односи меѓу двете земји се далеку од можностите за вистинска соработка, иако се создадени предуслови за нејзина диверзификација. Доминантен облик на економската соработка е чиста трговска размена што ја карактеризира постојан трговски дефицит на македонската страна.

Р. Македонија во претходниот период се приклучи кон усвојувањето на голем број резолуции на СБ на ОН, со кои се наметнаа санкции против Иран поради несуспендирање на сите активности поврзани со збогатување и преработка на ураниум. Р. Македонија се надева дека Иран конечно ќе одговори на барањата на целата меѓународна заедница, изразени во резолуциите на СБ, како и на отворениот повик за соработка, упатен од страна на претседателот на САД Барак Обама. Македонија ги поздрави оптимистичните најави од Виена, по завршувањето на 3-та рунда нуклеарни преговори на Г5+1 и Иран во Виена на 9 април, 2014 г. Се очекува преговорите да завршат најдоцна до 20 јули 2014 г.

Syria Дипломатски односи со Арапска Република Сирија
Macedonia

Република Македонија и Сириската Арапска Република, воспоставија дипломатски односи на 23.9.2010 г. Соработката меѓу двете земји се одвива преку Амбасадата на Република Македонија во Анкара и Амбасадата на Сирија во Белград. Почесен конзул на Република Македонија во Сирија е Мазен Ибрахим Хамур.

Република Македонија од почетокот на сириската криза, силно ги поддржува напорите на меѓународната заедница за ставање крај на насилствата во Сирија, за демократски развој и за продолжување на реконструкцијата на земјата. Република Македонија се приклучува кон заложбата на ЕУ за поддршка на Сирија во периодот на транзиција, но и потоа, притоа целосно поддржувајќи ги напорите преземени од заедничкиот претставник на ОН и Арапската лига, Лакхдар Брахими, да се изнајде конечно мирно решение во Сирија, преку сеопфатна и демократска транзиција.

Република Македонија ги поддржува апелите до сириските власти за прекин на сите форми на насилство и репресија, и за обезбедување целосна поддршка на работата на Мисијата за набљудување на ОН (УНСМИС), и започнатиот процес на демократска транзиција во интерес на граѓаните на Сирија.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, г. Никола Попоски, на 1 април 2012 година во Истанбул, учествуваше на Втората конференција на групата Пријатели на сирискиот народ. Република Македонија континуирано и конструктивно учествува во работата на Конференциите на групата Пријатели на сирискиот народ.

Egypt Дипломатски односи со Арапска Република Египет
Macedonia

Република Македонија и Арапската Република Египет воспоставија дипломатски односи на 14 ноември 1994 г. На 30 мај 2000 г., Владата на Република Македонија донесе одлука за отворање Амбасада со седиште во Каиро. Амбасадата почна да функционира на 7 февруари 2001 г. Во 2004. г. Република Македонија го наименува и првиот резидентен амбасадор во Арапска Република Египет, Агим Лека. Од 1 април 2014, г. амбасадор на Република Македонија во Египет е Велибор Топаловски, а од 27 септември 2013, г. Манал Јахија Шинави на Арапската Република Египет во Република Македонија, со седиште во Софија.

Односите меѓу Република Македонија и Арапска Република Египет се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување. Амбасадата на Република Македонија во Каиро е единствено дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во Африка.

Политичките односи бележат нагорен тренд, а од размената на посети на високо и највисоко ниво во периодот од воспоставувањето на дипломатските односи до денес, се издвојуваат:

- првата официјална посета на Република Македонија на министерот за надворешни работи на Арапска Република Египет, Ахмед Абул Геит на 17 февруари 2010 година,
- официјална посета на Египет на шефот на македонската дипломатија Александар Димитров од 21 до 22 ноември 1999 г.

Меѓу позначајните билатерални договори, се издвојуваат спогодбите за соработка на полето на борба против криминалот, за научна и технолошка соработка и Протоколот за соработка меѓу министерства за надворешни работи на двете земји.

Morocco Дипломатски односи со Кралство Мароко
Macedonia

Република Македонија и Кралството Мароко воспоставија дипломатски односи на 18 септември 2002 г. Амбасадор на Кралството Мароко во РМ, со седиште во Софија, e Латифа Ахарбаш, која му ги предаде акредитивните писма на претседателот на РМ Ѓорге Иванов во октомври, 2013 г. Односите меѓу Република Македонија и Кралството Мароко се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување. Мароко ја смета Република Македонија за блиска земја, со која одлично соработува билатерално и во меѓународните организации.

Соработката доби на интензитет по реализирањето на првата официјална посета на претседателот на Владата на РМ Никола Груевски на Кралството Мароко на 11 и 12 мај 2010 г., на која оствари средба со својот домаќин, премиерот на Мароко, Абас Ел Фаси. Од 20 до 22 јуни 2012, г. во Скопје, се одржаа третите по ред политички консултации меѓу МНР на двете земји на ниво на државни секретари.

Република Македонија и Кралството Мароко имаат склучено договори за издбегнување на двојното оданочување и заштита од фискална евазија по однос на даноците од доход, како и за заемно поттикнување и заштита на инвестиции, кои претставуваат солидна основа за развивање на билатералната економска соработка.

Конзуларни услуги