ЕУ - членство

Полноправното членството на Република Македонија во Европската унија е еден од приоритетните стратегиски интереси на земјата. Република Македонија воспостави дипломатски односи со ЕУ во декември 1995 г., со што државата се легитимира како еден од партнерите од доверба и вистински сојузник на Европската унија, и тоа преку склучување на Спогодбата за соработка во 1997 г., Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 г. и стекнувањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 г. Стекнувањето на статусот земја-кандидат за членство во ЕУ беше политичко признание за постигнатиот напредок на земјата во остварувањето на реформските процеси и во градењето отворено, демократско општество, и со него беше означен влезот на Република Македонија во повисока фаза од процесот на европската интеграција.

Иако во 2013 Република Македонија ја доби петтата позитивна оцена од Европската комисија за напредокот на земјата во евро-интегративните процеси, сепак сè уште не е утврден датум за започнување на преговорите за членство во Унијата. Целта на Република Македонија е целосно да ги исполни европските стандарди за функционална демократија и просперитетна пазарна економија, со што ќе биде способна да ги преземе сите обврски што произлегуваат од членството во ЕУ. Агендата за пристапување на државата во ЕУ јасно се рефлектира во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (законодавни измени и мерките за институционално зајакнување на краток и на среден рок), во Претпристапната економска програма (мерки за исполнување на Копенхашките економски критериуми) и во Националниот план за развој (инвестициски приоритети за остварување на развојните цели на државата) –- документи, кои редовно, на годишна основа, се приспособуваат согласно со препораките од Европската комисија.

Клучен непосреден приоритет на Република Македонија е започнување на пристапните преговори што е можно поскоро. Добивањето акредитација за децентрализирано управување со преостанатата компонента од ИПА-програмата е исто така важна непосредна цел во односите со ЕУ.

  • Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија +

    Позитивната оцена на Европската комисија (ЕК) во 2013 година, повторена (петта по ред) препорака за почеток на пристапните преговори покажа дека, и оваа година, Република Македонија постигна суштински напредок во евроинтегративниот процес. Пристапните преговори остануваат примарна цел и заложба на Република Македонија.

    Главни оцени за напредокот на Република Македонија во 2013 година (Извештајот беше објавен на 16 октомври 2013 година):

     -  препознат и признат напредокот во исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ;
     -  високо ниво на хармонизација со правото на ЕУ како земјата да е веќе во процес на преговори;
     -  ефикасно спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) со целосно исполнување на обврските (одржан 10-ти Состанок на ССА меѓу Република Македонија и ЕУ, 23 јули 2013 во Брисел);
     -  позитивна оцена за улогата на Македонија во негувањето на добрососедските односи и регионалната соработка; - повторена препораката за почеток на пристапните преговори
     -  комплексна и детална препорака за почеток на преговорите со паралелно решавање на спорот за името во раната фаза од преговарачкиот процес – скринингот.
  • Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската комисија +

    На 9 април 2013 година, се одржа четвртиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН), кој и натаму претставува значајна поддршка за пристапниот процес на земјата, со фокус на клучните реформски приоритети. Македонија постигна натамошни конкретни резултати на полето на спроведување на реформите во петте приоритетни области: слободата на изразување и на медиумите, владеењето на правото и фундаменталните права, реформата на јавната администрација, изборната реформа и зајакнувањето на пазарната економија.

  • Либерализација на визниот режим на ЕУ кон Република Македонија +

    Во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија, визната либерализација е една од клучните придобивки што се сметаат за еден од најзначајните чекори во натамошната европеизација на македонското општество.

    Тоа придонесе многу за олеснување на контактите меѓу луѓето, подобрување на бизнис-можностите и размена на стоки и добра, размена на идеи, унапредување на соработката во сите сфери на општественото живеење. Особено позитивно влијае врз образованието и стручната надградба на младите генерации коишто се сметаат за главни носители на развојот на Република Македонија во идна земја-членка на ЕУ

  • 1

Конзуларни услуги