НАТО - членство

I. Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република Македонија

датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција за влез на земјата во НАТО. Република Македонија, од корисник на безбедност, за кратко време прерасна во доверлив и компатибилен партнер на Алијансата, кој активно придонесува во безбедносните мисии на НАТО, ЕУ и ООН, во регионот и во светот.

На 15 ноември 1995 г. Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир (ПМ). Во тоа време, Република Македонија беше примена и во Северно-атлантскиот совет за соработка, подоцна Евро-атлантски партнерски совет. На 14 јуни 1996 г. беше отворена Канцеларија за врски на РМ, а при крајот на 1997 г. беше отворена и Постојаната мисија на РМ во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 г. на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекнува со статус кандидат за членство во Алијансата, со што започнува со подготовка и реализација на Акциониот план за членство (АПЧ).

Во 2002 година Република Македонија започна да учествува во меѓународни мировни мисии, и тоа во Авганистан во 2002 година, Ирак во 2003 година, во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина во 2006 година и мисијата на ООН во Либан. Во последната шестмесечна ротација, Република Македонија учествува со 174 лица, што е приближно 3 % од севкупниот персонал на копнените сили на АРМ, распоредени во три меѓународни операции: ИСАФ, АЛТЕА и УНИФИЛ. Република Македонија ја реафирмираше подготвеноста во рамките на своите можности и мандатот даден од Алијансата и во иднина активно да учествува во заедничките напори во рамките на идната мисија на НАТО во Авганистан, по 2014 година „Одлучна поддршка“, во насока на обука, советување и давање помош на авганистанските безбедносни сили. Од регионален аспект, Република Македонија сè уште им дава целосна логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово преку Координативниот центар за поддршка на КФОР во Скопје.

На последниот Самит на НАТО во Чикаго (мај 2012), членките на Алијансата се повикаа на договорот од Самитот на НАТО во Букурешт (април 2008), каде што беше потврдена подготвеноста на земјата за полноправно членство во НАТО, со услов дека поканата за членство да биде испратена до Република Македонија веднаш штом ќе биде постигнато взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН, притоа повикувајќи на интензивирање на напорите кон реализирање на таа цел.

Од регионален аспект, значаен датум е 2 мај 2003 г., кога со поддршка на САД, Македонија, Албанија и Хрватска во Тирана ја потпишаа Повелбата за партнерство (или т,н. САД-Јадранска повелба), со што практично беше договорена регионалната соработка во НАТО контекст, а со цел стабилизација, просперитет и евро-атлантско интегрирање на земјите од регионот. По Самитот на НАТО во Букурешт, Повелбата се прошири со земјите аспиранти за членство, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Во рамките на НАТО, Република Македонија по трет пат претседава со Групата за безбедносната соработка во ЈИЕ (SEEGROUP). Претседавањето со SEEGROUP во 2014 година претставува одлична можност за промоција на Република Македонија пред Самитот на НАТО во Кардиф, како земја што придонесува за стабилноста и безбедноста на регионот, презема одговорност во регионалните иницијативи и е лојален сојузник на НАТО.

Во политичкиот дел, актуелен е статусот на Република Македонија во рамките на Акциониот план за членство во НАТО, додека во воено-одбранбениот сегмент, актуелен е статусот на Процесот на планирање и анализа во одбраната. Република Македонија продолжува со реализација на акционите планови за членство во Алијансата и со спроведување на севкупните домашни реформски процеси, неопходни за добивање покана за членство во НАТО.

Во очекување покана за членство во НАТО, најголем акцент остануваат натамошното развивање и унапредување на односите и соработката со Алијансата и нејзините земји - членки, како во делот на оперативната и партнерската соработка, така во рамките на процесот на целосна интеграција во Алијансата.


 II. Директоратот за политичко-безбедносна соработка во МНР

е надлежен за политичките аспекти во соработката на Република Македонија со НАТО.

Главни надлежности на Директоратот за политичко-безбедносна соработка се:

  • унапредување на односите на Република Македонија со НАТО, со земјите-членки на Алијансата и земјите што се во процес на интеграција;
  • одржување и развивање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и НАТО;
  • соработка и координација во рамките на надлежностите на Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО;
  • соработка и координација со други владини институции, а особено со организациските единици во Министерство за одбрана што се задолжени за НАТО;
  • активности предвидени со Акциониот план за членство во НАТО (АПЧ) и Годишната национална програма за членство во НАТО (ГНП);
  • како и билатерална и мултилатерална соработка со државите од регионот за прашања од политичко-безбедносен аспект.

Директоратот е поделен на два сектора, и тоа:

  • Сектор за НАТО и следење и планирање на операции и
  • Сектор за меѓународна и регионална политичко-безбедносна соработка.

Во рамките на реализацијата на АПЧ, Директоратот за политичко-безбедносна соработка, на редовна основа ја координира Работната група на Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО. Во тек е спроведување на 15-от циклус на Акциониот план за членство. По нејзиното усвојувањето на седница на Влада на РМ, Годишната национална програма на Република Македонија за членство НАТО 2013-2014 (ГНП), беше презентирана во седиштето на НАТО во Брисел, на 17 декември 2013 г. Во неа се опфатени стратегиските реформски цели на Владата на Република Македонија во петте предвидени поглавја:

  1. Политичко-економски прашања;
  2. Одбранбено-воени прашања;
  3. Ресурси во одбраната;
  4. Безбедносни прашања и Правни прашања;
  5. Приоритетите и активностите за нивно реализирање.

Во април 2014, г. експертски тим на НАТО, изврши процена на степенот на реализација на целите и активностите презентирани во ГНП за членство на РМ во НАТО 2013-2014 г., при што беа искажани позитивни цени за напредокот на Република Македонија.


GNP -Icon  Годишна програма на Република Македонија за членство во НАТО 

  2014-2015

  Преземете

Конзуларни услуги