Обединети Нации

Република Македонија стана членка на Обединетите нации на 8 април 1993 година (Резолуција на Генералното собрание A/RES/47/225). Членството, втемелено врз основните принципи и постулати на Повелбата на ОН, во континуитет ги креира аспектите на мултилатералната димензија на надворешната политика на Република Македонија. Во таа рамка, започнатиот процес за етаблирање и позиционирање на Република Македонија на меѓународната сцена од 1991 година се трансформира во препознатливост на принципиелен и одговорен член на меѓународната заедница.

Воспоставената дипломатска комуникација и соработка во континуитет се зајакнува со активен ангажман и придонес во сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ОН. Република Македонија останува доследна на своите заложби за почитување на човековите права, разоружување и непролиферација на оружје, борба против тероризмот, климатските промени, одржлив економски развој, имплементација на милениумските развојни цели, реформа на системот на ОН со цел ефективно справување и решавање на актуелните глобални предизвици и закани по меѓународниот мир и безбедност. Настојувањата на Република Македонија за унапредување на нејзиниот профил како активен и одговорен меѓународен фактор наоѓа потврда со учеството на Република Македонија во мировната мисија на ОН во Либан – UNIFIL, како и со зголемените активности по изборот на Република Македонија во Советот за човекови права на ОН за периодот 2014-2016 година.

Досега најголема потврда за придонесот на Република Македонија во зајакнувањето на мултилатерализмот, како клучен инструмент за промоцијата на фундаменталните вредности на мирот, демократијата, човековите права и развојот беше изборот на д-р Срѓан Керим за претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на ОН во 2007 година. Неговото претседателство со Генералното собрание, што заврши на 15 септември 2008 година, придонесе за придвижување на низа клучни теми во рамките на ОН, со посебен акцент врз климатските промени и еколошкиот менаџмент, реформата на менаџментот на Организацијата, имплементацијата на милениумските развојни цели, стратегијата за борбата против тероризмот, ревитализација на Генералното собрание и одлуката за започнување меѓувладини преговори за надминување на разликите по прашањето за реформа на Советот за безбедност. Како резултат на посебниот фокус ставен врз прашањето на климатските промени, по завршувањето на 62-то ГС, генералниот секретар на ОН го наименува д-р Срѓан Керим за негов специјален пратеник за климатски промени, со што стана првиот македонски специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации.

Република Македонија има постојан позитивен и активен однос кон ОН и во рамките на своите можности учествува во работата на организацијата, како на Пленумот, така и во сите комитети, комисии и формални и неформални групи на кои им припаѓа. Република Македонија редовно учествува на генералната дебата на Генералното собрание на ОН на највисоко ниво, како и во работата на редовните сесии на ГС, каде што ги застапува интересите на државата за сите прашања на дневен ред, а посебно оние од посебен интерес за РМ, и секогаш настојува да оствари соодветен профил на засилено учество во активностите на ОН. Република Македонија има посебна активност во однос на афирмацијата на нашите ставови во однос на состојбите во регионот и негова стабилизација, за преземање регионални мерки во борбата против тероризмот, илегалната трговија со мало и лесно оружје, за економската реконструкција на регионот, улогата и соработката со ОН, ЕУ, НАТО и ОБСЕ во регионот и имплементацијата на регионалните иницијативи и нагласената улога на Република Македонија во нив.

Во таа насока, основа на активностите на Република Македонија како земја со нагласена европска ориентација, кандидат за членство во ЕУ, реформски ориентирана, и цврсто определена за заштита на правата на човекот и во иднина останува да биде реафирмацијата на Република Македонија како мирољубива и активно ангажирана членка на ОН во меѓународните односи, постојано подготвена да дава придонес во јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, меѓународната соработка во сите области, како и за јакнењето на ОН.

Конзуларни услуги