ОБСЕ

Република Македонија стана членка на Организацијата за безбедност и соработка на Европа ( ОБСЕ ) на 12 октомври 1995 година. Република Македонија има сè поактивна улога во рамките на ОБСЕ, што се рефлектира преку претседавањето со Комитетот за економски прашања и за заштита на животната средина (во 2007 година), со избор на македонски дипломат за Шеф на Канцеларија на ОБСЕ во Ашгабат, Туркменистан (2009 година), како и со поставувањето македонски кадар за шефови на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за следење на изборите во Киргистан (2009), Ерменија (2012) и Белорусија (2012). Ова ја става Република Македонија во групата земји што прераснуваат од консументи на помош од оваа организација во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност. Република

Македонија претседаваше со Форумот за безбедносна соработка на ОБСЕ во периодот септември-декември 2012 година, а дел од приоритетите беа:

  • промоција на придонесот на регионот на ЈИЕ во градење на стабилноста и јакнење на мерките за доверба и безбедност;
  • наоѓање решение за замрзнатите конфликти;
  • имплементацијата на одлуките поврзани со мало и лесно оружје;
  • имплементацијата на Кодот за однесување за политичко воените аспекти на безбедноста;
  • регионалниот придонес за спроведување на резолуциите 1540 и 1325 на Советот за безбедност на ОН.

Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија е најстарата теренска мисија на организацијата. Започна со работа во септември 1992 година, со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. Активностите на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија се одвиваат во тесна соработка со македонските власти. По 2002 година, константно се одвива процесот на намалување на персоналот согласно со постигнатите резултати. Активностите на Мисијата се насочени во помош на институциите на Република Македонија за натамошно усогласување на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, како и за спроведувањето на другите реформи поврзани со процесот на интеграција во ЕУ.

Република Македонија остварува тесна соработка и со Канцеларијата за демократски институции и човекови права, Високиот комесар за национални малцинства, Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, како и со Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Конзуларни услуги