Совет на Европа

Република Македонија стана членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година. Република Македонија активно соработува со сите тела на СЕ (Комитетот за превенција на тортура, Венецијанската комисија, ЕКРИ, Комесарот за човекови права, итн.) и интензивно ги исполнува своите обврски што произлегуваат од членството во СЕ и Конвенциите на СЕ кон кои има пристапено. Во рамките на 18-годишната активна соработка на Република Македонија со Советот на Европа, претставници на владините институции редовно и активно учествуваат во работата на управните, ад хок комитетите и комитетите на експерти на Советот на Европа, чии состаноци се во функција на спроведување на меѓувладината програма на активности и хармонизирање на европските политики во сите сфери, освен одбраната.

Од мај до ноември 2010 година Република Македонија првпат претседаваше со Комитетот на министри на СЕ. Во рамките на своето шестмесечно претседавање, Република Македонија даде максимален придонес во насока на промоција на вредностите и стандардите на организацијата, како и за подобрување на нејзината политичка релевантност на меѓународната сцена. Приоритетите на македонското претседавање со Организацијата беа насочени кон: засилувањето на заштитата на човековите права, јакнењето на интеграцијата со почитувањето на различноста и промоцијата на младинската соработка.

Конзуларни услуги