Издавање патни исправи во дипломатско - конзуларните претставништва на Р. Македонија

КОНЗУЛАРНИ УСЛУГИ

ЗА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ

ЗА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ

Патна исправа на државјанин на Република Македонија што живее во странство може да биде издадена во следниве дипломатско-конзуларните претставништва:

Мелбурн, Канбера, Чикаго, Њујорк, Детроит, Торонто, Берлин, Бон, Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Берн, Лондон, Париз, Венеција, Виена и Љубљана.

Мобилни станици за администрирање патни исправи престојуваат во овие претставништва трипати годишно.

Распоредот на мобилните услуги и контактите до релевантните дипломатско-конзуларни претставништва е достапен на:

Распоред нa мобилни услуги во дипломатско-конзуларните претставништва >>

 

[ ! ] 1. ИЗДАВАЊЕ ПАТНА ИСПРАВА [...]

1. ИЗДАВАЊЕ ПАТНА ИСПРАВА

Согласно законската процедура, секој државјанин на Република Македонија, пред да поднесе барање до едно од надлежните дипломатко–конзуларно преставништва на Република Македонија, потребно е претходно да го најави својот интерес за добивање патна исправа. Кон барањето за издавање патна исправа, потребно е да се приложат следниве документи:

Првпат издавање патна исправа

  • Уверение за државјанство на РМ
  • Извод од Матичната книга на родените
  • Документ за идентификација издаден од надлежен орган во РМ или земјата на приемот
  • Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)

Редовна замена

  • Старата патна исправа со изминат рок
  • Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)

Дупликат патна исправа (поради губење, кражба или исчезнување)

  • Уверение за државјанство на Р. Македонија
  • Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)
  • Извод од Матичната книга на родените
  • Документ за идентификација издаден од земјата на приемот или од Р. Македонија (лична карта и сл.)
  • Потврда од полиција (преведена на македонски јазик) дека е пријавен пасошот за украден, изгубен или исчезнат
  • Лична изјава потпишана од странката дека патната исправа е изгубена, украдена или исчезната
  • Објавување на изгубената, украдената или исчезнатата патна исправа во Службен весник на РМ (може лично да се објави или да го сторат тоа роднини во градот на подрачната единица на МВР каде што е издадена патната исправа).

Предвремена замена (поради оштетеност, пополнетост, промена на лични податоци и др.)

  • Приложување на оригиналната патна исправа во ДКП на Република Македонија
  • Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)
  • Стариот валиден пасош се одзема и се доставува на проверка во МВР
  • Доколку се бара издавање нова патна исправа, а старата валидна патна исправа е со важност над 1 година во моментот на поднесување на барањето, старата важечка патна исправа се одзема и се доставува на проверка во МВР
  • Доколку се бара издавање нова патна исправа со промена на личните податоци, по барањето не се постапува доколку од страна на подносителот на издавањето на пасошот не се извршени промените на личните податоци во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и не се внесени во системот на мобилната станица

Поднесување барање за издавање патна исправа на малолетни лица

При поднесување барање за издавање патна исправа на малолетно лице, неопходно е присуство на двајцата родители во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија и извод од Матичната книга на родените на детето, со што ќе се потврди законскиот идентитет на родителите.

Доколку еден од родителите е спречен да присуствува, потребно е претходно да се приложи полномошно заверено во дипломатско-конзуларно претставништво на Р. Македонија, со кое едниот родител го овластува другиот родител во негово име да поднесе барање за издавање патна исправа за детето.

Доколку се работи за поднесување барање за издавање патна исправа за малолетно лице од разведени родители, потребно е родителот што е единствен старател на детето да приложи решение од местен надлежен суд дека е прогласен за единствен старател на детето.

Доколку бракот е склучен во странство и разводот е извршен во странство, пресудата треба претходно да биде преведена на македонски јазик и верифицирана од надлежен орган во Р. Македонија.

Доколку се работи за поднесување барање за малолетно лице за кое во изводот од Матичната книга на родените (ИМКР) во графата не е наведен еден од родителите (таткото), потребно е при поднесувањето на барањето да се приложи само ИМКР за детето.

[ ! ] 2. ИЗДАВАЊЕ ПАТЕН ЛИСТ [...]

2. ИЗДАВАЊЕ ПАТЕН ЛИСТ

Патен лист се издава на македонски државјани на кои рокот на важење на патната исправа е истечен, или патната исправа е оштетена, изгубена или украдена. Исто така, патен лист може да се издаде за новородено дете за кое сè уште нема извадено македонска патна исправа, а треба итно да патува за Република Македонија.

Листа и мапа со најблиското дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија може да најдете во делот дипломатска мрежа на оваа веб страна.

Потребни документи за издавање патен лист:

  1.  Лично пополнето барање за издавање патен лист (за малолетни лица барањето го поднесуваат лично двајцата родители или едниот родител што е законскиот старател).
  2. Една фотографија со димензии 3,5 см х 4,5 см
  3. Доказ за идентитет (важечки македонски или странски документ со фотографија во оригинал). Доколку не се приложи документ за потврда на идентитетот, тој може да биде потврден со заверена изјава од сведоци, а патниот лист се издава врз основа на претходна согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
  4. Доказ за државјански статус (важечка лична карта, пасош или оригинал Уверение за државјанство на Република Македонија). Доколку не биде приложен доказ за државјански статус, патниот лист може да се издаде врз основа на претходна согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
  5. Доказ за платена конзуларна такса во висина од 30,00 евра, доколку патниот лист се издава без согласност, односно 36,00 евра, доколку патниот лист се издава врз основа на согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. За државјаните со друга национална валута од еврото, таксата се плаќа во соодветната национална валута.
  6. За некои држави, покрај патен лист, потребно е да се достави и потврда од надлежните органи дека патната исправа е изгубена или украдена.

Важна информација:

Патниот лист е патна исправа што исклучиво служи за враќање во Република Македонија и има рок на важење 30 дена од денот на нејзиното издавање. Пред да патувате за Република Македонија, проверете во дипломатско-конзуларните претставништва на земјите што ќе ги транзитирате дали е потребно претходно добивање виза.

 

Конзуларни услуги