Полноправното членството на Република Македонија во Европската унија е еден од приоритетните стратегиски интереси на земјата. Република Македонија воспостави дипломатски односи со ЕУ во декември 1995 г., со што државата се легитимира како еден од партнерите од доверба и вистински сојузник на Европската унија, и тоа преку склучување на Спогодбата за соработка во 1997 г., Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 г. и стекнувањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 г. Стекнувањето на статусот земја-кандидат за членство во ЕУ беше политичко признание за постигнатиот напредок на земјата во остварувањето на реформските процеси и во градењето отворено, демократско општество, и со него беше означен влезот на Република Македонија во повисока фаза од процесот на европската интеграција.

Иако во 2013 Република Македонија ја доби петтата позитивна оцена од Европската комисија за напредокот на земјата во евро-интегративните процеси, сепак сè уште не е утврден датум за започнување на преговорите за членство во Унијата. Целта на Република Македонија е целосно да ги исполни европските стандарди за функционална демократија и просперитетна пазарна економија, со што ќе биде способна да ги преземе сите обврски што произлегуваат од членството во ЕУ. Агендата за пристапување на државата во ЕУ јасно се рефлектира во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (законодавни измени и мерките за институционално зајакнување на краток и на среден рок), во Претпристапната економска програма (мерки за исполнување на Копенхашките економски критериуми) и во Националниот план за развој (инвестициски приоритети за остварување на развојните цели на државата) –- документи, кои редовно, на годишна основа, се приспособуваат согласно со препораките од Европската комисија.

Клучен непосреден приоритет на Република Македонија е започнување на пристапните преговори што е можно поскоро. Добивањето акредитација за децентрализирано управување со преостанатата компонента од ИПА-програмата е исто така важна непосредна цел во односите со ЕУ.

Конзуларни услуги