Скопје, 16 јануари 2015 

 

 

poposki 4

Влеговме во 2015 година со багаж од блокади и нереализирање и на шестата препорака на ЕК за отпочнување на преговори на Унијата со Македонија. Што може Македонија да очекува на овој план во новата година?

- Врз основа на она што досега го заклучивме и дискусиите со новиот состав на Комисијата мислам дека оваа година во секој случај ќе имаме де факто водење на преговори, односно разгледување на сите поглавја кои ни се битни за членство во ЕУ. Суштината е дека може да има различни форми – формално отворање на преговорите, почнување со скрининг процесот и водење на дијалог по однос на сите нив формално како преговори или може тоа да се води во форма на дијалогот којшто го воспоставивме со ЕК. Во двата случаи оваа година ќе бидеме фокусирани на тие реформи врз основа на кои ќе биде оценувана нашата подготвеност за членство во ЕУ.

poposki 3

Месецов го очекуваме еврокомесарот за добрососедски односи и преговори за проширување Јоханес Хан. Неговиот неодамна изнесен став беше дека се докажа дека давањето препораки за Македонија без нивна реализација не функционира како рецепт. Кои се очекувањата од неговиот ангажман освен реактивирање на ХЛАД?

- Впрочем, она што го кажа комесарот Хан соодветствува со тоа што ние го имаме констатирано неколку години наназад дека наметнатата блокада од Грција за формално неотпочнување на преговорите и воедно нерешавање, односно немање никаков фокус на надминување на наметнатиот спор за името не дава никаков резултат. Оваа Комисија тоа го има како стартна позиција, наследена, и веројатно покрај тоа што ќе се обиде да го искористи Пристапниот дијалог на високо ниво како формат за де факто водење на преговори со сигурност ќе се обиде и да го поттикне интересот кај Грција за отстранување на формалната блокада која ни е наметната, односно нема никаков интерес Европската комисија да продолжи со давање на препораки и чекање на тоа дека Грција во еден момент ќе го тргне ветото кое го има поставено во Советот.

Мислам дека климата која се создаде и поддршката од повеќе земји-членки на ЕУ оди во насока на тоа да му се овозможи на комесарот Хан да води ефективен дијалог со Македонија кој ќе не приближува до членството, а воедно да создаде клима во која и Грција ќе има помалку причини да бара само изговори зошто да остане да не блокира. Формулата мора да ја променат на еден или на друг начин со нас. Клучно ќе биде да се водат преговори за приклучување кон ЕУ и тоа ќе се одвива во текот на 2015 година.

poposki 1

Постојано сте во посети и на средби со ваши колеги и други високи функционери во земјите низ Европа и светот. Каков впечаток имате за расположението кон грчката блокада на македонската евроинтеграција во земјите од ЕУ и оправданоста на безрезервна солидарност на членките и покрај очигледниот факт дека сме заложници на ирационален спор?

- Во нашиот случај солидарноста се сведува на тоа дека другите земји-членки на ЕУ нема да остават формално да изгледа дека само Грција е пречка, односно секогаш ќе има определен број на земји-членки кои ќе се постават на страна на тоа дека не треба Грција да се остави сама да биде таа која не блокира. За нас тоа не е многу битно, односно кој, колку и до каде ќе не блокира. Битно е да се надмине сегашната ситуација во која ниту има напредок во однос на наметнатиот спор, ниту има напредок со отстранување на блокадата која ни е наметната на Советот. За тоа има неколку причини, веројатно три се клучни. Едната е тоа што сите земји-членки на ЕУ денес се преокупирани со нивните домашни проблеми бидејќи ЕУ е речиси насекаде притисната со економски потешкотии.

Вториот фактор во овој правец е што од надвор не делува многу драматично тоа што Грција не блокира. Впрочем, Грција не блокира за отпочнување на преговори шест години, а во текот на тие шест години ние сме редовно помеѓу првите пет економии од аспект на раст или сме земја која остварила најмногу реформи за правење на бизнис според Светска банка, да речеме. Што значи дека во нивните очи перцепцијата е дека тоа што Грција не блокира не е некоја драма. Третиот фактор, кој исто така, придонесува во овој правец е тоа што Грција реално е во многу големи проблеми и сите земји-членки на ЕУ имаат или мало ниво на сочувство за тоа што се случува во Грција или се плашат дека таквата драматична ситуација во Грција може негативно да се одрази на целокупната економија на ЕУ.

Поради овие причини многу е тешко да се смени позицијата која Грција ја има, а таа е многу комотна во рамки на Советот – да не се занимава со спорот за името. Од друга страна, мислам дека во овој период особено во текот на следната година, со оглед на навестувањата кои ги направија во текот на минатата, повеќето клучни одлучувачи во европски кругови имаат дадено до знаење дека не им е сеедно тоа што се прекршува меѓународното право на грбот на случајот на Македонија и неотпочнувањето на преговорите особено со оглед на тоа што беше констатирано од Меѓународниот суд на правдата дека тоа е прекршување на меѓународното право и Грција нема право тоа однесување да го повтори.

poposki 2

Извесно, по долгогодишни преговори со Грција за името, напредок нема. Сметате ли дека нешто треба да се промени во платформата за преговорите, форматот и секако динамиката?

- Тоа што е проверено во пракса е дека овој пристап, сегашниот, не дава резултати и тоа на долг рок. Тоа впрочем го има кажано и самиот медијатор, а и е заклучено од повеќе набљудувачи на овој процес. Главното не е методот или интензитетот и други околности. Најглавното е тоа што еден од актерите, впрочем оној кој го има наметнато спорот за името, нема интерес и не се ни обидува да скрие дека нема интерес за надминување на спорот. Што значи се враќаме на онаа теза која Самарас во повеќе наврати ја има повторено дека најдобро решение за Грција во однос на спорот за името е да не се решава спорот и што е можно подолг временски период да се одолговлекува, за одолговлекувајќи да се надеваат дека на тој начин можат да направат некаква дестабилизација, проблем или регионални потешкотии.

Ова мислам дека не е во интерес ниту на Македонија, ниту на ЕУ, а впрочем ако погледнеме малку подлабоко не е во интерес ни на самата Грција, но е една стратегија која се спроведува во пракса во изминатите неколку години под превез на тоа дека Грција има големи проблеми дома и со изговор дека рамката е воспоставена со Времената спогодба и резолуциите на ОН. Од друга страна, пак, самите тие се прекршуваат бидејќи со пресудата од Хаг е јасно дека не се почитувани ни тие преземени обврски. Во овој момент за нас е значајно прашањето да биде во фокус на оние кои можат да поттикнат поголем интерес, односно поголемите земји во НАТО и ЕУ и каков и да биде исходот од развојот на настаните во Грција да не се изгуби од обѕир дека на Македонија и треба кредибилен напредок со преговори за подготвеност по пет години да можеме да бидеме во некоја финална фаза пред завршување на преговорите и зачленување во ЕУ.

Дали мислите дека претседателските избори во Грција ќе сменат нешто во однос на пристапот кон решавањето на спорот со Македонија? Дали евентуалната победа на СИРИЗА би влијаела позитивно врз нашата ситуација?

- Во принцип мислам дека е многу тешко и неблагодарно да се прогнозира за тоа каков би бил ставот на следната грчка влада по однос на овој спор. СИРИЗА во принцип била партија која помалку го злоупотребувала ова прашање во домашно политички цели. Но, во секој случај, мислам дека не можеме да заклучиме што било пред да постои нова Влада во Грција каква и таа да е, од десница или од левица и конечно промена на матрицата од нивна страна дека нерешавањето е најдобро решение за Грција.

Мислам дека најдоброто решение во овој случај е почитувањето на меѓународното право, односно почитување на преземените обврски, односно непопречување на Македонија согласно преземените обврски и Времената спогодба да може да напредува логично на европскиот пат. Дали тоа ќе биде став на идната грчка влада ќе дознаеме само по изборите и мислам дека ние не треба да бидеме премногу преокупирани со тоа што ќе се случува во Грција, туку со климата која ќе биде креирана и подготвеноста која ќе ја имаат другите чинители да не дозволат продолжено нерешение и незаинтересираност од страна на Грција.

Неодамна нашите шефови на конзуларно дипломатските претставништва ги добија препораките за делување во оваа година. Имаме доекипирања, нерезидентни амбасадори, но фокусот на работата на сите како да е ставен на економската дипломатија?

- Да, тоа е точно и сосем логично, би рекол, бидејќи вие може да бидете во ЕУ и повторно економијата ќе ви биде најважна. Може да бидете надвор од ЕУ и повторно економијата ќе ви биде најважна. Така што за Македонија и сега и по влезот во ЕУ фокусот ќе биде на економијата.

Ние сме сепак релативно мала држава, надворешнополитичките приоритети ни се ограничени на неколку стратешки цели поврзани главно со европските интеграции. Но, и пред и потоа најглавна ќе ни биде економијата и од тој аспект сметаме дека и дипломатската служба најмногу може да придонесе за Македонија долгорочно со тоа што ќе привлече инвестиции, ќе помага во создавањето на работни места, ќе отвора можности за наш извоз надвор и во следниот период можеме да очекуваме дека само поголем и поголем ќе биде интересот и нашите активности во овој домен.

И добрососедските односи се еден од приоритетите. Што точно Македонија ќе преземе на ова поле, заеднички седници на Влади, заеднички проекти...?

- Секако. Мислам дека по логика на нештата најмногу треба да гледаме најблиску околу нас. Затоа и велиме дека фокусот ќе ни биде на нашиот регион. Има неколку причини за тоа. Првата е дека од надвор секогаш не перципираат како регион. Многу малку клучни чинители сметаат дека има доволна тежина во која било од земјите во регионот вклучително и поголемите поединечно и сите не перципираат како група на земји. Колку подобро ќе се поврземе со нашите соседи, толку и подобра клима, толку и подобри можности и веројатност да привлечеме интерес надвор. Ова ќе ни биде значајно и за зголемување на конкурентноста бидејќи секоја од нас има релативно мал пазар. Многу ќе биде значајно да имаме подобра инфраструктура, да имаме повеќе заеднички проекти и едноставно работите да се одвиваат на некои поевропски начини.

Конечно, сите во нашиот регион се предодредени да бидат дел од ЕУ. Дел се веќе, дел се на пат да станат, а за Македонија најдобрата можност доколку гледаме од наш индивидуален аспект најдобра можност, најголеми интереси и најмногу можеме да ги оствариме нашите интереси како дел од таа ЕУ бидејќи ќе имаме подобар пристап до фондови, повеќе пари ќе се слеат во државата бидејќи ќе имаме попозитивна перцепција надвор и бидејќи ќе си ја зголемиме конкурентноста и ќе можеме слободно да тргуваме и да ги развиваме нашите економски активности. Затоа во прв ред ќе се фокусираме на поврзувањето со оние што ни се во нашето потесно и пошироко опкружување. И така и може да се очекува дека тематските седници кои ги имаме предложено до сите соседни земји ќе бидат најмногу фокусирани на инфраструктурата и економијата.

И особено, рековте дека ќе соработуваме со сите соседи. Колку е тоа изводливо со Грција, бидејќи нели за танго треба двајца?

- Тоа е точно, но мислам дека доколку го исклучиме спорот со името билатералните односи со Грција се веројатно најдобри и многу подобри од оние со најголемиот број земји и од опкружувањето и воопшто, би рекол. Доколку погледнеме на терен, тоа е најдобра потврда дека измислениот спор за името ни е наметнат и е вештачки бидејќи во опкружувањето работите функционираат многу добро. Ние имаме многу добра економска и друга соработка со Грција и впрочем бројни проекти кои се реализираат во моментот.

Се разбира дека потешкотија е во овој политичкиот дел кој е наметнат, кој е вештачки, но не сметам дека Македонија има интерес тоа да се рефлектира и на другите области. Сосем спротивното. Мислам дека најдобриот пристап за нас и најдобар начин да докажеме колку е апсурден овој спор е со тоа што ќе докажеме дека можеме многу добро да соработуваме и да функционираме со сите околу нас, вклучително и со Грција.

Што точно подразбира третиот приоритет - поголема грижа за нашите иселеници низ светот?

- Факт е дека имаме голем број на наши граѓани кои во подалечното и поблиското минато живеат надвор од Република Македонија. Но, тие и се дел од Македонија, а исто така и Македонија е дел од нив. МНР има неколку начини тоа да го помогне. Еден од начините е преку повеќето проекти кои се надеваме дека ќе може да ги интензивираме годинава од аспект на лекторати, културни катчиња, изучување на македонскиот јазик, различни културно-уметнички активности кои можеме да ги поддржиме, нашите здруженија на иселеници во странство, таму каде што имаме поголеми македонски заедници.

Втората димензија е поврзана со економијата и користење на нивните контакти или побудување на нивниот интерес за инвестирање во Македонија за создавање на нивен бизнис за на некој начин поголема поврзаност. И третиот начин преку услугите кои ги добиваат ќе се потрудиме во текот на оваа година во зголемен обем да можат да ги добиваат и преку интернет и од дистанца со што на некој начин ќе ги приближиме нашите услуги до нашите граѓани во странство без за тоа да им биде потребен поголем напор.

Од годинава Македонија претседава со ЦЕИ? Што значи тоа и какви можности отвора за афирмација на нашите интереси?

- ЦЕИ е една од најстарите регионални иницијативи и здруженија во која членуваат практично сите земји од Централна и Источна Европа, од Балтикот па до Средоземното Море. Од тој аспект ќе биде многу значаен следниот период од една година во кој ќе имаме повеќе активности вклучувајќи и економски промоции, политички самити на кои ќе бидат сите овие земји присутни. Во тие рамки бидејќи го преземаме претседателството од Австрија заедно со Австрија имаме изработено прилично солидна агенда за промовирање во која ќе можеме да ги промовираме и нашите фирми, но и Македонија како туристичка дестинација.

Впрочем секоја од овие регионални платформи за соработка нуди многу добра можност и за промоција, а нам ни е многу корисно во повеќето во овие земји дополнително да се афирмираме, да привлечеме повеќе туристи и да ги зголемиме можностите за бизнис со бизнис-заедниците од секоја од нив. Годинава ќе го имаме ние претседавањето. Заедно со Австрија, како што реков, ќе соработуваме во определен број на активности кои ќе ги имаме и се надевам дека на крајот од годината ќе имаме многу подобра позиција и видливост во однос на економски субјекти, во однос на туристи и во однос на политички чинители каде што ќе можеме да покажеме дека Македонија е навистина зрела да биде домаќин на ваков тип на настани и организации кои, пак, дополнително ни го отвораат патот кон европските интеграции.

Виолета Геров

Конзуларни услуги