Николај Стајков “Пресса”

1. Со Вас, г-дине Попоски, разговаравме во Скопје, февруари 2013 г. Тогаш кажавте дека сте “засегнат”, бидејќи Бугарија на 11 декември 2012 г., во Брисел, практично ја блокираше Македонија во добивањето датум за преговори за членство во ЕУ. И преку “Преса” повикавте: “Немојте да ни го попречувате патот кон Европа”. Дали денес продолжувате да се чувствувате блокирани или има промена?

Сметам дека климата во односите е многу променета и тоа во позитивна насока. Тоа се должи на фактот што поддржуваме отворен дијалог со бугарската страна, седнавме и разговаравме за сите проблеми, за кои има и за кои нема согласност и тоа помогна да се создаде атмосфера на поголема доверба. Точно е, дека има уште многу што да се прави, но климата во условите во кои Бугарија и Македонија ги развиваат односите, дефинитивно е позитивна и сметам дека тоа е насоката.

2. Јасно, како атмосфера – добро. Но, како резултати? Што е со подготовката на Договорот за добрососедство и соработка, чие потпишување е условот на Софија за да ја поддржи Македонија за преговорите за членство во Европската Унија?

Има напредок во секој поглед, веќе три години трае работата за договорот. Но, позитивна атмосфера во односите се постигнува не само кога на хартија се запишуваат обврските, но кога и по конкретни дејствија луѓето гледаат реални резултати. На почетокот на годинава, јас и мојот бугарски колега, Кристијан Вигенин, испративме писма до Брисел, со барање поддршка за изградбата на транспортниот коридор № 8. Добивме позитивен одговор и финансиска поддршка од Европската Комисија. И веќе работиме на македонскиот дел од железничката линија Скопје – Софија. Делницата меѓу Куманово и Бељаковце се гради, за вториот дел имаме обезбедено финансирање, вклучувајќи ги европските средства.

3. Оваа железничка линија е легендарна, се “гради” со децении... Всушност, од бугарска страна шините стигнаа до Ѓуешево. Кога конечно ќе биде завршена?

Ова е долгорочен проект, рокот за извршување е четири години. Важно е дека најпосле се гради. Како сериозен придонес за создавање на атмосферата, за која говорев, ги оценуваме и неколкуте средби на раководствата на академиите на науките од двете земји. Тука го додавам и присуството на бугарскиот и македонскиот Амбасадор во Италија, на литургиите на другата земја, пред гробот на Св. Кирил, во Рим, на 24 мај. Односно, имаме очигледно подобрување на атмосферата, тоа е видливо.

4. Да се вратиме на Договорот за добрососедство. До каде е неговата подготовка?

Постигнавме добра динамика на состаноците на работните групи, разјаснивме многу работи. Работата беше прекината, бидејќи во Македонија имаше претседателски и парламентарни избори. Веднаш по формирањето нова влада, ќе продолжи и работата на договорот.

5. Сепак, кога очекувате да биде потпишан документот? Немате определено рокови?

Немаме поставено рокови. Датумот за потпишување никогаш не бил цел сам по себе. Доколку се фокусираме врз датумот, нема да се сконцентрираме врз суштината на проблемите. Но, со оглед на динамиката во работните групи, со оглед на позитивните сигнали, испратени од премиерите на двете земји, моето чувство е дека сме на пат да го затвориме и тоа поглавје во односите.

6. Во ваш интерес е тој документ да биде потпишан брзо. Без него нема да добиете датум за почеток на преговори, нели е така?

Да, токму прашањето за договорот беше поставено од Бугарија, кога во еден момент таа изјави дека нема безусловно да ја поддржи Македонија за членство во ЕУ.

7. Овој услов, се чини, е во сила, не сме слушнале дека некој го укина...

Ние никогаш не сме отстапиле од преземените обврски, истовремено, очекуваме и другата страна да ги исполни обврските кои ги презела.

8. Вашиот претседател, Ѓорге Иванов, пред некое време предложи - и бугарскиот претседател, Росен Плевнелиев, се согласи - дека улогата на договор може да ја изврши и Декларацијата на премиерите на двете земји од 1999 година. Дали тоа е став само на вашиот Претседател или и на Владата?

Тоа што јас го слушнав е дека вашиот Претседател, во однос на договорот кажал дека истата работа би ја завршила и декларацијата и дека очекува позитивен одговор од Претседателот на Македонија.

9. Па, дали всушност е важно, чија е иницијативата?

Добро, колку што знам, станува збор за конкретна изјава на бугарскиот Претседател. Но, во секој случај имаше позитивни сигнали од двајцата Претседатели, во однос на тоа прашање.

10. Декларацијата е важна, бидејќи во чл. 11 пишува: “Република Македонија изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои се државјани на Република Македонија”, т.е. нема да бара македонско малцинство во Бугарија. Дали тој текст ќе остане во договорот?

За немешање на Македонија во внатрешните работи на Бугарија? Тоа е обврска, преземена и во нашиот договор со Грција. Никогаш не сме имале ниту намера, ниту амбиции да се мешаме во внатрешните работи на други држави. Очекуваме и тие да не се мешаат во нашите.

11. Прашувам бидејќи според некои аналитичари, претензијата за заштита на некакво “македонско малцинство” на територијата на Бугарија, во еден момент може да стане претпоставка за територијални претензии...

Во Бугарија, во медиумите, очигледно е изградено некакво чувство или страв од тоа дека Македонија може да има територијални претензии кон Бугарија. Можам отворено да ви кажам дека тоа не е желба, ниту цел на кого и да е, нема и да биде. Тоа што сакаме е Македонија како што е и Бугарија да биде дел од евроатлантското семејство, да нема бариери меѓу двете земји и да живееме како дел од тоа семејство. Но, и во Македонија постојат чувства и стравувања дека во Бугарија некои не ја прифаќаат реалноста на постоењето на Македонија и на Македонците како нација.

12. Но, како, Бугарија прва ја призна независноста на Македонија...

Да, но јас говорам за перцепции и стравувања. Како што кај вас има луѓе, кои сметаат дека Македонија сака да земе дел од бугарската територија – што нема никаква поврзаност со реалноста, така и во Македонија има стравувања дека за многу Бугари, Македонија не е самостојна и треба да биде дел од Бугарија. Треба да се бориме со тие погледи.

13. Во крајна сметка, дали очекувате да добиете од ЕУ датум за почеток на преговори? Пред минатата седмица кажавте дека сте подготвени.

Подготвени сме уште од 2009 г. и се повеќе сме подготвени. Но, и тогаш и сега, проблемот е еден и ист – тој е во рамките на Советот на ЕУ и се должи на противењето на Грција. Досега проблемот секогаш била Грција, само еднаш се вклучи и Бугарија – кога во декември 2012 г., како што спомнавте во почетокот на разговорот, изјави дека нејзината поддршка за нашето членство во ЕУ не е безусловна.

Но, како што веќе кажав – во однос на атмосферата, на заемното почитување – работите се движат во позитивна насока и се надевам така и да продолжат, за Бугарија да ни биде партнер, а не да ни пречи. И во никој случај, не сакаме во Бугарија да се создаваат негативни чувства кон Македонија.

 

2014.06.13-2
Николај Стајков “Пресса”

14. Во тој контекст, како гледате на идеите за заедничко чествување на историски датуми и личности? Еве, наближува Илинден, 2 август. Бугарскиот Претседател, сигурно знаете, му предложи на вашиот Претседател да има заедничко празнување на Илинден, прво во Бугарија, потоа во Македонија. Сличен предлог даде и претседателот на БАН, акад. Стефан Воденичаров. Каков ќе биде одговорот?

Што се однесува до идејата за заеднички чествувања, тоа не е нешто ново. И претходно имало слични предлози, во различен контекст. Но, за жал на таквите предлози, секогаш се придавала еднострана политичка интерпретација. И мислам, дека треба да престанеме со политичка злоупотреба на минатото. Доколку се ослободиме од таквата желба, ќе ги разјасниме сите проблеми. Во Македонија имаме чувство дека секогаш нешто ни се наметнува со сила, наместо да се признае фактот на постоењето македонска посебност.И дека денес, реалностите се такви, што нема начин нешто да се наметнува со сила. Токму тоа ни создаваше проблеми во минатото.

15. Добро, но Илинден е бугарски празник, вие исто го празнувате. Тогаш, зошто не заедно? Дали гледате некаква замка?

Сме имале ситуации, кога на заедничките чествувања се гледало како на можност за злоупотреба. Односно, преку наметнување на прослави да се стави под сомнеж посебноста на македонската нација, постоењето на денешна Македонија итн.

16. Односно, вас не ви се допаѓа идејата за заедничко одбележување празници, годишнини, личности?

Не, во принцип, не сум против, тоа е дел од европската култура. Но, сметам дека најнапред треба да биде градењето заемна доверба.

17. Така де, но откако бугарскиот Претседател и БАН предлагаат заедничко чествување на Илинден, каква ќе биде македонската реакција? Дали ќе биде одбиено?

Не би сакал да се говори за хипотези, да се шпекулира со тој предлог, ниту кој со кого би празнувал. Сепак, имавме конкретен случај во Рим, каде бугарскиот Амбасадор се приклучи кон македонската делегација на гробот на Св. Кирил. Истото потоа го направи и македонскиот Амбасадор.

18. А, зошто не се реализира идејата за заедничка делегација на чествувањата?

Поради разликата во нивото на делегациите. Македонската беше предводена од Претседател, додека бугарската – од Вицепремиер.

19. Освен за ЕУ, кандидат сте и за НАТО. Скоро имавте средба со генералниот секретар на организацијата, Андерс Фог Расмусен. Што вети тој за членството?

Од 2008 г. ги имаме исполнето сите критериуми за членство во НАТО, де факто се однесуваме како да сме членка на НАТО, активно учествуваме во сите воени вежби, мисии, операции, штабови итн. Незаконски бевме спречени од Грција, повторно поради истата причина – заради спорот за името. Едноставно, Грција го искористи правото на силата како членка на НАТО и незаконски го блокира нашиот прием. Овој спор се води повеќе од 20 години, но за разлика од Бугарија, процесот на градење доверба со Грција уште е на почеток. Грција е најбезгрижниот член и на НАТО и на Европската Унија.

20. Кога ќе формирате нова влада?

Оваа недела би требало да имаме нов кабинет.

21. Дали Вие ќе останете на функцијата? Што да напишеме – интервју со Министерот за надворешни работи на Македонија во заминување или со идниот Министер за надворешни работи на Македонија?

Во овој момент, не можам да ви одговорам. Ќе одлучи Парламентот. (По претходна информација од вчерашен “Утрински весник” Попоски ќе остане на функцијата.)

 

Конзуларни услуги