Почитувани Екселенции,

Дами и господа,

 

Најпрвин, да ви се заблагодарам на присуството и да ви посакам добредојде. Чест и задоволство ми е да ви се обратам во очи божиќните и новогодишните празници, кога вообичаено правиме пресек на сработеното во изминатата година и планови за тоа што ни претстои во следната.

2015 беше година на големи предизвици, кои ја доведоа во прашање глобалната и безбедноста на државите, но и човековата безбедност и сигурност (human security). Од различен профил и карактер, овие предизвици како никогаш досега ја нагласија нужноста од заедништво и координирано дејствување во справувањето со истите.

Актуелната мигратско - бегалска криза претставува феномен незабележан во поновата светска историја. Поради нејзината комплексност и бројните импликации, таа ги надминува националните граници и бара глобален координиран ангажман при адресирањето на нејзините хуманитарни, безбедносни и пошироки геополитички аспекти. За долгорочно одржливо решение неопходно е да се адресираат корените (root causes) на кризата, а клучот за тоа е постигнувањето договор и мир во Сирија и пошироко во регионот на Блискиот Исток.

Хуманоста и безбедноста се подеднакво важни за Република Македонија во справувањето со бегалскиот предизвик. Продолжуваме со преземање на сите неопходни мерки за хуман третман и безбеден транзит на сите лица кои имаат потреба од меѓународна заштита. Имаме иста цел со нашите европски партнери. За нас, од особена важност е партнерството со ЕУ и соработката помеѓу засегнатите земји долж Балканската рута. Се надеваме на натамошно зајакнување на соработката со Грција, вклучително и на позитивната улога на Фронтекс на овој план.

Заканите од тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам се наметнуваат како заедничко глобално зло. Терористичките напади во Париз, Тунис, Анкара, Багдад, Бејрут, Египет, Бамако, се напад врз целото човештво, мирот, слободата, принципите и вредностите кои ги живееме и за кои се залагаме. Соработката и заземањето заеднички сеопфатен пристап во борбата против тероризмот се најсоодветниот начин за надминување на овие предизвици. Република Македонија е активен партнер во меѓународната анти-терористичка коалиција и ќе продолжи да придонесува во напорите за сузбивање на тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, но и во справувањето со останатите глобални предизвици и ризици.

Климатските промени се уште еден таков глобален предизвик за чие ефикасно справување е неопходна здружена акција. Би сакал да го поздравам постигнатиот Климатски Договор во Париз – некои го нарекоа прв вистински глобален климатски договор во историјата на човештвото за спас на планетата - каде сите земји се обврзаа за намалување на емисијата на стакленички гасови и ограничување на глобалното затоплување.

Почитувани,

Активностите и проектите на Македонската дипломатија во текот на 2015 беа во согласност со утврдените стратешки надворешно-политички цели и приоритети на Република Македонија – европската и евро-атлантската интеграција, односите со нашите партнери во и вон Европа, соседската и регионалната соработка, економската и мултилатералната дипломатија, како и грижата за македонските граѓани и интереси во странство.

Членството во ЕУ и натаму останува основен приоритет кон кој се стремиме. Европската комисија ја даде седмата по ред препорака за почеток на преговори со Унијата. Свесни дека секогаш постои простор за напредок, на внатрешен план, засилено ги спроведуваме преостанатите обврски од реформските приоритети. Сметаме дека е од взаемен интерес, Унијата на пролет да ги иницира пристапните преговори. На тој начин, кредибилитетот на политиката за проширување дополнително ќе се зајакне.

Истото важи и за евро-атлантската интеграција. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата останува силен правен аргумент кој ја отсликува реалната состојба и го оправдува влезот на Македонија во НАТО.

Воедно, Македонија продолжува со активниот и конструктивен пристап во разговорите за прашањето за името со нашиот јужен сосед, под покровителство на ОН. Искрено се надеваме дека постојниот дијалог и соработка, преку имплементацијата на мерките за градење доверба со нашите грчки партнери, ќе помогне во надминување на овој долгогодишен ирационален проблем за двете страни.

Дами и господа,

Во рамките на нашиот надворешно-политички ангажман би сакал да го нагласам успешното претседавање со Централно-европската иницијатива, кое пред се, беше посветено на развојот на транспортната и енергетската инфраструктура и бизнис релациите во Регионот.

Во рамките на нашите заложби за активен придонес врз процесите во мултилатералната арена, донесовме одлука да номинираме кандидат за нов Генерален секретар на ООН. Остваруваме активно членство во Советот за човекови права во Женева како едно од најпрестижните тела во Обединетите нации, а продолжува и нашето учество во Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена.

Економската дипломатија беше и останува еден од главните приоритети на Министерството преку активности за претставување на Македонија како привлечна дестинација за странски инвеститори, но и атрактивна туристичка дестинација.

Екселенции и претставници на дипломатскиот кор,

Ја користам и оваа прилика да нагласам дека секогаш ја охрабрувам и високо ја ценам и почитувам вашата работа и поддршка како претставници на вашите земји и организации. Во октомври, со дел од вас, соодветно ја одбележавме 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Традицијата со чествување на значајни јубилеи ќе ја продолжиме и во 2016, исто како и конструктивната соработка со секој од Вас и вашите ценети земји и организации кои ги претставувате.

Би сакал да го завршам ова обраќање со мислата од Блажената Мајка Тереза, упатена до сите вас: „Give the world the best you have, and it may never be enough: Give your best anyway“. Секако дајте го најдоброто во Вашиот мандат во Република Македонија во функција на натамошно унапредување на меѓусебните односи, соработка и партнерство.

Ви посакувам Вам и на Вашите семејства добро здравје, многу среќа, успех и благосостојба во Новата 2016 година.

Благодарам.

Конзуларни услуги