Интервју на ЗПВРМ и МНР Никола Попоски за „ТВ 21“

Дата: 18 јули 2016

Новинар: Габриела Д. Мишевска

13734819 10208825408289241 343827548 n

Најпрвин за настаните од Турција. Тие беа топ тема викендов, знаеме дека Македонија има многу врски која што ја поврзуваат со Турција. Со оглед на тоа што настаните течат понатаму и се чека епилогот, што може да очекуваме за земјава и за регионот?

Попоски: Не би можеле да шпекулираме за директниот развој, но она што е значајно за нас е дека Македонија во истиот момент даде поддршка за демократски избраните институции во Република Турција. Единствениот начин на кој што може да се надмине било кој предизвик е со легитимни демократски избрани власти. Го осудивме насилството. Воедно, упативме пораки кон нашите граѓани за нивна поголема безбедност... да се ставиме на располагање... Јас верувам дека тоа беше најзначајно во оние најкритични моменти. Сега веќе работите полека се враќаат во нормала.

Имаме ли информации дали таму има наши македонски граѓани, иако Министерството за надворешни работи излезе со информација за претпазливост?

Попоски: Секако дека има голем број наши граѓани кои било од причини за туризам, како посетители, бизнис партнери или од други причини се присутни во Турција но ниту еден од нив, според досегашните информации не беше загрозен.

Сеуште е неизвесен епилогот од политичката криза. Да се вратиме дома: моментално настаните, односно преговорите се одвиваат во американската резиденција кај американскиот амбасадор Џес Бејли. Според вас, каков би требало да биде епилогот и ќе имаме ли наскоро епилог и доближување до ставовите?

Попоски: Вистина е дека предолго трае целата оваа перипетија, но она што е значајно е дека се договоривме околу некои принципи а тоа е дека нашата опозиција во Македонија има еден луксуз кој малку кои опозиции во светот го имаат – кога ќе посака, тогаш да има избори, но, претходно треба да излезат со една сериозна гаранција дека условите за спроведување избори се исполнети и дека нема да има повторни сценарија во кои само ќе се бараат изговори како да се избегне спроведувањето избори и да се избега од волјата на народот.

Со оглед на тоа што во врска со преговорите имавме малку поостра реторика од странските дипломати, како да го толкуваме нивниот јазик и дали Македонија на некој начин го изгуби тој углед во очите на Брисел и на Вашингтон?

Попоски: Искрено, помалку би се грижел за тоа каква е реториката на странците. Се разбира дека секој го гледа тоа од свој аспект, и во Брисел и во Вашингтон гледаат некоја поголема слика за стабилност во регионот и од прилика тука може да завршат нивните амбиции. Тоа што е многу поважно е дека нас не чини скапо продолжената политичка криза, и на економски план, и во делот на несигурност за инвестирање и во делот на недостатокот на политички дијалог кој потоа многу други го злоупотребуваат за да ни ги забават европската и евроатланската агенда.

Иако е сеуште рано и има време до Извештајот за напредокот од Европската унија, но, гледано од овој аспект, загрозена ли е препораката на Македонија за членство во Европската унија?

Попоски: Во овој момент не би можел да кажам дали е возможно да имаме едно или друго сценарио. Тоа што е значајно е дека оваа година, извештајот е многу специфичен, бидејќи се случува сега, на крајот на октомври, па следната година не, дури годината потоа. Значи, она што ќе биде сега ставено во извештајот, во подолг временски период ќе ја определи нашата судбина во однос на приближувањето кон ЕУ. Затоа би рекол, се она што можеме да направиме во овој меѓупростор за да ја задржиме препораката, ќе ни биде добра основа за понатаму да не бидеме во оваа заложничка фаза, како што досега бевме.

Кога сме веќе кај интеграциите, каков е патот на Македонија, по самитот во Варшава?

Попоски: Варшава беше самит кој беше многу повеќе посветен на НАТО, отколку на земјите кои сакаат да се приклучат. За нас беше значајно дека е повторено она што веќе е констатирано во минатото, дека имаме еден предуслов кој ни е поставен, а тоа е наметнатиот спор од страна на Грција. Во однос на другите перформанси на Македонија, оддамна имаме докажано дека се однесуваме како земја членка на НАТО алијансата. Од прилика, околу 40’ од нашите вооружени сили учествувале во мисии водени од НАТО и тука од прилика се завршува. Се останато беше можност за некоја од земјите членки да ни додаде некакви коментари кои веројатно се наменети за внатрешно-политичкиот однос, односно внатрешно – политички цели, кај нив дома.

И сосема пред крај, кога сме веќе кај нашиот јужен сосед. Со оглед на политичката криза што ни се случува дома, некако имаме чувство како преговорите за името да паднаа во сенка.

Попоски: Па тоа е факт. Делумно има придонесено и нашата политичка криза дома, истовремено и фактот што во Грција имаме долготрајна политичка, финансиска, економска криза, така што во двете земји, не би рекол дека условите беа идеални за надминување на овој долгогодишен наметнат спор. Од друга страна, го искористивме овој период за добра промоција на повеќе мерки во делот на доброседството. Јас верувам дека со сите оние мерки за градење на доверба направивме да биде многу потешко некој утре да каже дека не сме добар сосед во балкански рамки, а дополнително на тоа, на некој начин си го релаксиравме притисокот кој го имавме во изминатиот период како регион. Што подобри односи имаме со Грција и со другите соседи, толку помал ќе биде притисокот на другите прашања кои остануваат да се решаваат во регионални рамки.

Можеме ли наскоро да очекуваме спорот со името да биде вратено повторно на агендата?

Попоски: Не верувам дека тоа многу брзо би се случило. Не треба да ја игнорираме ниту реалноста во Грција. Во меѓувреме, најдоброто што можеме да го сториме е да работиме на подобрување на климата помеѓу двете држави. Веројатно, во овој период направивме најголем отскок во однос на било кога порано, за толку краток временски период да договориме толку многу мерки.

 

 

 

 

Конзуларни услуги