Интервју на ЗПВРМ и МНР Никола Попоски за „Фактор“

Дата: 8 септември 2016 година

Новинар: Горазд Чомовски

Созреавме како нација, но научивме и некои лекции од минатото!

Европското семејство е нашиот правец, пред се, поради македонскиот интерес . Кандидатскиот статус нема основа да се одземе, дециден е Никола Попоски. Министерот за надворешни работи кој веќе петта година е на оваа позиција, смета дека Грција и Бугарија имаат поголем капацитет да ја повлечат Македонија кон остварување на целта а тоа е членство во НАТО и ЕУ, но според него и проблемите со нив можат повеќе да и наштетат на земјата.
Што подобро може да ни се случи од изградба на општество базирано на демократија, пазарна економија, социјална грижа, вклученост на сите во општеството, владеење на правото... реплицира Попоски на нашето пршање Дали ситуацијата во која денес се наоѓа Македонија ги става на испит и стратешките цели на државата, зацртани уште во самиот зародиш на независноста?
Во однос на препораките на владеење на правото, ние нив треба да ги спроведеме со или без ЕУ. Во било кое сценарио, тоа не ни бега. Не треба никој да дојде и да ни каже дека реформите се корисни, вели шефот на дипломатијата и од неодмана потпретседател на македонската Влада Никола Попоски во серијалот интервју за Фактор по повод 25 години самостојност.

Faktor Poposki IntervjuGolema

Фактор: Кои се клучните одлуки за меѓународната позиција на државата, во изминативе две и пол децении самостојност?

Попоски: Одлуката пред четврт век дека целиме да бидеме дел од ЕУ и НАТО е историски важна и го има поставено државниот курс. Членството го гледам како средство кое би ни помогнало да ја унапредуваме Македонија во секој поглед, да ги заштитиме подобро нашите интереси и да ја зацврстиме безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани.

Фактор: Ако политиката на еквидистанца што ја водеше поранешниот претседател Киро Глигоров не даде резултати, дали принципот на соседски ексклузивитет е помало зло?

Попоски: Јас би рекол: соседите пред се друго. Ако имаме добрососедство, сме завршиле најголема работа за иднината на Македонија. Помалото или поголемото зло е тешко да се измери. Јас би гледал од аспект на тоа што и одговара на Македонија: што поголемо зближување со секој од нив поединечно, тоа подобро за нас. Прво, со тие што се во ЕУ, потоа и со другите. Првите се секогаш попроблематични, зошто историски, сите членови во клубот ја користат својата позиција на непринципиелен притисок врз кандидатот. Било, и ќе биде. Што подлабоки врски создаваме со нив, тоа помала штета би имале при пристапувањето. Во пракса, Грција и Бугарија имаат поголем капацитет да не повлечат кон нашата цел, но воедно и проблемите со нив можат повеќе да ни наштетат. Со Албанија, Србија и Косово работите можат полесно да се унапредуваат во денешен контекст, бидејќи се во наша ситуација. И тие треба да убедуваат некого дека се добри соседи. Со нив сме порамноправни и тоа секогаш носи поголема леснотија во односите.

Фактор: Зошто и по 25 независност немаме капацитет сами да се справуваме и да ги решаваме проблемите туку мора некој однадвор да асистира ?

Попоски: Од една страна, секогаш е најдобро да си зготвиш јадење сам. Од друга пак, нашата внатрешна слабост е покана за други да бидат дел од готвење на домашната политичка манџа. Најчесто, на почеток намерите за готвач повеќе во кујната се добри. На крајот, како и да испадне рецептот, јадењето останува да го јадат само домаќините. Ова е историски проверена работа. Чарето е само во јакнење на домашните кулинарски капацитети. Ако ги имаш, тоа се гледа однадвор и потешко е да ти се моткаат низ кујната. Дваесет и пет години за балкански стандарди не се малку, но не се ниту премногу. А низ нив, мислам дека сепак сме созреале како нација и поднаучиле некоја лекција од минатото.

Фактор: До ден денес се води рововска битка со Грција околу името на државата. Зошто не успеавме да постигнеме компромис со јужниот сосед? Дали заради непопустливоста на Атина или поради националистичката реторика, антиквизацијата?

Попоски: Компромис е голем збор со исто толку значења колку и спорови на планетава. За појакиот во секој спор, тоа значи да ги прифатиш неговите барања и да кажеш дека и ти си добил нешто во приказната. За послабиот, значи некако да можеш да преживееш потоа. За нашава работа имаме многу голем дисбаланс во позицијата меѓу тие што спорат, дополнето со разбирлива неутралност од тие кои гледаат од страна, зошто никој надвор не разбира за што суштински спориме. За решение на проблемот, мислам дека треба огромна посветеност во градење врски и доверба меѓу двете страни од времената спогодба. Грците да поверуваат дека не сме националисти кои сакаат да ги освојат и им мислат зло. Македонците пак, да се убедиме дека не ни ја бараат кожата и рушат државата. Стартните позиции ни се далечни. Но, се поубеден сум дека стратешкиот интерес ни е ист. Тоа мора да надвладее ако сме разумни.

Фактор: Дали ситуацијата во која се наоѓа денес Македонија, ги става на испит и стратешките цели на државата, зацртани уште во самиот зародиш на независноста?

Попоски: Не. Ние бевме мудри да решиме од самиот почеток каде сакаме. Европското семејство е нашиот правец, пред се, поради македонскиот интерес. Што подобро може да ни се случи од изградба на општество базирано на демократија, пазарна економија, социјална грижа, вклученост на сите во општеството, владеење на правото...? Не треба сигурно да се идеализира, но ЕУ е сепак најдоброто место за живеење во светот и ние сакаме да бидеме дел од таква заедница.

Фактор: Од земја лидер во регионот, Македонија остана сама во чекалната за влез во НАТО, а веќе осма година никако да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Што е поверојатно, да станеме дел од европското семјство или да го изгубиме кандидатскиот статус?

Попоски: Ние ќе станеме дел од европското семејство. Не треба да имаме дилема. Тоа семејство ќе еволуира истовремено, но нашата цел за членство не е дневна, туку стратешка определба. Се друго е прашање на време. За НАТО е најголема штета, оти осма година неосновано сме спречени заради името. Имаме изгубено време, но имаме и за што да се бориме. Оваа држава не ни ја дале на лотарија, туку им ја должиме на следните генерации за кои треба да ја направиме, поубава, посредена, поконкурентна и со посреќни луѓе. Според ова се мери успехот денес. Кандидатскиот статус нема основа да се одземе. Треба да се посветиме на отворање преговори, а за тоа ќе ни треба малку мудрост, многу отвореност кон соседите и берлинско-париска детелина со четири листа.

Фактор: Ако спорот со името порано беше едниствената пречка за старт на преговори со ЕУ, сега Брисел бара исполнувањето на обврските од извештајот на Прибе. Значи ли ова дека наместо два чекори напред, Македонија напарвила три чекори наназад?

Попоски: Реална пречка за членство во НАТО и преговори со ЕУ е само еден чекор. Решение со Грција ги решава овие две работи веднаш. Во однос на препораките на владеење на правото, ние нив треба да ги спроведеме со или без ЕУ. Во било кое сценарио, тоа не ни бега, зошто од подобрувања во овој сегмент зависи благодетот на граѓаните, успешноста на бизнисите, вербата во правдата на секој македонски граѓанин и идеалите на сите кои во својата епоха твореле за независна Македонија. Не треба никој да дојде и да ни каже дека реформите се корисни. Тоа си го знаеме подобро од секој странец и затоа верувам дека ќе успееме на патот кон зацврстување на македонската иднина во рамките на ЕУ и НАТО.

Превземено од „Фактор“.

http://faktor.mk/intervju-poposki-sozreavme-kako-natsija-no-nauchivme-i-nekoi-lektsii-od-minatot/

Конзуларни услуги