Интервју со МНР Никола Димитров за La Croix

Објавено: 17.04.2018 година
Новинар: Marie Verdier
Линк: https://www.la-croix.com/Monde/Europe/Lespoir-dun-nom-Macedoine-2018-04-13-1200931462?from_univers=lacroix

lacroix

Во вторник, на 17 април 2017, Европската комисија им препорача на државите членки отворање на преговорите за членство со Македонија и со Албанија.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, посочува нова перспектива за својата земја.

По десет години националистичко владеење и долга политичка криза, коалицијата која е на власт на социјал-демократскиот премиер Зоран Заев, ја вади Македонија од сенка.

За помалку од година дена по составувањето на владата во мај 2017г., кое беше тешко, повторно отпочнаа преговорите со соседна Грција за решавање на четврт деценискиот спор за името на земјата која привремено се’ уште се именува со Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ - ФИРОМ на англиски).

Претставничката на европската дипломатија, Федерика Могерини, во вторникот на 17 април  препорача Европската комисија да ги почне преговорите за членство со ПЈРМ.  Федерика Могерини сугерираше динамика на отвореност кон Балканот од која би можела да има полза и соседна Албанија. Сепак останува на Европскиот совет кој е составен од Шефови на држави и на влади на земјите членки да се изјаснат за овој предлог. Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, дава преглед за својата земја во однос на овие преспективи.

Вашата земја сѐ уште привремено именувана  како ARYM (Поранешна Југословенска Република Македонија). Дали е можен излез од овој спор кој е стар четврт век?

Никола Димитров: Се обидуваме да излеземе од ровот во кој се имаме закопано повеќе од дваесет години. Две европски земји кои споделуваат еден географски регион, треба да можат да најдат достоинствен начин кој ќе овозможи да се прави разлика меѓу нашата држава и регионот Македонија кој се наоѓа во Грција, без да се повреди идентитетот и достоинството на македонскиот народ.

Во идеално сценарио, тоа би можеле да го постигнеме во наредните два до три месеци. Итноста за решение е диктирана од европскиот воз, Самитот за Балканот што ќе се одржи во мај во Софија, петнаесет години по Самитот во Солун. Но, тука се и датумите за избори: во 2019 година ќе се одржат претседателски избори во Македонија и парламентарни избори во Грција.

Треба да бидеме многу внимателни кон јавното мислење во Македонија и во Грција. Иако нашите две земји имаат различни позиции, понекогаш се случува да се најдеме на иста страна со политичките сили кои сакаат компромис, а тоа се силите кои гледаат во иднината, а кои се спротивставуваат со силите од минатото и со национализмот.

Што ќе направите со многубројните националистички споменици кои беа подигнати во Скопје?

Никола Димитров: Ова бескрајно прашање за името нѐ оттргна од вистинскиот пат. Опсесивното свртување кон античките времиња не е здраво. Прибегнувајќи кон митовите, ги губиме младите генерации. Министерството за култура треба да одлучи што ќе прави со „Скопје 2014" [голем архитектонски проект на антиквизација кое го спроведе претходното националистичко мнозинство]. Лично, би сугерирал да се организира голем светски уметнички натпревар кој би му дал смисла на сиот тој хаос во градот. По јавна дебата, скопскиот аеродром [наречен Александар Велики на големо негодување од Грција]  неодамна беше преименуван.

Која е перспективата за интеграција во Европската унија?

Никола Димитров: Бугарското претседателство претставува одлична можност Европската унија да се сврти кон Балканот. Патот до целосна интеграција ќе биде долг. Ако не успееме да ја донесеме Европа во Македонија, да воспоставиме правила, правда, ред, тогаш помладите генерации ќе продолжат да ја напуштаат земјата како и балканскиот регион поради недостаток на надеж. За среќа, некои и се враќаат.

Како вас?

Никола Димитров: Се вратив од Холандија во септември 2016 година. За време на политичката криза [2014-2017], јас бев еден од гласовите на „Шарената револуција" која се бореше за промени. Во Владата влегов од граѓанското движење. Ова движење продолжува да дејствува. Прагот на толеранција кон злоупотребите е на многу ниско ниво. Членовите на Државната изборна комисија, кои ја злоупотребија својата позиција, беа принудени да поднесат оставки во декември минатата година. Се обидуваме да ја смениме старата политика, тоа е клучно прашање за оваа Влада, која беше формирана во екот  на кризата за одговорност.

Дали земјите кои беа ваши партнери во поранешна Југославија се солидарни?

Никола Димитров: Дојде време ние на Балканот да ги оставиме нашите расправии - кој е најстариот народ, кој најмногу дал жртви ? - и да ги засукаме ракавите за да инвестираме во економијата, образованието и здравството.

Во август минатата година потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, кој веќе дава резултати во областа на туризмот, трговијата и инвестициите. Минатиот декември, одржавме заедничка владина седница со соседна Албанија, прва од 1991 година! Не сакам да звучам надмено, меѓутоа се јавува една нова енергија во Регионот и таа нова динамика е делумно поттикната од Македонија.

Конзуларни услуги