Почитуван амбасадор на Француската Република во Република Македонија, драг Кристијан,

Ваши екселенции,

Почитувани гости, пријатели на Македонија и на Франција,

 

Исклучително сум горд што вечерва, заедно со францускиот Aмбасадор, ја имаме таа чест да одбележиме еден многу значаен јубилеј, јубилеј на 25-годишно пријателство и партнерство меѓу нашите две земји. Во темелите на изминативе  25 години,  лежи едно заедничко минато во кое се испреплетувале судбините на нашите две држави. Во историските учебници на Франција, Источниот фронт, а особено планинскиот венец на Кајмакчелан е арената каде што 300 илјади француски војници, рамо до рамо со месното население, ги бранеле вредностите врз кои се темели современа Европа. За 70 000 од нив, Македонија е земјата во која го нашле својот вечен спокој. За сите нив, имени и безимени, на стогодишнината од крајот на Првата Светска војна, им оддаваме должна почит.Од Битола, од градот на конзулите, француските конзули се тие кои ја ширеле низ Македонија напредна идеја за слобода, братство и еднаквост.

MNR 2

Преку своето несебично делување, а пред сé, со почитта и љубовта кон двете земји, во градењето на македонско-француското пријателство, несомнено, клучна улога одиграле значајни личности од современта историја: политичари, дипломати, писатели, уметници, бизнисмени.  Дозволете  ми,  во оваа пригода, посебна почит да му оддадам на францускиот сенатор Роберт Бадинтер, чиј лик и дело  ќе бидат засекогаш врежани во државотворноста на нашата земја. Да не ги заборавам и сите оние кои пронашле пријател, партнер, животен сопатник, семејно огниште во нашите две земји, сите оние на кои им се топли душата кога зборуваат за Македонија и Франција.

Драги пријатели,

Денес, Република Македонија е земја на надежта, на промените, земја која исправено стои пред предизвиците и е цврсто решена да ги надмине. Подготвени сме да свртиме нова страница, страница врз која ќе испишеме просперитет и иднина за нашата земја, за нашиот Регион. Единствениот пат кој води до просперитетна иднина минува низ процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. На тој пат, повторно, ни е потребна француската поддршка. По последните средби со францускиот претседател Макрон и министерот за надворешни работи Ле Дриан, охрабрен сум од француските пораки. Убеден сум дека со помош на нашите европски пријатели, со Франција посебно, ќе успееме   да ја градиме новата иднина на Република Македонија, како пријатели, сојузници, партнери.

MNR 1

На крај, во мое лично име и во името на Министерството за надворешни работи, би сакал да му се заблагодарам на амбасадорот Тимоние, на Францускиот институт и на Македонската опера и балет за организацијата на вечерашниот концерт, со кој не само што го одбележуваме 25 годишниот јубилеј на дипломатски односи, туку, ја славиме убавината која нé  поврзува –уметноста и францускиот јазик. Посакувам да продолжиме да ја градиме иднината заедно и да славиме уште многу заеднички јубилеи, сплотени во големото европско семејство. 

Ви посакувам убава вечер. Je vous souhaite une excellente soirée.

MNR 3

Конзуларни услуги