„Изгубивме една цела генерација“

Датум: 26 март 2019 година
Новинар: Мануела Свобода
Линк: https://www.kleinezeitung.at/politik/aussenpolitik/5602369/Nordmazedonien_Wir-haben-eine-ganze-Generation-verloren

 E489D48B 17D8 4BC4 8196 6A0309E58327 v0 h

ИНТЕРВЈУ: Македонија, на почетокот на годината стави крај на нејзиниот спор за името со Грција и се преименува во Северна Македонија: патот кон ЕУ и НАТО сега би требало да биде слободен, се надева Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Од Мануела Свобода

Повеќе од 27 години Грција и денешна Северна Македонија водеа жесток спор околу името, а конфликтот заврши на почетокот од оваа година. Договорот се смета за историски. Какви директни влијанија има сега новото име Северна Македонија?

МНР Никола Димитров: Овој спор околу името постоеше откако станавме независна држава, од 1991 година. Во 1993 година пристапивме кон Обединетите нации и таму беше речено дека мораме да го решиме овој проблем. Договорот, сега, претставува последна цигла од нашата државна зграда во градењето на државата. Изгубивме цела една генерација со овој спор со името! Со договорот повеќе мислевме на наредната генерација, отколку на наредните избори. Владата во Скопје сфати дека, ние, како земја на Балканот, мораме да делуваме брзо во овие непредвидливи времиња, ако сакаме да содејствуваме на меѓународен план.

Какви можности, но и какви недостатоци носи името Северна Македонија за самата земја?

МНР Никола Димитров: Секако, има уште многу луѓе во земјата кои се противат на помирувањето со Грција и на името Северна Македонија. На Владата ѝ треба време да ги убеди скептиците. Луѓето често ја одбиваат промената, понекогаш старите рововски битки се полесни. Постојат дванаратива кои меѓусебно се натпреваруваат: оној на стравот и оној на иднината. Некои партии сè уште пробуваат да соберат поени преку стравот. На долг рок, овие политичари не ѝ прават услуга на нацијата. Во овој контекст со задоволство го цитирам воведот од Карнеги извештајот за Балканските војни 1912/13, кој е објавен во 1914: таму стои дека не постои друг излез, никакво друго решение за земјите или нациите, освен она на обединување и помирување. И покрај тоа што на двете страни има мал број ентузијасти: со завршувањето на спорот со името ние застануваме на вистинската страна на историјата.

Поради спорот со името Грција го блокираше влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, оваа блокада сега  е завршена: колку се важни овие членства за Македонија?

МНР Никола Димитров: Овие два сојузи се важни за сите политички сили. Ние требаше да бидеме членка на НАТО од 2008/09, како Албанија и Хрватска. Но, сепак, сè уште не сме. За нашиот регион овие сојузи значат безбедност. Досега, во повеќе наврати го делевме товарот, но без да ги имаме предностите и сигурноста на членството во НАТО, како на пример во Авганистан, каде зедовме учество во ИСАФ, Меѓународните сили за безбедносна помош. Се надеваме дека до Самитот на НАТО во Лондон во декември ќе бидеме членка.

А што е со ЕУ?

МНР Никола Димитров: Апсурден е фактот дека балканските земји секогаш се наоѓаат на периферијата на Европа. Северна Македонија не е земја членка на ЕУ, а е опкружена со земји членки на ЕУ. И миграциската криза од 2015/2016 јасно покажа колку е важен Балканот во геополитичка смисла, колку е важна Северна Македонија. И на економски план се наоѓаме во иста ситуација: Австрија е најголемиот инвеститор во Северна Македонија, а Германија е нашиот најважен трговски партнер. 49 проценти од нашиот извоз одат во Германија. Најголемиот предизвик за нас во Северна Македонија, моментално, е нашата млада генерација да ја задржиме во земјата, а тоа е возможно само ако станеме членка на ЕУ. Мораме да им сигнализираме на младите дека работите се движат нанапред.

Но, главна тема  на Балканот е корупцијата. Дали Северна Македонија е навистина подготвена за ЕУ?

МНР Никола Димитров: Мојата Влада работи веќе 22 месеци. Таа се разви од широката мобилизација на населението, и јас лично сум партиски неопределен и бев активист на тоа протестно движење – јас сум, речиси, несреќен случај на политиката (се смее). Мојата Влада сукцесивно им пристапува на  реформските проекти: борба против корупцијата, борба за медиумска слобода. Европското патување за нас повеќе не треба да се одвива во чекалната, туку како во случајот со Црна Гора и Србија, во собата за преговори.

Вие ја познавате Велика Британија, студиравте на Кембриџ: што мислите за хаосот со Брегзит?

МНР Никола Димитров: Јас ја сакам Велика Британија. Но, стравувам дека се однесува како човек кој секогаш бил внатре и заборавил колку е ладно надвор.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија: „Мораме да им сигнализираме на младите дека работите се движат нанапред.“

 

Кон личноста

Никола Димитров, роден на 30.09.1972 во Скопје (тогаш Југославија). Студирал право во Скопје и Кембриџ. Доцент за меѓународно право, амбасадор во САД и Холандија. (Партиски неопределениот) министер за надворешни работи на Северна Македонија (од 2017) беше во Грац на покана на Центарот за студии за Југоисточна Европа.

Конзуларни услуги