Северна Македонија во светот

Заменик министерот за надворешни работи на Република Македонија, Драгана Кипријановска, денес во Мостар, учествуваше на состанокот на Партнерската Комисија на земјите членки на Повелбата за партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД, во рамки на босанското претседавање со Повелбата.

 

IMG 3242

Министрите за надворешни работи на А5 земјите разменија мислења за аспектите на досегашната и идна политичко-безбедносна соработка во рамките на Повелбата, со посебен акцент на активностите на овие земји пред Самитот на НАТО во Варшава.

На состанокот беа разгледани и можностите за натамошни заеднички активности на земјите од регионот во повеќе области, како што е учеството во зајакнување на безбедноста и унапредување на процесот на демократизација во Авганистан, иницирање заеднички проекти за ефикасно управување со кризи, цивилна поддршка на мисиите за стабилизација и реконструкција итн.

Исто така, на средбата се дискутираше за илегалните миграции и безбедносните предизвици кои произлегуваат од нив. При тоа беше потенцирана неопходноста од размената на информации, логистичката подршка на мигрантите, заедничко менаџирање на мигрантските токови, како и граничниот менаџмент. Присутните разменија свои видувања и размислувања за прашањата поврзани со тероризмот и феноменот на странски борци на боиштата во Сирија и Ирак.

ЗМНР Кипријановска на состанокот го истакна значењето на Јадранската повелба во насока на зајакнување и промовирање на соработката, мирот и безбедноста во регионот и ја реафирмира определбата и заложбите на Република Македонија за натамошно продлабочување на соработката во рамките на Повелбата, со цел целосна интеграција на Регионот во НАТО.

На состанокот беше усвоено и заедничко коминике со кое земјите членки оддадоа признание на посветеноста на Македонија во успешната имплементација на спроведените реформи и достигнувањето на евроатланските стандарди што потврдува дека членството на РМ во НАТО е заслужено.

Исто така, земјите членки ја поздравија поканата за членство на Црна Гора во НАТО.

На маргините на состанокот, ЗМНР Кипријановска оствари работни средби со своите колеги од Хрватска и Албанија.

Во текот на 2016 година, со Повелбата ќе претседава Република Хрватска.

Конзуларни услуги