Северна Македонија во светот

По повод одбележувањето на Светскиот ден на Даунов синдром, 21 март, денес во седиштето на ОН во Њујорк, во организација на неколку Постојани мисии на земји членки на ОН, Одделот на ОН за економски и социјални работи, УНИЦЕФ, и невладините организации Меѓународна алијанса за инвалидитет и Меѓународна инклузија, се одржа конференција на тема: „Моите пријатели, мојата заедница – Придобивките на инклузивната средина за децата денес, а возрасни во иднина“.

На настанот беа разменети искуства како инклузијата може да има позитивно влијание и како функционира во пракса од аспект на лицата со Даунов синдром.

На конференцијата во својство на самозастапник, обраќање имаше Александар Матовски, лице со Даунов синдром од Република Македонија, кој презентирајќи го неговиот активен ангажман во рамки на невладиниот сектор на локално и меѓународно ниво за вклучување на лицата со инвалидитет во општествениот живот ја истакна важноста од поддршката на најблиските и пошироката средина во неговите активности.

Александар Матовски беше гостин на Постојаната Мисија на РМ при ОН при што нејзините претставници го запознаа со работата и активностите на Мисијата во рамки на ОН.

Конференцијата се одржува секоја година и генерално има за цел унапредување на човековите права на лицата со Даунов синдром и пречки во развојот, преку примена на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (UN CRPD) и други инструменти за човекови права.

Конзуларни услуги