Северна Македонија во светот

Почитуван г. Претседавач,

Ги земаме предвид забелешките направени денес во поглед на политичкиот развој во Република Македонија. Во тој контекст дозволете ми да ве известам за следното:

1) Предвремените парламентарни избори што беа презакажани од 24 април за 5 јуни се откажани.

Имено, Уставниот суд на Република Македонија на 18 мај 2016 година одлучи привремено да ги запре сите активности поврзани со предвремените парламентарни избори што беа закажани за 5 јуни. Оваа мерка создаде можност да се продолжи работата на Собранието и да се откажат изборите на 5 јуни. Уставниот суд ги поништи одлуките за распуштање на Собранието на 25 мај.

Политичките партии разгледуваат датуми за одржување на следните избори, врз основа на преференциите на опозицијата. Одлуката ќе се биде заедничка на сите политички партии во државата.

2) Собранието одобри прераспределба на привремената влада задолжена за организирање предвремени парламентарни избори.

Привремениот технички премиер ги прифати оставките поднесени на 6 април од министерите и соодветните заменици министри на најголемата опозициска партија во техничката влада. Собранието на 18 мај ги изгласа новите министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Најголемата опозициска партија гласаше ‘против’ и ја напушти седницата кога новите министри положуваа заклетва.

3) Згора на тоа, Собранието на 19 мај ги усвои измените на Законот за помилување со што се обезбеди законска основа за повлекување на претседателските помилувања. Најголемата опозициска партија не присуствуваше на расправата и гласањето. Измените го предвидуваат следното:

- На претседателот му се дава можност да донесе одлука да ги повлече помилувањата без претходна постапка во рок од 30 дена по усвојување на изменетиот закон. Претседателот не е должен да ја објасни својата одлука.

- Помилуваните поединци имаат можност да поднесат лично писмено барање до претседателот за повлекување на помилувањето при што претседателот е должен да ја поништи одлуката во рок од 30 дена по поднесување на барањето.

Би сакал да потсетам дека сите политички партии во Република Македонија изразија јавно несогласување со одлуката на претседателот.

Г. Претседавач, Собранието воедно усвои и нов Закон за заштита на приватноста следејќи ги препораките на Венецијанската комисија при Советот на Европа.

Новиот закон ја уредува приватноста на македонските граѓани која е загарантирана со Устав и Европската конвенција за заштита на човековите права во поглед на материјалите што излегоа од незаконските прислушувања извршени меѓу 2008 и 2015 година. Одредбите од законот не се однесуваат на материјалите објавени до 15 јули 2015 година. Примената на законот ќе почне на 1 јули 2017 година. При примената на законот, надлежниот суд има должност да ги почитува одредбите на Европската конвенција за заштита на човековите права и одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Згора на тоа, на 19 мај Собранието усвои законски измени во Изборниот законик и Законот за заштита на лични податоци, отстранувајќи ја правната пречка за објавување на податоците од избирачкиот список од страна на Државната изборна комисија на нејзината интернет страница.

Во тек се и законските измени на Законот за управни спорови и Законот за општа управна постапка, со кои се предвидуваат пократки рокови за преземање одредени мерки поврзани со избирачкиот список и зајакнување на ефикасноста на Државната изборна комисија при прегледување на избирачкиот список.

Г. Претседавач,

Согласни сме дека Република Македонија треба да се придвижи напред и да се извлече од оваа долготрајна политичка криза, при што сите политички партии треба да постапуваат одговорно, целосно да се придржуваат на минатогодишниот политичкиот договор и да ги спроведуваат неопходните реформи.

Фокусот на Македонија мора да остане на реформите, на забрзување на социо-економскиот развој, на напредување на патот кон пристапување во ЕУ и членство во НАТО.

Како што е посочено во повеќе наврати, реформите неопходни за членство, кои најчесто се болни за земјите кандидатки, најдобро се спроведуваат при веродостоен процес кој јасно ја дефинира рамката за членство во ЕУ.

На крај, дозволете ми да потврдам дека Македонија ги цени напорите и поддршката на нашите стратешки партнери кон остварување на нашите заеднички стратешки цели и посветеноста на Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ.

 

Конзуларни услуги