Северна Македонија во светот

ДЕЛЕГАЦИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ОБСЕ
Излагање на амбасадорот Кире Илиоски  - Постојан претставник на Република Македонија при ОБСЕ, ОН и други меѓународни организации во Виена
ПС 1108 - Јули 14, 2016

 

Во име на мојата делегација, би сакал да ѝ посакам топло добредојде на амбасадорката Нина Суомалаинен, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во Постојаниот Совет и да ѝ се заблагодарам за сеопфатниот и стимулативен извештај. 

Мисијата на ОБСЕ навистина динамично соработува со владата и различните институции, како и со невладиниот сектор во Република Македонија.

Задоволни сме и благодарни за помошта и експертизата што ја обезбедува Мисијата на земјата во поглед на прашањата што спаѓаат во рамки на нејзиниот мандат, како човековите права, владеењето на правото, полицијата итн., и во извештајот е нагласен голем број на добри практики, корисни проекти и заеднички потфати поврзани со важни прашања вклучувајќи и некои на полето на антидискриминацијата и судството.

Ја цениме улогата на Мисијата во поглед на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како неразделен дел од уставно-правниот ред на државата. Во овие 15 години од стапувањето на сила на овој договор, македонското општество и државните институции го докажале својот капацитет за справување со предизвици од различна природа.
Дозволете ми, во овој поглед, да го нагласам значењето што го придодаваме на имплементацијата на стратегијата за интегрирано образование, што содржи широк опсег на мерки и препораки, и подобрувањата на ова поле. Имено, сите основни и средни училишта имаат оформено тимови за интеграција во образованието чија задача е да предвидат активности за мултикултурална интеграција по училиштата. Министерството за образование и наука оформи работна група за надзор на активостите за интеграција преку изработка на план за мерење на достигнувањата.

Господине претседавач,

Во поглед на реформите на изборниот процес, постои една традиционална и долгорочна соработка со ОБСЕ/ОДИХИР и со Мисијата. Како што е посочено, напредок има, иако е потребна дополнителна работа по одредени прашања, како зголемување на ефикасноста на Државната изборна комисија и севкупно продолжување на реформите во изборниот процес земајќи ги предвид препораките на ОДИХИР.

Во овој контекст и со цел да се заврши имплементацијата на претостанатата обврска според меѓупартискиот договор од јуни/јули 2015 – т.е. одржувањето предвремени парламентарни избори, во тек се дискусии меѓу главните засегнати страни во врска со практични прашања поврзани со изборите, додека пак ОБСЕ повторно ќе има важна улога во процесот на следење на подготовките и спроведување на изборите.

Како што посочивме претходно, одговорната примена на меѓупартискиот договор во целост останува единствениот одржлив начин за излез од долготрајната политичка безизлезна состојба. Потребна е јасна политичка волја и решително дејствување од сите чинители за да се надмине кризата и за да се исправи негативното влијание и последиците што го имала кризата врз земјата и нејзиниот народ.

Во овој поглед и земајќи ги предвид препораките на нашите партнери, Владата како и Собранието, во текот на изминатиот период, усвоија и применија голем број на конкретни мерки. На пример, како што и се предвидува во политичкиот договор, Канцеларијата на јавното обвинителство има добиено правна, институционална и финансиска поддршка што ѝ е неопходна за автономно и непречено работење. СЈО презеде судска надлежност над два тековни судски процеси. Во моментов има преземено седум истражни постапки во кои се опфатени 60 поединци и голем број предистражни постапки.

Веќе постојат зајакнати напори за имплементирање на акцискиот план за клучните реформни приоритети, главно во областа на владеењето на правото и судството, медиумите и јавната администрација, а дел од нив се веќе ставени во владина постапка. На пример, во поглед на медиумите, дозволете ми да ве известам дека пред само неколку дена, проследив до Канцеларијата на Претставникот за слобода на медиумите една копија на ново предложениот „Предлог закон за информативни и рекламни кампањи на јавните инстутиции во Република Македонија“ подготвен од владата за да се добие неговото мислење за овој предлог закон. Ова е само еден пример на тесната соработка што ја одржуваме со институциите на ОБСЕ, во овој конкретен случај со Претставникот за слобода на медиумите, за да се постапи по одредени нерешени прашања во согласност со меѓународните стандарди.

Господине претседавач,

Има уште едно важно прашање што се спомена денес – тековната миграциска и бегалска криза и многубројните импликации и предизвици што ги носи за земјите учеснички. Ние, како и многумина од присутните денес, имаме искусено огромен прилив на бегалци. За да постапиме успешно по хуманитарните и другите релевантни аспекти на кризата, преземавме законодавни и регулаторни мерки на национално ниво и голем број на иницијативи за соработка со соседните земји и меѓународните партнери, вклучувајќи и ОБСЕ. Ефективниот одговор на Македонија кон предизвиците на миграцијата најдобро посочува на функционалноста на државните институции и нивната отпорност на негативните влијанија од сложената политичка средина.

Господине претседавач,

Дозволете ми да нагласам дека фокусот на Македонија навистина мора да остане на реформите и напредокот по патот кон пристапување во ЕУ и стекнување членство во НАТО.
Како што беше и претходно посочено пред овој ПС, неопходните реформи што честопати се болни за земјите кандидатки најдобро ќе се имплементираат доколку постои кредибилен процес што јасно го дефинира исходот за членство во ЕУ.

Тесната соработка што ја имаме со ОБСЕ општо и со Мисијата во Македонија се смета од страна на Владата за комплементарна на и следствено скроена во согласност со нејзините стратегиски цели односно станување дел од НАТО и ЕУ.

Благодарни сме за напорите и активостите на шефот на Мисијата и нејзиниот тим и се радуваме на нашата понатамошна добра соработка.

Благодарам.

Конзуларни услуги