Северна Македонија во светот

На 8 септември 2016 година во хотелот „Кемпински“, Амбасадата на Република Македонија во Берлин организираше прием по повод државниот празник 8-ми септември.
На свечениот прием присуствуваа над 200 гости, пратеници од Сојузното собрание на Сојузна Република Германија, претставници од кабинетите на Претседателот и Канцеларот на СР Германија, Амбасадори и колеги од дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на македонската заедница, македонската православна и исламска заедница.

На настанот се обрати амбасадорот Сашо Марковски, како и Хелге Толксдорф, раководител на одделот за проширување на ЕУ при сојузното Министерство за економија и енергија. Амбасадорот Марковски најнапред се осврна на развојните етапи на Република Македонија, интеграциските процеси и спроведените реформи. 

berlin 8 mi septemvri

„Македонија има голем број на искрени пријатели и поддржувачи. Економските параметри докажуваат дека Германија секогаш е на врвот на првите пет трговски партнери за економско-трговска соработка со Македонија. Пријателството се заслужува со искреност, со посветеност и доверба во заедничка иднина. Македонско - германското пријателство ќе се одржува и гради и во иднина“, порача амбасадорот Марковски. 

Толксдорф во своето обраќање пред присутните, истакна дека земјите од регионот го имаат клучот за развој и стабилност и треба доследно да работат за приближување кон ЕУ, при што можат да сметаат на поддршката од Германија. „Во изминатите години Германија секогаш ја помагаше Македонија во сите области од општествен живот, економски и политички. Континуирано се продлабочуваше соработката меѓу германските и македонските компании, а како резултат на успешната и долгогодишна соработка на двете земји, во октомври о.г. со германско – македонската стопанска комора во Скопје, ќе се отвори и регионално претставништво на германската економија. Скопје ќе ја има улогата на економски центар од каде што ќе бидат испорачувани услуги на германските компании во Тирана и во Приштина, за полесен влез на тој пазар“, истакна Толксдорф.

Конзуларни услуги