North Macedonia in the World

На 13-ти октомври 2016 година амбасадорот Андријана Цветковиќ оствари средба со новоназначениот парламентарен заменик Министер за надорешни работи на Јапонија Мотоме Такисава, кој е надлежен за Република Македонија. На средбата беше изразена заемна согласност за континуираниот позитивен развоен тренд на билатералните односи меѓу двете земји, што бележи значаен прогрес по отворањето на Амбасада на Република Македонија во Токио во 2013 година, како и претстојното отворање на јапонска Амбасада во Скопје во јануари 2017 година.

cvetkovicZMNR

Амбасадорот Цветковиќ упати честитки до ЗМНР Такисава за неговото назначување на оваа значајна функција, изразувајќи очекување со неговата работа и углед да придонесе за понатамошно унапредување на македонско - јапонските односи.

ЗМНР Такисава го поздрави неодамна потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и јапонското Медицинско корпорациско тело "Кен Ику Каи", оценувајќи го како особено значаен чекор на полето на зајакнувањето на здравствената соработка меѓу двете земји. Изразено беше задоволство и од успешно спроведените обуки на македонски доктори во болницата “JR Tokyo General Hospital” и болницата “Takekawa”, кои ќе придонесат за унапредување на методите кои се користат во македонскиот здравстен систем со јапонските искуства.

Амбасадорот Цветковиќ упати благодарност за јапонската материјална помош доставена преку ЏАЈКА за справување со последиците од поплавите во Македонија, како и за помошта наменета за справување со последиците од мигранската криза. Воедно, ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија, пренесувајќи го интересот за зајакнување на економската соработка и привлекување на јапонски инвестиции во земјава. Во тој контекст, информираше за високото рангирање на Република Македонија во извештајот “Doing Business’ на Светска банка на светско и европско ниво, што сведочи за поволностите кои земјава ги нуди за странските инвеститори. Воедно, Амбасадорот Цветковиќ побара поддршка за формирањето на парламентарна група за пријателсто меѓу двете земји, што ќе придонесе за понатамошно зајакнување на парламентарната соработка меѓу двете земји, а изрази и задоволство од континуираната заемна поддршка во мултилатералната сфера. 

Соговорниците истакнаа дека заложбите на двете страни за понатамошно зајакнување и продлабочување на билатералните односи и соработка во сите сфери од заемен интерес ќе продолжат и во иднина со зајакнат интензитет.