Соопштенија

Средба на министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров со германскиот државен министер Михаел Рот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес го прими државниот министер при Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија, надлежен за Европа, Михаел Рот.

Dimitrov Rot 01

Европските перспективи на нашата земја и добрососедските односи и регионалната соработка беа главни теми на средбата со германскиот министер. Посебен фокус беше ставен на приоритетните политики на новата реформска Влада на Република Македонија за заживување на нашиот евро и евроатлански интегративен процес. Двајцата соговорници разгледаа и одредени модалитети за унапредување на мошне добрите врски на меѓусебно пријателство и соработка, а разговараа и за претстојниот Самит за Западен Балкан во Трст.

Dimitrov Rot 02

Министерот Димитров истакна дека Македонија се наоѓа во нова, позрела фаза, во која приоритет има градењето на функционални институции и независни механизми на спреги и кочници. Овој нов наратив своја рефлексија има и на планот на надворешната политика, посебно преку преземањето позитивен и отворен однос кон сите соседи и промоцијата на потребата од активна и конкретна регионална соработка. Димитров потенцираше дека Македонија е цврсто решена да работи не само на задржување на овој нов ентузијазам, туку и негово ширење во целиот регион. Притоа го поздрави ангажманот на Германија, меѓу другото и преку Берлинскиот процес и стратегиите од типот на “Берлин плус”, оценувајќи ги како исклучително важен стимул на процесите за приближување на Македонија и регионот во ЕУ.

Dimitrov Rot 04

Државниот министер Рот ја реафирмираше поддршката на Германија за европската иднина на Македонија, поздравувајќи ги првите чекори на новата македонска Влада во насока владеење на правото и принципот на одговорност, но и пристапот на отворена и конструктивна политика со соседите и регионот. Рот увери дека германските напори и посветеност во рамки на заедничката соработка со Република Македонија ќе продолжат и во иднина, со цел реализација на европските и евроатланските аспирации на нашата земја.

Dimitrov Rot 05

Dimitrov Rot 06

 

Конзуларни услуги