Интервјуа и говори

Геополитиката се враќа на Балканот

Интервју за Ди Пресе, Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија
Објавено: 11.07.2017 година
Новинар: Christian Ultsch

Intervju za avstriski Di prese

Ди Пресе: Вашата Влада си постави за цел Македонија брзо да пристапи кон НАТО и ЕУ. Грција со години се спротиставува, затоа што не прифаќа вашата земја да се нарекува Македонија, исто како и грчката северна провинција. Како ќе ја совладате блокадата?

Никола Димитров: Мојата прва официјална посета во странство беше во Атина. Пораката гласеше: нашата земја доби втора шанса да изгради европска демократија. Размислете, дали ќе ги поддржите овие напори или не, бидејќи, со блокирање на нашата иднина во ЕУ и НАТО, Македонија нема да стане поконструктивна.

Ди Пресе: Дали грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас ја разбра пораката?

Никола Димитров: Никогаш нема да се откажам од убедувањето во нашите пријателски намери. Коцијас ќе нѐ посети во август. Македонија е без предрасуди кон своите соседи. Минатиот викенд бев во Бугарија и со колешката преговаравме за договор за добрососедство што треба да се потпише на почетокот на август. Не сакаме повеќе да провоцираме, туку да праќаме позитивни сигнали.

Ди Пресе: Дали беше грешка да се провоцира Грција, поставувајќи огромен споменик на Александар Велики во срцето на Скопје?

Никола Димитров: Не ни требаат споменици за да бидеме горди Македонци. Созреавме.

Ди Пресе: Можно ли е Македонија да влезе во НАТО со провизорно име, како ПЈРМ (Поранешна Југословенска Република Македонија).

Никола Димитров: Можно е, ако се согласи Грција, иако ПЈРМ звучи како Клингон од Стар Трек. Таков компромис би претставувал инвестиција во подоцнежното решавање на спорот со името. Ќе дадеме сè од себе за да ги убедиме Грците дека е и во нивен интерес.

Ди Пресе: За евентуалното решение за спорот со името сакате да одржите референдум. Не ризикувате ли со тоа нова поларизација на земјата?

Никола Димитров: Сите партии се согласни со овој референдум. Потребен ни е консензус на големите партии во Македонија. До таму не сме дојдени со сегашната опозиција која, додека беше на власт, ја зароби државата. Мора да постигнеме напредок, но без притоа да ја поделиме земјата.

Ди Пресе: Каква е тука улогата на ЕУ?

Никола Димитров: Европа мора да согледа дека влогот е голем. Регионот не е многу безбедно и среќно место. Европа не може да продолжи да се однесува како досега, да зборува за проширување, а истовремено да се плаши тоа да го каже пред сопствените гласачи. Мора да побрзаме да ја завршиме работата на Балканот.

Ди Пресе: Зошто?

Никола Димитров: Концептот по завршувањето на југословенските војни беше, да се утврдат граници и земјите да се приближат кон ЕУ. Но, пристапниот процес многу се забави и сега личи на скали што не водат никаде. Земјите членки на ЕУ ја изгубија довербата дека овој процес навистина го менува Западниот Балкан: гледаат корупција, намалување на демократијата и задушување на слободата на медиумите. Ова го зајакнува скептицизмот. А во исто време геополитиката се враќа на Балканот.

Ди Пресе: Што мислите со тоа? Враќање на Русија?

Никола Димитров: Постојат сили што гледаат можност да го доведат во прашање пост југословенскиот повоен поредок. А ако на Балканот нешто не оди по план, луѓето повторно почнуваат да зборуваат за границите. Проблемот со проблемите е во тоа што тие се шират. Европа мора да почне да ги решава проблемите.

Ди Пресе: Дали мешањето на Русија во регионот значи нова итност на амбициите на Македонија за членство во НАТО?

Никола Димитров: Јас не ги сакам овие „или – или“ ставови. Граѓаните на Македонија мораат самите да решат дали сакаат членство во НАТО. Ние се обидуваме уште од 1993 година, 71 процент од населението е за.

Ди Пресе: Дали Европа долго време затвораше очи зашто беше зафатена со сопствената криза?

Никола Димитров: Европа се соочува со егзистенцијална криза. Но, Европа не смее да потоне во меланхолија. Лорд Робертсон, поранешниот генерален секретар на НАТО рече: „Ако не можеш истовремено да јаваш два коња, тогаш што бараш во циркус?“ Европа мора да почне повторно да размислува во пошироки рамки. Ако постои регион во кој може да се направи разлика, тогаш тоа е на Балканот.

Ди Пресе: Дали некои влади во Европа беа премногу благи во односот кон поранешниот премиер Груевски?

Никола Димитров: Европа мора да ги кажува работите отворено, ако сака да има влијание во регионот. Во случај на големи повреди на демократијата, Европа мора јавно да викне „фаул!“. Ова го велам и како министер за надворешни работи: Ако згрешиме нешто, кажете ни го тоа јавно.

Ди Пресе: Австрискиот министер за надворешни работи учествуваше на предизборниот митинг на партијата на Груевски.

Никола Димитров: Не е многу паметно, јас како министер за надворешни работи, да дадам сосема отворен одговор. Можам само да кажам дека не постои дихотомија меѓу стабилноста и демократијата. А Македонија е најдобар пример за ова. Ако една држава не е демократија со независни институции, никогаш нема да биде стабилна.

Ди Пресе: На поранешниот премиер Груевски не му е дозволено да ја напушта Македонија. Што го очекува?

Никола Димитров: Во Македонија постои голема жед за правда. Се работи за очигледна неправда: сите сме запознаени со разговорите од нелегалното прислушкување. Со неказнување се праќа ужасна порака. Тоа значи дека човек може за било што да помине без казна, се додека е доволно моќен. Но, тоа не е работа на Владата, за тоа треба да одлучат судиите.

Ди Пресе: Ако не се залагате за помирување, ќе го продлабочите јазот во Македонија

Никола Димитров: Помирувањето мора да се заснова на принципи и одговорност. Во Македонија многу работи се криеја под тепих, така што таму сега се појави мала планина. Потребни ни се силни институции, независно судство и слободни медиуми, за да бидеме стабилна држава. Тоа е големата лекција за Македонија од претходната државна криза.

 

Оригиналната верзија на интервјуто можете да ја прочитате на следниот линк: http://www.pressreader.com/austria/die-presse/20170711/281543700960979

Конзуларни услуги