Македонската мрежа на ментори во соработка со Министерството за Надворешни работи и Амбасадата на РМ во Варшава, во периодот меѓу 28 јуни до 1 јули, 2017 г. во Варшава, Полска, реализира прв македонско-полски бизнис форум на жени претприемачи.
Македонската мрежа на ментори во соработка со Министерството за Надворешни работи и Амбасадата на РМ во Варшава, во периодот меѓу 28 јуни до 1 јули, 2017 г. во Варшава, Полска, реализира прв македонско-полски бизнис форум на жени претприемачи. Настанот произлезе како заедничка идеја на Македонската мрежа на ментори, Меѓународниот форум на жени од Полска и Амбасадата на РМ во Варшава, со поддршка на Министерствата за надворешни работи на двете земји. Целта на форумот беше да се создадат поблиски економски контакти во насока на отворање на можности за економска соработка, промоција на македонскиот извоз во Република Полска, привлекување на потенцијални странски инвестиции од Полска, утврдување на можностите за заедничко настапување на компаниите од Македонија и Полска на двата пазари и во трети земји, како и согледување на полските искуства од користењето на структурните фондови на ЕУ, а сето тоа со фокус на жените претприемачи. Намерата беше споменатото да се овозможи преку дијалог и соработка на јавниот, приватниот и невладиниот сектор во насока на обезбедување инклузивност и сеопфатност.
Програмата вклучи бизнис форум кој се одржа во Министерството за надворешни работи на Република Полска, а истиот го отворија заменик директорот за економска соработка Амбасадорот Поњатовски од полското МНР, заменик директорката за економска дипломатија Шпреса Јусуфи, Вршителот на работи во Амбасадата на РМ во Варшава Горица Атанасова Ѓоревска и г-ѓа. Ева Римињска Жимни, претседателка на полската партнер организација и професор на Варшавската Школа за економија. На настанот зедоа учество жени претприемници, менаџерки, раководители, и лидерки претставнички на 35 компании од Македонија и од Полска. На форумот се презентираа неколку компании кои веќе имаат искуство со инвестиции и работат на македонскиот пазар како Асеко и Рего-Бис, а беа организирани и повеќе Б2Б средби во насока на поврзување на компатибилни бизниси од двете страни. Во рамки на посетата се остварија средби и контакти со раководството на Полско-Балканската комора во која членуваат полски фирми ориентирани кон регионот на Југоисточна Европа со цел да се лоцираат можности за понатамошна соработка и привлечат потенцијални инвеститори.
Настанот беше заокружен со прием и настан посветен на вмрежување кој вршителот на работи во Амбасадата Горица Атанасова Ѓоревска го приреди во Амбасадата по повод Првиот бизнис форумот на жени претприемачи на кој присуствуваа претставници на дипломатскиот кор на повеќе земји, претставници на полската бизнис заедница и учесниците на форумот.