Соопштенија

На последниот ден (четврток, 30 ноември 2017 г.) во рамките од работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров оствари средби со советникот за национална безбедност на претседателот на САД - Х.Р. МекМастер, конгресменот Брендан Бојл и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.

Димитров МекМастер

На заедничкиот состанок на Министрите за надворешни работи од Регионот со советникот за национална безбедност на претседателот на САД - Х.Р. МекМастер, се разговараше за регионалната соработка, безбедносните предизвици и евроатлантската иднина на Балканот.

“Членството на Република Македонија во НАТО ќе ја зацврсти стабилноста на целиот Балкан, а тоа е заеднички интерес и на Македонија, и на Балканот, и на Европа и на САД” - истакна шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров за време на состанокот со Х.Р. МекМастер.

На средбата со ко-претседавачот на групата за пријателство со Република Македонија во Конгерсот на САД, Брендан Бојл, министерот Димитров побара подршка од Конгресот за реализација на стратешките цели на државата.

Димитров Бојл

Посетата на САД беше заокружена со срдечна средба на МНР Димитров со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт на која се разговараше за актуелните состојби во Македонија и Регионот, за средбите кои ги оствари во рамките на работната посета на Вашингтон, како и за глобалните политички случувања.

Димитров Олбрајт

Конзуларни услуги