Соопштенија

Транскрипт од Прес конференција  на МНР Димитров и МНР на Украина, Павло Климкин.

 

 

Poseta na MNR na Ukraina 15

Воведна изјава, МНР Димитров

Почитувани претставници на медиумите,

почитувани граѓани,

Посебно задоволство ми е да се сретнам и да разговорам со мојот украински колега, Павло Климкин, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.  

Ова е наша втора средба. Се видовме минатиот септември во Њујорк и се договоривме да се оствари оваа посета. Министерот Климкин е човек од збор и сега го реализира тоа ветување. Се договоривме дека ќе имаме и возвратна посета на Киев, каде што ќе потпишеме една спогодба за патување без визи меѓу двете земји, што е важно.

Македонија и Украина традиционално одржуваат блиски и пријателски односи. Оваа посета е уште една потврда. Акцентот во разговорите го ставивме на билатералната соработка и што е тоа што може да го направиме да ја подобриме. Ние имаме Договор за слободна трговија, меѓутоа бројките не соодветствуваат на потенцијалот. Работиме на унапредување на овој Договор и тој процес е веќе почнат со цел и да го зголемиме потенцијалот и да ги зголемиме и бројките, што ќе биде добро и за Македонија и за Украина. 

Имаме заедничка визија за стабилна, обединета и просперитетна Европа. Во таа смисла, реафирмирајќи ја заемно приврзаноста кон европските принципи и вредности, се осврнавме и на европските и евро-атланските аспирации и интеграции на нашите две држави.

Иако секоја од нас има свој специфичен пат и се соочува со различен вид на предизвици, Македонија и Украина се подготвени да разменуваат искуства и заемно да се поддржуваат во остварувањето на заедничките цели. Ја истакнавме и потребата од потесна соработка во рамките на Обединетите нации, ОБСЕ, Советот на Европа и други меѓународни организации, за зајакнување на меѓународната соработка и безбедноста.

Со Министерот потпишавме Заедничка декларација меѓу двете министерства за надворешни работи, во која ги нотиравме овие заеднички заложби.

Потпишавме и Меморандум за заемна соработка меѓу Дипломатската академија во МНР на Република Македонија и Дипломатската академија „Генадиј Удовенко“ во Министерството за надворешни работи на Украина.

На крајот, уште еднаш би сакал да го потенцирам задоволството од оваа посета, која ќе биде нов импулс за нашата соработка.

Можеби ќе имаме и една неформална средба покрај охридското езеро во вечерните часови. Можеби покрај нас двајцата, ќе ни се придружи и колегата и пријателот од Атина.

Јас тука ќе застанам, ќе го поканам Министерот да има свои воведни зборови и ќе ве замолам ако може прашањата да бидат во контекст на оваа посета, иако се разбира спремен сум и на се друго да одговарам.

Повелете Министре.

Poseta na MNR na Ukraina 17

Воведна изјава, МНР Климкин

Многу Ви благодарам.

Задоволство ми е да допатувам тука кај пријателите. Јас сум уверен дека мојата денешна посета е почеток, не на било какво заживување на нашите односи, бидејќи ние имаме за тоа сè што е потребно, туку за да се искористи уникатниот потенцијал не само на нашите политички односи, не само потенцијалот на економските меѓусебни односи, туку и навистина на контактите меѓу луѓето.

Ние ја сметаме Македонија за многу важен партнер, важен не само како билатерален партнер, туку и како важен партнер на Балканот. Ние заедно одиме кон Европската унија и НАТО. Ние заедно одиме кон просторот на заедничките вредности и токму тоа за мене значи сенс на нашите пријателски односи. Не само едноставно на соработката, токму тоа сакам да го истакнам, туку и на меѓусебно пријателски односи за да се постигнат овие важни цели. И ние ќе ги поддржиме нашите македонски пријатели на овој пат.

Денес, ние се договоривме за тоа дека имаме да потпишеме оваа година и јас добив ветување од својот пријател дека тој ќе допатува за неколку месеци во Киев за да ја потпише Спогодбата за безвизно патување. Сега за сега тоа се времени документи, но треба да добиеме Спогодба која што ќе направи перспектива за иднината. Ние веќе многу години, скоро едно поколение, имаме Спогодба за слободна трговија, но ако погледнеме на реалните обеми на економската и инвестиционата меѓусебна соработка, тие треба не само два пати или три пати, туку десет пати повеќе да пораснат. Треба да го постигнеме тоа и не само да ги опфаќа размената на стоките и инвестициите, туку и размената и контактите меѓу луѓето, науката и сè што нè прави поблиски.

Денес, сакам да ја изразам својата благодарност не само за разбирањето, не за симболот на нашето пријателство, туку за тоа што нашите македонски пријатели земаа на рехабилитација украински војници. Тоа е за нас нешто многу емотивно - реално покажување на пријателството коешто е некогаш и поважно отколку многу формални посети и постигнувања. Нешто што навистина нè соединува.

Затоа ми е големо задоволство што сум денеска тука со вас и тоа се посебни моменти. Ние работиме секогаш и на меѓусебните односи помеѓу нашите дипломатски академии. Младите дипломати не само што ќе се разбираат меѓу себе и ќе си помагаат, туку и ќе се дружат целиот свој дипломатски живот, како што тоа го прават министрите. Така што имаме многу нешта што треба да ги направиме, но сенсот на нашите меѓусебни односи, потпишување на денешната Декларација и заеднички одиме кон просторот на нашите заеднички вредности - на патот на Европската Унија и НАТО. Ќе си помагаме еден со друг на овој пат. Многу ми е мило што ќе успеам и во неформални околности да поразговараме и да се сретнеме со нашиот грчки колега.

Би сакал да посакам на нашите пријатели успеси, за Македонија да стане важна земја и во европскиот и во атлантскиот контекст.


Poseta na MNR na Ukraina 16

Прашање 1: Прашање до МНР на Украина. Украина и Македонија имаат договор за меѓусебна соработка во однос на заштита на инвестициите, меѓутоа со последниот случај за еднострано раскинување на договорот за Казандол, моето прашање е дали и што Украина ќе преземе во однос на овој случај?

МНР Климкин: Ви благодарам за ова прашање. Инвестициските односи за нас се многу важни. Ние сметаме дека во Македонија може да пристигнат повеќе украински инвестиции. Ние разговараме за тоа и се надеваме дека постепено и македонски инвестиции ќе навлезат во Украина. Сметам дека ние треба да живееме во цивилизиран простор. Имајќи ја Спогодбата за заемна заштита на инвестициите, ние го почитуваме решението на одлуките на судот, бидејќи сепак го почитуваме владеењето на правото. За време на денешните разговори, видовме дека има правна основа за решавање на ова прашање и сум апсолутно уверен дека ние ќе најдеме меѓусебно прифатливо и меѓусебно корисно решение за сите нас.

Прашање 2: Укажувањата се дека вчера украинското МНР го повикало на средба нашиот Амбасадор таму и му биле предочени овие работи кои вие ги кажувате, дека ќе изнајдете легитимни легални средства за сето тоа. Коментар дали е сето тоа вистина и во кој правец се мисли легитимни, легални средства бидејќи македонската Влада веќе има одлука? Сардич - украинската компанија која се обиде да инвестира во Македонија  се закани со тужба, така да ако се мисли на легитимни и легални средства, станува збор за тужба која Македонија би можела да ја чини и повеќе од 300 милиони евра.

МНР Климкин: Ние имаме правна основа. Имаме билатерална Спогодба за заштита на инвестициите. Ние јасно рековме дека го почитуваме решението на судовите и одлуката на соодветните меѓународни судови. Во дадениот случај, имаме инвеститор кој што може да се обрати до судовите и да направи сè, а ние ќе се придржуваме до одлуката на судовите. Сепак, инвестициските прашања се не само политичка сфера, не само политички размер, туку сепак владеење на правото и тоа е основа за решавање на оваа инвестициска пречка, а не како политичка пречка, и тоа сакам да го истакнам.

МНР Димитров: Две реченици само, иако немав директно прашање. Во однос на информацијата за Амбасадорот,  тој е тука, присутен,  а беше тука мислам и во текот на вчерашниот ден, така што информацијата за повикот во украинското МНР не е точна. Мислам дека начелно имаме исклучително блиски пријателски односи на политичко ниво, традицијата е таква меѓу двете држави. Се разбира дека може меѓу пријатели да има разлики, особено кога во тие односи се вклучени и приватни субјекти коишто имаат свои интереси. Наше како држави е да имаме правна рамка, и во рамките на таа правна рамка, компаниите согласно својот интерес ќе одлучуваат што ќе направат, а што нема да направат. Ама тоа во секој случај не може да влијае на мостот што е изграден меѓу двете држави политички, и сега и лично, и што е многу цврст.

Прашање 3: Дали може да ни кажете дали годинава ќе има безвижен режим за македонските и украинските државјани? Дали разговаравте за авионско поврзување бидејќи нема авион ниту за Киев, ниту за Скопје? Министре, морам и да Ве прашам за Охрид. Дали очекувате тешки разговори со Коѕијас, бидејќи рековте после минатата средба дека има разлики. Во кое својство Вашиот украинскиот колега ќе присуствува на вечерата вечерва со Коѕијас?

МНР Димитров: За визниот режим - сега, со соодветни одлуки на двете Влади, го имаме укинато времено. Тие одлуки се со времетраење од една година. Тоа што сакаме да го направиме е да имаме трајно укинување на визите за краткорочен престој и мислам дека тоа можеме да го завршиме во рамките на оваа година.

За авионска линија, секако дека многу би помогнала и за комуникација меѓу граѓаните и за зголемување на економските контакти. Меѓутоа тоа е врзан круг - колку повеќе има економски причини, толку повеќе ќе има и потенцијал и патници од Киев за Скопје и од Скопје за Киев. Така што, ако ги интензивираме односите доволно, само по себе ќе има и економски интерес за авионска линија. 

За разговорите во Охрид, по дефиниција прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки. Така што се разбира, очекувам темелни разговори, се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне. А со Павло - неговата улога не е формална, нема да биде посредник. Си имаме посредник во ликот на Метју Нимиц, специјалниот претставник на Генералниот Секретар на Обединетите нации. Убаво е, секогаш кога има прилика, а ние ќе бидеме во еден град тројца министри денеска, да имаме кратка дружба. Веројатно некое кафе ќе пиеме покрај езерото, бидејќи секогаш кога има дружба и личен контакт, политичките односи се полесни и поедноставни. Така што, неговата улога е социјална и мислам дека е убаво кога имаме Министер за надворешни работи на Украина во Македонија и друг гостин, да имаме и една таква кратка, неформална дружба.

МНР Климкин: Навистина ние исто така сакаме да има директна линија помеѓу Киев и Скопје. Можеби ќе почнеме не со секојдневни линии, но сепак некој  импулс за меѓучовечките односи, тоа сепак е важна работа. Во контекст на средбата, ние навистина ќе имаме пријателско пиење на кафе. Можеме да зборуваме за тоа што нèсоединува, но јас во никаков случај нема да бидам присутен таму формално или полуформално, но ако се среќаваат пријателите, тогаш е можен разговор на пиење  кафе, и тоа е многу добро и јас сум многу благодарен на мојот пријател за таквата можност. Можеби ќе се појават некои интересни идеи за трилатерална средба од оваа средба. Ви благодарам многу.

Конзуларни услуги