Интервјуа и говори

Обраќање на МНР Никола Димитров на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: Создавање регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа“ организирана од тинк-тенкот  Европски совет за надворешни односи (ЕСНО)

16 мај, Софија

Obrakanje MNR Dimitrov ECFR 02

МНР Никола Димитров: Тукушто пристигнав од Холандија, каде што два дена бев во работна посета, се сретнав со новиот министер Стеф Блок и Комисијата за европски прашања, па сè уште ми е свежо искуството во однос на размислувањето на една земја што е една од основачите и чија доверба дека пристапниот процес навистина функционира, дека може да ги трансформира земјите е разнишана. И во овие два дена многупати слушнав за „строг и фер“ пристап. Мислам дека мораме да веруваме дека оваа перспектива не е само зборови. Ми се допаѓа хаштагот #TalksWithWB (Разговори со Западен Балкан) но мислам дека оваа година не смееме да останеме само на зборови, бидејќи откако го насочивме фокусот, откако повторно го свртевме вниманието кон регионот, по новата Стратегија, која го споменува зборот кредибилитет – имаме Самит, 15 години по самитот во Солун, првото ветување (2003, 2018 година), мора да постигнеме успех. И мислам дека успехот ќе дојде кога вистински ќе го примениме „строгиот и фер“ пристап. Имам живеено таму, а сега сум дел од овој обновен, мислам позрел поттик во Македонија кон европската демократија, затоа што во последните години научивме некои важни лекции. Мислам дека ни е потребно „строгото“, бидејќи не треба само да ги поминеме поглавјата, треба да го искористиме процесот за да направиме промени. Не сакаме да се приклучиме утре, затоа што државата ќе остане иста. Но пристапниот процес е најдобрата алатка што ја има ЕУ за да им помогне на оние што сакаат да се реформираат. Како што спомена премиерот Борисов, соочени сме со последниот голем предизвик во однос на билатералните спорови, ќе биде чудо ако успееме да го решиме, но чуда се случуваат. А денес на сите ни се потребни чуда. Македонија изгуби една генерација чекајќи затворена во чекалницата. Го гледаме европскиот воз, мораме да го фатиме, тој е цел во движење. Можеби ќе посочам на оваа децениска дискусија за „продлабочување наспроти проширување“, внатрешна консолидација, но мислам дека во однос на временската рамка, ова не се спротивставени задачи. Дури и индикативната временска рамка на Комисијата (2020-2025 година) ни дава седум години за да се справиме со прашањата на Еврозоната и други предизвици што повеќе се на внатрешната страна на Унијата, ако успееме да го најдеме клучот и да ја отклучиме вратата, а мислам дека сме блиску до тоа. Мислам дека во последните години бевме насочени кон погрешниот век, но сега сме во 2018 година – тогаш би било трагедија ако не ни се дозволи да ги почнеме пристапните разговори. Оваа година имаме многу позитивен извештај, за деветте клучни области што се најважни за Европската комисија, имаме добар напредок во пет од нив (некои од поважните, како што е слободата на изразување), сега знаеме колку се важни слободните медиуми, знаеме колку е важно граѓанското општество. Во нашата земја работиме заедно за промени – промени во начинот на водење на политиката, промени во нашиот систем, поголема транспарентност. Им кажав на моите пријатели во Холандија: „Сега сè е јавно. Министрите во Владата се натпреваруваат кој ќе потроши помалку“. Пред околу две недели дојде министер од една голема држава (н.з. во посета на Република Македонија) и сите сакаа да се сретнат со него, но никој не сакаше да му приреди ручек, бидејќи делегацијата беше голема. Значи, се менуваме, јавното мислење е остро и тоа со право, и мислам дека тоа е добро затоа што единствениот начин за да постигнеме напредок е да се соочиме со реалноста, да ја увидиме грешката и потоа да ја поправиме. Мислам дека на многу начини, а Фридом Хаус се согласува со мене, Македонија оваа година е најдобрата можност за Европа да направи демократски пробив. Успеавме да запреме негативна динамика, но тоа не е доволно. Треба да постигнеме успех и да го оневозможиме неговото уништување. Според тоа, дали ова е можно (н.з. одговара на прашањето на водителот) – да, дали ќе биде лесно, не сосема, сè уште има некои држави што не се убедени и наша задача е да ги убедиме преку начинот на кој дискутираме за прашањата со нив, многу отворено и со тоа што ќе си ги завршиме домашните задачи. Лорд Робертсон го кажа следново во Скопје во 2001 година, „Ако не можете да јавате на два коња истовремено, нема што да барате во циркусот“. Според тоа, не можеме да ја консолидираме ЕУ без да постигнеме успеси, на Балканот, кога ќе бидат созреани.

Obrakanje MNR Dimitrov ECFR 03

МНР Никола Димитров: Ќе ги наведам очигледните проблеми. Главната поента е дека пристапниот процес секогаш е неуспешен кога е политизиран. Без оглед дали политизирањето се должи на наметнување или на задржување на некоја земја. А ова „строго и фер“ мора да значи дека на секоја земја треба да ѝ се суди според сопствените заслуги, бидејќи ако зборуваме за групи – тоа е политизација, една земја што зависи од нешто друго. Политизација е и кога се плашиме од европски избори. И тоа е фактор. Наредната пролет ќе се одржат европски избори. Во некои главни градови се плашат да дискутираат дури и за почеток на пристапни преговори бидејќи мислат дека јавното мислење ќе го помеша примањето со почетокот на патувањето, а тоа е уште еден очигледен проблем. И мислам дека имаат одговорност да бидат лидери и да кажат „ангажирањето е помалку скапо“. Потоа Комисијата (н.з. Европската комисија) и политизацијата – ако имаме извештај на Комисијата што вели „со оваа држава А треба да ги почнеме пристапните преговори“, ова би требало да биде лесна одлука за земјите членки, освен ако не постојат големи сериозни билатерални спорови, што не е оправдување, но особено кога не постојат билатерални спорови. Ако некоја земја членка не го следи ова, тоа значи дека немаме доверба во Комисијата. Според тоа, мислам дека имаме многу поинаков процес од тоа што го кажа словачкиот премиер (н.з. претходно на конференцијата) за неговата држава. Посложен е, имаме однапред дадени предуслови пред да ги почнеме пристапните преговори, фокусирани сме на поглавјата 23 и 24 и мислам дека Комисијата има притисок да биде похрабра. Во мојата земја видовме што направи еден искрен извештај, Извештајот на Прибе. Ова се некои од елементите што ќе влијаат врз целиот овој процес. Беше спомената федерација (н.з. претходно на конференцијата), мислам дека единствената федерација што ја сакаме и што е остварлива во регионот е (н.з. во наводници) ЕУ. Имаме две визии во регионот, опкружени со земји членки на ЕУ што економски се во иста ситуација – ЕУ интеграција или етнички граници и проблеми. Видовме што се случи кога ја следевме логиката за етничките граници во 1990-тите години. Единствениот пат за иднината е интеграција во ЕУ. Доследноста е клучна и мислам дека е време ние на Балканот да созрееме. Тоа што го направивме со Екатерина (н.з. заменик-премиер и МНР Екатерина Захариева) со Договорот за пријателство, иако направив грешка кога кажав колку често се гледаме, бидејќи ова го завршивме релативно бргу (н.з. зборува за Договорот за пријателство), а со Никос (н.з. МНР на Грција, Никос Коѕијас) ни е потребно малку повеќе време, па не ја гледам Екатерина толку често колку што го гледам Никос. Го сметам ова за созревање во нашиот регион. Во суштина, едноставно кажано, ги одвоивме односите меѓу државите и им ја оставивме историјата на историчарите итн. Навистина е време нашиот регион повеќе да се посвети на создавањето иднина отколку да се натпреварува кој имал пославни историски порази или кој е најстар. Секоја нација верува дека е најстара. Време е да бидеме горди на тоа што можеме да го направиме денес и утре. И мислам дека ова е нешто со што можеме да се гордееме (н.з. покажува кон МНР Захариева и зборува за Договорот за пријателство), решавањето деликатни прашања. Ако го направиме и другиот важен чекор, тоа ќе биде историски успех – решавање на 27-годишен спор, а треба да ги убедиме и нашите скептични пријатели во ЕУ да бидат доследни. Сакаме можност да се натпреваруваме во реформи. Да се натпреваруваме кој подобро се бори против корупцијата и чии судии се понезависни. Да се натпреваруваме која од државите на Балканот ќе води пристапни преговори. И треба да бидеме отворени и кон европските гласачи, треба да им покажеме и да им кажеме дека алтернативата на неуспешен Балкан е поголем проблем за ЕУ од инвестирањето во овој регион и неговото претворање во успешна приказна.

 

 

 

Конзуларни услуги