Македонија во светот

На 20 мај о.г. во Балската сала на Кралскиот Замок во Варшава, се одбележа 25-годишнината од дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Полска со автентичниот музичкиот проект “Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите (Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет/саксофон/кавал Хидан Мамудов, удиралки Влатко Нушев и кларинетистот Ристо Ѓоревски како дел од полската турнеја). Публиката во преполната сала уживаше во звуците на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов. Концертот, кој истовремено е дел и од програмата со која се чествува 100-годишнината од обновувањето независност на Полска, предизвика големо внимание, а музичарите беа наградени со стоечки овации.

IMG 0890

Настанот беше во организација на Амбасадата на Република Македонија во Полска, во соработка со Кралскиот Замок. По концертот, во чест на јубилејот се обрати вршителот на работи во Амбасадата, Горица Атанасова Ѓоревска, која се осврна на динамиката на одличните и блиски билатерални односи меѓу Република Полска и Република Македонија во изминатиот период. Таа говореше и упати благодарност за полската принципиелна поддршка на евро-атланските аспирации на Република Македонија, како и преносот на нивните искуства. Се задржа и на растечката динамика на односите покрај во политичкиот, така и во делот на економијата, туризмот, културата, одбраната. Осврт на развојот на билатералните односи на двете земји даде и г-ѓа Ана Сохајнска, надлежен Директор за Европски држави од полското министерство за надворешни работи.

Direktor Ana

По концертот беше организиран и пригоден коктел за претставниците на дипломатскиот кор, полските институции, бизнис соработниците, како и за македонските претставници кои живеат и работат во Полска. Реализацијата на концертот ја поддржаа, во својство на мецени, г-дин. Томе и Симо Кецман, македонски бизнисмени кои живеат во Полска, а приемот се реализираше со поддршка на компаниите ЛОТ Полиш Ерлјанс, ИТ компанијата АСЕКО и винаријата Тиквеш.

20180520 214955

Полската турнеја на „Македонисимо” продолжува во Шќеќин на 22 мај, во Гдањск на 24 и на 25 мај во Катовице.

Конзуларни услуги