Соопштенија

Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски денеска се сретна со Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет. Средбата се одржа пред завршувањето на мандатот на британскиот Амбасадор и неговото заминување од Република Македонија, предвидено за почетокот на јули 2018 година.

IMG 21880c43a6c433772040b775d800df38 V

За време на средбата, ЗМНР Жерновски се заблагодари за работата и активниот ангажман на британскиот Амбасадор во остварувањето на неговата дипломатска функција во Република Македонија и унапредувањето на односите меѓу двете земји, во изминатите четири години.

Двајцата соговорници го поздравија нагорниот тренд на билатералните политички односи, а во тој контекст ја нагласија неодамнешната историска посета на британскиот премиер Тереза Меј како и Заедничката изјава за партнерство и соработка, која министрите Димитров и Данкан ја потпишаа во Лондон. Реализираната посета и потпишаната заедничка изјава претставуваат невосмислен показател за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за Република Македонија и за Регионот.

Заменикот министер Жерновски и британскиот амбасадор Гарет разменија мислења за најновиот развој на внатрешно политичките состојби во Република Македонија, како и за реформската агенда, пред се во областа на правосудството.

Се разговараше и за постигнатиот договор помеѓу премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и на Грција, Алексис Ципрас, за надминување на повеќедеценискиот спор, при што Амбасадорот Гарет ја поздрави храброста и лидерството на македонскиот Премиер.

Амбасадорот Гарет, истакна дека британските интереси за стабилен и просперитетен Западен Балкан остануваат непроменети, изразувајќи уверување дека поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија нема да изостане ниту во наредниот период.

Конзуларни услуги