Соопштенија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, заедно со висока владина делегација од Република Македонија, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија,  Зоран Заев, учествува на самитот на НАТО, што се одржува во седиштето на Алијансата во Брисел на 11-12 јули 2018.

Во рамки на првиот работен ден на самитот, Министерот Димитров оствари билатерална средба со Координаторот во Стејт Департментот на САД за борба против тероризмот, Натан Сејлс (Nathan Sales), на која меѓусебно се информираа за меѓународните активности и поддршката која Република Македонија ја дава на Глобалната коалиција за борба против тероризмот. Во оваа прилика Министерот Димитров, информираше за преземените национални активности во подготовката на општеството за справување со овие предизвици, акцентирајќи ја пред се важноста за превенција од ваквите закани, водејќи притоа посебна грижа за младите луѓе како најранлива категорија во општеството, преку активно вклучување на граѓанскиот сектор, невладините организации, како и едукативно-образовните институции во државата.

На покана на организаторите, Министерот Димитров ќе учествува и на настанот што ќе се одржи во седиштето на Алијансата: “NATO Engages” – Дијалог од Бриселскиот самит, во организација на Атлантскиот совет и Германскиот Маршал Фонд на САД, Минхенската безбедносна конференција, како и Бриселската фондација - Жените во меѓународната безбедност, каде излагање ќе има и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев. Фокусот на излагањата и дискусиите на настанот ќе бидат посветени на повеќе актуелни теми од глобалните политички и безбедносни соработки, новите безбедносни предизвици и улогата и активностите на Алијансата во тие процеси.

Конзуларни услуги