Интервјуа и говори

„Не треба да се плашиме од референдумот, односно од волјата на народот! Граѓаните заслужуваат шанса самите да одлучат за својата иднина!”

 

Добродојдовте во програмата на Ал Џаезира и еве за почеток, дали институциите и администрацијата во Македонија се подготвени за скрининг процесот?

МНР Димитров: Ние толку многу чекаме на овој важен чекор за нас да почне скринингот, тоа е една многу важна операција, тоа не е само техника, тоа е срцето на пристапниот процес. Над 100 илјади страници европско законодавство ќе се споредува со нашето, со нашите структури. Ние сме земја кандидат од 2005 година. Првиот позитивен извештај од комисијата го добивме во 2009 година. Се чувствува ентузијазам и се врати волјата и кај државните службеници, кај експертите, кај академската јавност, кај тинк-тенковите. Тоа што имаше како атмосфера во Македонија во 2005 год. околу кандидатскиот статус, конечно повторно се врати, бидејќи излегуваме од чекалната и како што вели комесарот Хан, вратата е отворена. Одвај чекавме да го почнеме овој процес, ќе бидеме спремни.

Сите карти на надворешната политика беа ставени на решавање на спорот со името на земјата, сега останува домашната задача, прв голем предизвик е референдумот. Кои се гаранциите дека референдумот ќе успее?

МНР Димитров: Македонија, македонскиот народ, деловите од другите народи кај нас, нашите заедници, пред големи историски раскрсници, пред големи историски дилеми, знаеле да го изберат правиот пат. Мислам дека пред нас е избор меѓу минатото и иднината, меѓу стравот и надежта. Mинатото е многу важно за нашиот идентитет, за тоа кој сме, меѓутоа минатото не можеме да го смениме, нашата географија не можеме да ја смениме, тоа што можеме да направиме е конечно на нашите граѓани да им понудиме избор, каква држава ќе биде Македонија за 5 за 10 за 15 години. За мојата генерација, јас имав 18 години кога Македонија стана независна, сега сум при крајот на 45 кон 46, според мене немаше поголема патриотска должност да ја создадеме оваа шанса и да овозможиме на граѓаните да изберат и сигурен сум дека граѓаните ќе го изберат вистинското решение за себе и за своите деца ќе ја изберат иднината. Ова е многу важно за нашата државност, многу важно за нашата стабилност и многу важно за нашиот просперитет, за тоа каков живот ќе има во Македонија во иднината.

А што ако во случај референдумот не успее, има ли Македонија план Б?

МНР Димитров: Ние сме фокусирани на планот А, убедени сме дека извлековме максимум, убедени сме дека имаме издржан, еден рационален компромис каде стравовите идентитетски се тргнати, каде има јасна динстинкција меѓу Македонија нашата држава и делот од историскиот регион Македонија којшто се наоѓа во Грција и мислам дека мораме да останеме фокусирани на планот А. Македонија нема друга стратешка алтернатива, ние сме опкружени, целиот наш регион е еден остров опкружен со земјите членки на ЕУ, ние тргуваме со тие земји членки. Над 3/4 од целиот регион, нашите инвестиции се исто поворно од земјите членки на ЕУ. Ние немаме друга стратешка алтернатива и овој процес ќе овозможи Европа да ја донесеме во Македонија за нашите млади да не ја бараат Европа надвор од границите на Македонија.

Како да се убеди опозицијата да биде дел од овој процес, значи земјата да биде обединета кога дефинитивно станува збор за стратешки прашања?

МНР Димитров: Ова е процес на растење и мислам дека не смееме да се плашиме од волјата на граѓаните, од волјата на народот. Референдумот значи право на избор на граѓаните самите да одлучат каква Македонија сакаат да имаат во иднина. Ова прашање е многу поголемо од целата политичка елита, од сите партии, од чија било лична кариера и мислам дека во вакви историски моменти не смееме да мислиме на себе си, на личната кариера, на партиската иднина. Има многу области, ние не сме совршени, правиме и грешки. Тие грешки треба да се дебатираат, да се критикуваат, многу области има за партиско-политичка битка, меѓутоа стратешката иднина на нашата нација не смее да биде предмет на партиски препукувања. Мислам дека главниот начин како да се убеди опозицијата е да се оди на референдум да се прашаат граѓаните и да се слуша волјата на граѓаните. Ако има еден глас против, ние апсолутно сме спремни да подадеме рака и да кажеме дека ова не е вистинскиот пат. Убеден сум дека граѓаните ќе одлучат во мозинство во корист на иднината, во корист на тоа кои сме, дека зборуваме македонски јазик, дека сакаме да имаме пријатели во соседството и дека целиот регион сакаме конечно да зачекори напред кон иднината. Многу време изгубивме, 27 години имаме независна држава, време е да си ја зацврстиме и да ги отвориме шансите за подобар живот во Македонија.

Еве го споменавте Регионот, што значи договорот помеѓу Македонија и Грција за Регионот, но и за континетот, за Европа генерално?

МНР Димитров: Живееме во време несигурно, тоа беше видливо да речеме во рамките на Самитот за Западниот Балкан што минатата недела се одржа во Лондон, беше видливо и од дебатите во рамките на Самитот на НАТО веднаш потоа во Брисел -Европа е зафатена, си има свои проблеми, се соочи со серија предизвици, со серија кризи. Време е ние во Регионот да се натпреваруваме во прашања кои значат за денешнината и за иднината. Ние имаме традиција во натпревар кој има побогата историја, кој има пославни победи, кој има пославни порази, меѓутоа време е да бидеме горди со тоа што нашата генерација може да направи денеска на Балканот и тој одлучувачки чекор напред мора да го направиме. Покажавме со овој договор дека Балканот не само што знае да продуцира историја туку знае и да консумира и да создава иднина. Кога малку повеќе мислиме на општото добро, а помалку на политичката кариера па макар тоа да е и по цена на политичка саможртва, мислам дека сме направиле добра работа и јас се надевам дека овој договор, па и претходниот Договорот за пријателство со Бугарија, дека двата (Н.З. договори) ќе бидат еден импулс да си ги решиме проблемите, бидејќи не може една од нашите држави на Балканот да биде успешна ако некоја друга не е - мора сите заедно да тргнеме напред и мислам дека тоа можеме да го направиме.

Премиерот Заев изјави дека постои руско влијание на последните протести во Македонија, колку е важно тоа руско влијание, што тоа значи за Македонија, за регионот, еве и во контекст на поканата за НАТО која ја доби Македонија и почеток на преговорите со ЕУ закажани за јуни наредната година?

МНР Димитров: За нас членството во НАТО е незавршена работа, една од првите декларации што ги усвои Собранието на Република Македонија во 1993 година, пред цели 25 години, се однесуваше на нашите евро-атлантски аспирации. Сакаме членство во НАТО, нашите граѓани сакаат членство во НАТО, за нас членството во НАТО е преминување на таа психолошка линија дека Македонија ќе ја биде, дека Македонија ќе успее и дека ќе биде тука и многу децении во иднината на овие граници. Таа аспирација не е насочена ниту спрема една друга држава. Ние сме мала држава, една од главните карактеристики на нашата надворешна политика е градење мостови, решавање проблеми, подавање рака, градење пријателство, сакаме пријателство со сите се разбира и со Руската Федерација, меѓутоа каде ќе оди Македонија е одлука на нашиот народ, на нашите граѓани, македонскиот народ сите заедно како нација, сите заедно што живееме во Република Македонија и ние таа одлука со големо мнозинство кое што се движи од 65%, 75%, 80% ја имаме донесено многу одамна. Убедени сме дека не само за нас туку за целиот Регион овој чекор ќе има едно смирувачко дејство и сакаме во тоа да ги убедиме и луѓето, одлучувачите во Москва, во Руската Федерација.

Конзуларни услуги