Соопштенија

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, денес на првиот ден од работната посета на Вашингтон, оствари средби во Белата куќа, во Конгресот, и во Атлансткиот совет на САД. Во Стејт департментот присуствуваше на прием за шефовите на делегации во чест на отворањето на Министерската конференција за унапредување на верски слободи, чиј домаќин е државниот секретар на САД, Мајкл Помпео.

ЗМНР Жерновски со Мира Рикардел во Белата куќа

На средбите, ЗМНР Жерновски ги запозна соговорниците со најновите случувања во Република Македонија на внатрешен и на надворешно-политички план и информираше за клучните активности на Владата на РМ во изминатата година, кои резултираа со одблокирање на патот за европското и евро-атлантското интегрирање на земјата.

ЗМНР Жерновски имаше одделни средби со членовите на Групата за пријателство со Република Македонија во Конгресот на САД, конгресмените Пол Мичел и Дејв Трот, републиканци од Мичиген и Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија. Заменик министерот се заблагодари за личната и силна поддршка на конгресмените, и повика на натамошно засилување на сојузништвото во интерес на двете земји, на НАТО и на регионот. ЗМНР Жерновски побара натамошна активна поддршка од Конгресот во претстојниот период, во насока на брзо финализирање на процесот на зачленување на РМ во НАТО. Конгресмените ја поздравија Спогодбата меѓу Република Македонија и Грција, како и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, оценувајќи ги како одлучни и храбри потези кои се значајни не само за земјата, туку и за целиот регион и претставуваат инспирација и модел за градење на добрососедските односи.  Упатија силна поддршка за имплементација на Спогодбата со Грција, како предуслов за што поскоро зачленување на РМ во НАТО и ЕУ. Конгресмените ја нагласија важноста на претстојниот референдум, истакнувајќи дека очекуваат активно учество на граѓаните на Република Македонија. Притоа, навестија натамошен ангажман во правец на обезбедување силна поддршка на Конгресот на САД за приоритетите на Република Македонија.


ЗМНР Жерновски со Пол Мичел во Конгресот на САД

На средбата во Белата куќа со Заменик-советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Мира Рикардел, беше реафирмирана силната и недвосмислена поддршка на американската администрација на постигнатиот договор за решавање на спорот за името. Рикардел нагласи дека САД високо го ценат овој историски успех за кој се потребни  храбро лидерство и одлучност, при што изрази очекување за позитивен исход во процесот на имплементација кај двете страни, што ќе овозможи заокружување на членството на РМ во НАТО и ЕУ.

ЗМНР Жерновски со членови на Атлантскиот Совет

Во Атлантскиот совет, ЗМНР Жерновски оствари средба со потпретседателот на Атлантскиот совет, Дејмон Вилсон и со експерти од Советот. Соговорниците разменија мислења за актуелностите во Република Македонија и регионот, предностите и предизвиците на патот кон евро-атлантското интегрирање. Членовите на Атлантскиот совет изразија силна поддршка за постигнатиот договор за решавање на спорот околу името, заокружување на процесот со претстојниот референдум и изразија надеж за негово брзо и ефикасно спроведување. Потенцираа дека е исклучително важно сите општествени чинители, власта и опозицијата, граѓанската и академската јавност, заеднички да ја препознаат значајноста на моментот и заедно да го понесат товарот на овој генерациски предизвик.

Работната посета на ЗМНР Жерновски продолжува со средби во Стејт департментот и во УСАИД.

Конзуларни услуги