Соопштенија

Од 12 до 13 септември 2018 година, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, се одржува меѓународна Конференција на тема „Стабилизирачки ефекти од процесот на евроатланска интеграција: Работиме заедно против хибридните закани“ на која ќе учествуваат претставници на НАТО, дипломатскиот кор во земјата, академската заедница и граѓанскиот сектор.

MFA 1501

Конференцијата во својство на претседавач ја отвори Националниот координатор за НАТО интеграции, Стево Пендаровски, а свои воведни излагања имаа заменикот Претседател на Владата на Република Македонија и министер за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и Државниот секретар во Министерство за надворешни работи Виктор Димовски.

„Хибридните закани се присутни преку влијание на информациите со црна пропаганда, слабеење на логистиката на државата во важни политички процеси, оцрнување на институциите, но убедена сум дека успешно ќе се справиме со нив бидејќи граѓаните знаат добро што е вистината. Македонија е за првпат присутна на меѓународната сцена, а причина за тоа да не се криза или внатрешен или регионален судир, туку како позитивен пример кој произлезе од новиот политички курс што го одбраа граѓаните на изборите.

Хибридните закани имаат шанса кога постојат слабости во државата. Затоа ние се определивме да ставиме акцент на три важни столба: демократијата, меѓуетничките односи и членството во НАТО. Овие три цели се стратешки приоритет на државата. Нивното јакнење ги слабее сите закани па и хибридните.

На референдумот граѓаните треба да донесат одлука со која ќе се отстрани и последната пречка за членство во НАТО и забрзување на евроинтеграцијата. Станува збор за историска шанса која нема долго време да се повтори. Шанса веќе идната година да станеме полноправна членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ.

„Во тоа име како Влада испраќаме повик дека сега на Македонија и треба единство, но не само декларативно, со кое треба да покажеме дека како граѓани и лидери точно знаеме каде треба да се движи Македонија”, истакна заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и министер за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска.

На Конференцијата, свое обраќање имаше и амбасадорот Антонио Мисироли, помошник Генерален секретар на НАТО во Одделот за справување со новите безбедносни предизвици, кој говореше за сеопфатниот модел во справувањето со мултидимензионалната природа на хибридните закани, кој претпоставува користење на соодветни ресурси и координација на активностите помеѓу инволвираните страни.

Конференцијата е можност да се разменат мислења и да се пренесат искуствата на НАТО во однос на справувањето со овие предизвици на модерното време во сајбер просторот. Беа презентирани компаративните искуства на земјите од централна и источна Европа и можностите кои што стојат на располагање на државите во градењето на капацитетите за справувањето со овој феномен на модерното време.

На настанот беа разгледани и можностите за воспоставување на регионален модел со цел негова примена во справувањето со хибридните закани, имајќи ги предвид последиците од хибридно делување врз Евратланските интегративни процеси на земјите од Западен Балкан.

Конзуларни услуги