Соопштенија

Годинава, на 10 декември, кога светот го одбележува Денот на човековите права, се навршуваат 70 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права-камен темелникот на меѓународните стандарди за нивна промоција и заштита преку принципите на еднаквост, недискриминација и универзалност. Мотото „Заложи се за човековите права“ јасно повикува на активен однос на поединците и општествата кон обезбедување еднаквост, правда и човечко достоинство.

Просперитетот на секое демократско општество е базиран и условен од степенот на почитување и напорите за заштита на основните човекови права и слободи, како предуслов за правда и мир во светот.

Но и покрај декларативните заложби и определби на сите земји за нивно доследно почитување, сведоци сме на нивни сериозни прекршувања, на страдања на бројни народи и поединци на глобално ниво, како и на неодговорност за таквото однесување и постапување со што неказнивоста станува правило наместо исклучок.

Во такви услови, јубилејот претставува одлична можност за обновување на заложбите на сите држави за доследно почитување на човековите слободи и права, согласно ветувањата и принципите на кои е базиран споменатиот фундаментален документ.

Република Македонија останува посветена на изградбата на едно општество за сите, во кое човековите права, демократијата и владеење на правото ќе бидат приоритетни обврски и цели. Воедно, Република Македонија ќе продолжи да се залага за развој на меѓународни односи кои се стремат кон намалување на страдањата на луѓето во различни делови од светот и обезбедување услови за целосен развој и реализација на потенцијалите на човекот.

Конзуларни услуги