Интервјуа и говори

Министерот за надворешни работи на Македонија: „Не можеме да ја промениме историјата, но можеме да си изградиме иднина“

Емисија: Talking Europe
Новинар: Catherine Nicholson
Линк: https://bit.ly/2USNW5a

FRANCE 24: Денес ќе разговараме за ова прашање и за други работи со Министерот за надворешни работи Никола Димитров. Ви благодарам што сте тука со нас.

МНР ДИМИТРОВ: Со задоволство.

FRANCE 24: Во прилогот слушнавме сугестија дека Македонија е помалку македонска ако се нарекува „Северна Македонија“.

МНР ДИМИТРОВ: Историскиот регион Македонија, сега им припаѓа на три држави – Република Македонија, дел од Грција во северниот дел на Грција и во западна Бугарија. Така, мислам дека прифаќањето на оваа географска ознака не нè прави помалку Македонци. Спорот е длабоко вкоренет, постои веќе 27 години; овде станува збор и за историско помирување меѓу двете нации и мислам дека еден од столбовите на Договорот е еден член во кој велиме дека двете држави прифаќаат дека мислат нешто различно кога велат „Македонија“ или „македонски“ во Република Македонија – која, ако ова е успешно, ќе стане Северна Македонија – и во Грција; и ова не мора да значи дека тие си противречат, туку дека на одреден начин коегзистираат.

FRANCE 24: Дали верувате дека, по ова долго патување, спорот навистина конечно ќе биде решен; и во Македонија и во Грција сè уште има отпор?

МНР ДИМИТРОВ: Има отпор; опозициските партии во двете држави велат дека ќе можат да направат подобар договор, но подобар од грчка перспектива и подобар од македонска перспектива се две различни нешта. Па кога ќе ги споите тие две изјави, тие најверојатно нема да доведат до договор. Квалификувано мнозинство, во нашиот случај, секогаш е кревка работа во политиката; секојдневно работиме на него и навистина веруваме дека ќе успееме да направиме чудо и дека можеме да докажеме дека чуда се случуваат дури и на Балканот. Не можеме да ја смениме историјата, не можеме да ја смениме географијата, но се надевам дека можеме да ја изградиме нашата иднина, а ова е за нашата иднина, за создавање пријателство меѓу двете нации, ова е навистина историско – а обично тоа што е историско не е лесно.

FRANCE 24: Интересно е тоа што го велите, дека чудата се можни дури и на Балканот. Се разбира, вашиот регион има особено сложена понова историја, а да не зборуваме за последните сто години и поодамна; сега, обидувајќи се да станете дел од ЕУ – што би значело членството во ЕУ за вашата земја, вие би биле една навистина мала земја членка во огромен блок?

МНР ДИМИТРОВ: Еднаш во Лондон ме прашаа, „Зошто сакате да влезете кога ние излегуваме?“, а мојот одговор беше, „Затоа што вие што сте внатре, понекогаш заборавате колку е студено надвор“.

FRANCE 24: Во која смисла?

МНР ДИМИТРОВ: Кога го гледате „клубот“ однадвор, дистанцата всушност ви помага да увидите што, всушност, е Унијата, и кога велиме дека сакаме да станеме членка, не станува збор за „формалниот чин“ на членство – ако денес станеме дел од Унијата, Македонија сè уште ќе остане истата земја. Значи, важно е да станеме европска земја во однос на тоа како се бориме против корупцијата или дали нашите медиуми се слободни, дали политичарите се соочуваат со одговорност, дали се создаваат работни места и дали се високи платите.

FRANCE 24: Кога зборуваме за овој процес, има извештаи дека Франција и Холандија, две од земјите членки на ЕУ што се најсилни противници на почнувањето пристапни преговори – чиј почеток го очекувавме во летото 2018 година, но се чини дека е поместен за една година – изразуваат загриженост за корупцијата во Македонија, за судските реформи. Го разгедав рангирањето на Транспаренси Интернешенал и тие ја  оценуваат Македонија со 35 од 100 поени во однос на перцепцијата за корупција, при што 100 е најчиста оцена, што значи релативно ниска оцена. Можеби Франција и Холандија имаат право, можеби вашата земја сè уште не е доволно подготвена во овој момент да го почне патувањето кон ЕУ?

МНР ДИМИТРОВ: Ние сме земја кандидат уште од 2005 година и ја добивме првата позитивна препорака од Комисијата во 2009 година, по што имаме успеси во позитивните извештаи. Последниот, од април оваа година, вели дека назадувањето е запрено и добивме релативно добри оцени за некои од основите на тоа како треба да изгледа европската демократија, во однос на слободата на медиумите, владеењето на правото, независноста на судството, така што, во одредена смисла, не зборуваме за почетокот на патувањето туку за крајот на патувањето.

FRANCE 24: Мислите ли дека ЕУ треба да ѝ помага на вашата земја при тоа патување?

МНР ДИМИТРОВ: Ангажирањето всушност е поисплатливо отколку неангажирањето во регионот, ако сакаме Балканот да биде организиран, да се почитува владеењето на правото, да извезува производи и услуги наместо луѓе што бараат подобра иднина надвор од границите на својата татковина и подалеку од проблематичната власт. Мислам дека сме таму каде што сме на глобално ниво, но и во Европа, затоа што често ги занемаруваме проблемите и ги пропуштаме можностите за напредок. Време е да бидеме искрени, време е да не го политизираме процесот премногу; сакаме да ги убедиме и европските гласачи, не само владите, дека пристапниот процес навистина може да трансформира една земја. Затоа процесот е многу поважен од конкретниот датум. Можеби ќе ни требаат 10 години, можеби и подолго, но за нас е важно да станеме европска земја, а не формално да станеме членка.

FRANCE 24:  Во врска со ова, вашата влада неодама се согласи на амнестија на затвореници – договор со опозицијата во Македонија за да се добие поддршка за договорот за промена на името – која вклучува амнестија за опозициски пратеници што во април насилно влегоа во македонскиот парламент. Очигледно на вашата влада ѝ е важно да го комплетира договорот за промена на името, да се доближи до членство во ЕУ, но активисти велат дека ова е опасен преседан и ја продолжува културата на неказнивост. Дали може да се каже дека во одредена смисла си скокате во уста и можеби ја докажувате загриженоста за владеењето на правото?

МНР ДИМИТРОВ: Ова е тежок баланс меѓу два важни принципа. Едниот од нив е принципот на отчетност. Нашата влада всушност произлезе од жедта за правда по скандалот со прислушувањето што разоткри распространети злоупотреби на службените должности. Оттука, нашето основно ветување, во суштина, е отчетност. Сега, соочени сме и со предизвикот на длабоката политичка поларзизација во државта, делумно како резултат на оваа криза. Како можеме да работиме и на двете? Мислам дека сè додека политичарите не одат преку судството за политички работи, така што постои јасна и транспарентна разлика меѓу тоа што го прават судиите и јавните обвинители и тоа што го прават политичарите, постигнувањето на вистинската рамнотежа...

FRANCE 24: Но прифаќате дека одите по жица, дека владата се отвора за критики?

МНР ДИМИТРОВ: Линијата е навистина тенка и мислам дека нема да им се понуди амнестија на организаторите на нападот на парламентот или на оние што учествувале во насилството, туку на оние што, веројатно – допрва ќе го видиме нацрт-законот – што биле дел од толпата, ако може така да се каже. Но на одреден начин, мислам дека најдоброто што можеме да го направиме е мудра комбинација од вештината на можното и принципите што се навистина важни, а отчетноста веројатно е прва на тој список.

FRANCE 24: За жал, не ни останува уште многу време, но би сакала да позборуваме за една членка на ЕУ што веќе ѝ создава проблем на вашата влада – Унгарија. Поранешниот македонски премиер, кој побегна од две и полгодишна затворска казна за корупција во Македонија доби азил во Унгарија. Познато е дека беше близок со премиерот Виктор Орбан. Имате ли порака за Будимпешта во врска со ова?

МНР ДИМИТРОВ: Во заклучоците од Советот за општи работи во јуни оваа година добивме јасна препорака дека отчетноста е важна, особено на високите и највисоките нивоа. Во контекстот на одржување на тоа ветување, дека владеењето на правото не смее да биде селективно, сега имаме мнгу непријатна ситуација во која личноста за која станува збор, господинот Груевски, е веќе осуден, побарал азил и добил азил во земја членка, Унгарија. Кога сме кај принципите и умешноста на можното, неодамна се сретнав со мојот колега Петер Сијарто, унгарскиот министер за надворешни работи, и заклучивме дека имаме многу заеднички интереси, вклучувајќи го и интересот да го направиме регионот европски, имаме значителна трговска врска со Унгарија и ја имаме оваа разлика, па му кажав дека ќе ги преземеме сите законски мерки, побаравме екстрадиција и ќе почекаме унгарскиот суд да донесе одлука во тој случај.

FRANCE 24: Но можеби може да се каже дека вашата држава е во подредена позиција во овој случај?

МНР ДИМИТРОВ: Па, треба да одржуваме билатерални односи со Унгарија и истовремено да ги убедиме и да го изложиме нашиот случај дека Груевски треба да се соочи со правдата. Тие сметаат дека ова е само правно прашање, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите.

FRANCE 24: Пред да завршиме со интервјуто, да се вратиме на ЕУ. Унијата е блок што претрпе силен удар од Брегзит, се разбира, но има и внатрешни поделби, несогласувања меѓу Брисел и Унгарија, Полска, потенцијално и Романија. Дали сè уште сакате да влезете во ваков клуб?

МНР ДИМИТРОВ: ЕУ е таква каква што ќе ја направиме. Ако имаме визија и бидеме посмели, можеме да ја претвориме ЕУ во тоа што треба да биде. Нејзината самодоверба е разнишана, но мислам дека немаме друга остварлива алтернатива, па мора да реинвестираме – ако сакаме да бидеме важни глобално, ако сакаме да се соочиме со прашања со кои не можеме вистински да се справиме на национално ниво, треба да бидеме обединети. Неодамна бев во Фондацијата Шуман во Париз и ги повторував цитатите, па мислам дека тоа што го кажал во 1948 година, „Ако сакаме да преживееме мора да се обединиме“ важи и денес. За нас, ние ќе изградиме Европа во мало во нашиот дел од регионот, мора да успееме, ова е втора шанса за нашата генерација и ќе успееме.

FRANCE 24: Со ова завршуваме – Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија, ви благодарам што бевте со нас.

МНР  ДИМИТРОВ: Ви благодарам многу за поканата.

Конзуларни услуги