Соопштенија

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, по повод 76-годишнината од депортацијата на македонските Евреи и 75-годишнината од реконституцијата на Еврејската заедница по Холокаустот, денеска се обрати на настанот „Меморија", организиран од Амбасадата на Италија, Фондот за Холокауст на Евреите и Еврејската заедница на Република Северна Македонија.

zmnr1

Во обраќањето пред присутните, заменик министерот Жерновски истакна дека „ваквите настани, збогатени со гости од Италија и документи кои сведочат за еден од најтемните и најтрагични периоди во историјата на човештвото – Холокаустот, придонесуваат да ги негуваме нашите спомени за жртвите на Холокаустот, но и за оние кои ризикувајќи ги своите животи биле ангажирани на спасувањето на Евреите“.

Тој нагласи дека „бројните комеморативните настани, кои се одржаа во Битола, Скопје и Штип во периодот од 10-12 март, со учество не само на високи државни претставници, туку и високи гости од Израел, Светскиот Еврејски конгрес и ИХРА, претставуваат конкретна потврда на нашата заложба и обврска да се сеќаваме на 7.114 македонски Евреи кои во 1943 беа депортирани во логорот на смртта – Треблинка, но и на сите останати жртви на Холокаустот и да извлечеме поуки за нас и, особено, за младите генерации“.

Со мислата на Ели Визел: „Без сеќавање нема култура, без сеќавање не би имало цивилизација, ниту иднина“, заменик министерот Жерновски повика на заедничко сеќавање и негување на спомените на оние чии животи беа земени.

Конзуларни услуги