Соопштенија

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамките на работната посета на Кралството Белгија, денеска, остварија средба со  Дидие Рејндерс, заменик претседателот на Владата и Министер за надворешни и европски прашања.

 

Belgija 3

„Билатералната посета на Белгија се случува во клучен момент откако од нејзината престолнина, само два дена претходно, добивме јасна валоризација за сѐ она што постигнавме изминатата година – Северна Македонија да има чисто и убедливо европско досие. Во срцето на земјата основач на ЕУ, онаму каде сакаме да се чувствуваме како дома, охрабрени сме што делиме заедничка визија со Белгија за тоа дека напредокот на секоја земја треба да биде објективно и соодветно препознаен и дека почетокот на пристапните преговори не значи членство, туку само отворање на вратата од еден долг пат на суштествена реформа и позитивна еволуција. Но процесот значи и пристап до една важна и докажана алатка за зацврстување на постигнатиот напредок, натамошен развој и трајна европеизација на Балканот. Тоа е наш интерес, но и силен  интерес на Европската Унија“, - нагласи МНР Димитров.

Belgija

„Северна Македонија доби исклучително позитивна оценка од страна на Европската комисија, со прецизна препорака дека е подготвена веднаш да ги започне преговорите, процес што ќе е заокружување на европскиот оптимизам во рамките на земјите од Западниот Балкан, кој, пак, претставува основно гориво за стабилизација и просперитет на регионот“, истакна Османи, пренесувајќи ги на Министерот Рејндерс интенциите на Владата да стане партнер на Европската Унија во соочувањето со современите предизвици во изградбата на побезбедна, постабилна и просперитетна Европа.

„Стартот на преговорите со Унијата ќе значи дополнителен стимул за земјата и натаму да ја игра улогата на главен промотор на европската идеја на Балканот, како суштинска придобивка на целиот регион, но и неспорен интерес на земјите - членки“, додаде Османи.

ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров ги потенцираа заложбите на земјата да продолжи и понатаму со реформската агенда, во насока на трансформација на земјата согласно европските правила и стандарди, но и во насока на имплементацијата на европските вредности дома и во регионот.

Конзуларни услуги