Соопштенија

Денеска и утре (18 и 19 јуни 2019 год.) во работна посета на Република Северна Македонија ќе претстојува Мирослав Лајчак, министер за надворешни и европски работи на Република Словачка и актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

На вториот ден од работната посета, министерот Лајчак ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров на која, предвидено е да се разговара за актуелните предизвици во регионот на ОБСЕ, за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во НАТО и Европската Унија, како и за динамиката и развојот на македонско – словачките билатерални односи.

Покрај тет-а-тет средбата, утре, МНР Димитров и МНЕР Лајчак ќе имаат воведно обраќање на Втората пленарна сесија на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија, во организација на Европското движење Северна Македонија и Словачкото здружение за надворешна политика, а на која ќе се дискутира за реформите во неколку поглавја на Европската Унија, вклучително и за поглавјата 23 и 24: Правосудство и основни права и Правда, слобода и безбедност.

Покрај средбата со министерот Никола Димитров, словачкиот МНЕР Лајчак ќе биде примен и од државниот врв на Република Северна Македонија.

Конзуларни услуги