Соопштенија

Министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде денеска престојува во работна посета на Република Северна Македонија.

 

PHOTO 2019 06 26 10 35 18

За текот на посетата, министерот за надворешни работи, Никола Димитров се заблагодари за комплетирањето на постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Кралството Норвешка, како и за континуираната и силна поддршка на Норвешка за евроатлантската иднина на Република Северна Македонија, со што се потврдува долгогодишното пријателство помеѓу двете земји, кое се темели на заемно разбирање, почитување и активна билатерална соработка.

МНР Димитров: „Норвешка е една од најцврстите, најсилните, најпрогресивните и најпросперитетните европски демократии. Токму затоа потпишавме заедничка изјава за партнерство и соработка во Осло за време на мојата посета таму. Изразив благодарност за ратификацијата на пристапниот протокол за нашето НАТО членство. Разговаравме за цел регион, за нашите билатерални односи. Благодарни сме за поддршката на Норвешка во нашата реформска агенда. Благодарни сме за интересот и присуството на Норвешка не само кај нас туку и во целиот регион и тоа високо го цениме.“

Министерката Сореиде ја реафирмираше поддршката на Норвешка за реализација на македонските стратешки приоритети, преку постигнување на неопходните стандарди во насока на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската Унија.

МНР Сориде: „Северна Македонија прави одличен прогрес и ве поддржуваме во вашите напори и ќе продолжиме да го правиме истото. Исто така, очекувам да седам покрај Никола во НАТО. Ние сме географски малку раздвоени, но ќе бидеме соседи на масата во НАТО. Тој ќе го заземе местото помеѓу Холандија и мене. И се надевам дека тоа ќе овозможи уште посилна соработка во иднина. Ќе продолжиме да соработуваме со вашата Влада за процесот на подготовка за НАТО и ЕУ, како и со цврстите билатерални односи”. 

PHOTO 2019 06 26 10 35 19

Двајцата министри разговараа и за можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе сфери од заемен интерес, особено во делот на економијата и инвестициите, како и за соработката во рамките на меѓународните организации. Воедно, стана збор и за регионалната соработка, а беа разменети мислења и за актуелни прашања на меѓународен план.

 

Конзуларни услуги