Соопштенија

На 4 јули 2019 година во Палатата на Обединетите нации во Женева, се одржа пленарна сесија на Советот за човекови права на која се усвои одлука за исходот на третиот универзален периодичен преглед на човековите права во Република Северна Македонија.

 

PHOTO 2019 07 05 17 38 22

Делегацијата на Северна Македонија беше предводена од г-ѓа Светлана Гелева, Директор за мултилатерални односи и безбедносна соработка во Министерството за надворешни работи.

Гелева во своeто обраќање пред Советот за човекови права ги презентираше ставовите на Република Северна Македонија во однос на препораките добиени за време на интерактивниот дијалог по презентацијата на Националниот извештај во рамки на третиот циклус на универзалниот периодичен преглед, на 32-та сесија на работната група, во јануари 2019 година. За време на сесијата во јануари беа дадени 169 препораки, од кои 167 се прифатени од страна на Владата на Северна Македонија. Голем дел од добиените препораки се во согласност со приоритетните области на дејствување на Владата, а се однесуваат на областите: недискриминација и родова еднаквост, елиминација на насилството врз жените, реформа на правосудниот систем, борба против корупцијата, слобода на изразување и медиуми, унапредување на состојбата на малцинствата со посебен фокус на Ромите, правата на лицата со попреченост, реформите во здравството, итн.

“Политиката за човекови права на Северна Македонија се базира на испреплетени процеси за идентификација и реализација на националните приоритети, како и имплементација на нашите меѓународни обврски, вклучувајќи ги и препораките од УПП и договорните тела на ОН, како и обврските поврзани со интеграцијата во ЕУ”, нагласи Гелева.

Со свои коментари во дискусијата се вклучија низа држави, главно со позитивни оценки за активностите на РСМ за подобрување на состојбата со човековите права во државата, а изразија и благодарност за прифаќањето на нивните препораки.

Конзуларни услуги