Интервјуа и говори

Брисел, 13/09/2019 (Агенција Европа)
Линк: https://agenceurope.eu/fr/bulletin/article/12327/5

110919OA MNR Dimitrov evropska turneja 1871

На 15 октомври, Советот за општи работи треба да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Иако одлуката беше одложена неколку пати, Скопје, што потпиша историски договор со Грција и уште еден со Бугарија, и ги спроведува реформите, се надева дека овој пат ќе биде донесена.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров оствари посета на Париз, Брисел и Берлин оваа недела за да го објасни значењето на европската иднина на неговата земја. (Интервју на Камил-Сериз Гесант)

Агенција Европа – Колку сте оптимистични во врска со одлуката за отворање на пристапните преговори во октомври?

Никола Димитров: Се обидувам да ја сменам терминологија и тоа да се нарекува „комплетирање“ поради мапата на Европската Унија. Ако погледнете на Западен Балкан, ние сме опколени од земји-членки.

Оптимист сум. Имаме многу убедливи аргументи годинава од многу причини. Постои очигледен напредок кон вистинска европска демократија, управувана од владеењето на правото, каде што медиумите си слободни и функционален систем на спреги и кочници.

Ова беше признаено од многу позитивниот извештај на Комисијата во мај  (видете EUROPE B12266A3).

Потоа направивме нешто што некои велеа дека е речиси невозможно, а тоа беше решавање на еден од најдолготрајните спорови во регионот на многу европски начин, преку постигнување европски компромис што создаде де факто солидарност меѓу Северна Македонија и Грција, како и договор за пријателство со Бугарија. Значи, сега  сме земја која нема отворени билатерални прашања во регионот. Европската привлечност, поттикот, беше еден од важните елементи во овој процес.

Имаме слух за загриженоста на некои земји-членки за тоа како да се направи процесот на пристапување построг и по-ориентиран кон промена, што е истовремено во срцето на интересите на населението во регионот.

Влогот е огромен, и за нашата демократија и за регионот. А одлуката за нашето досие ќе биде важна порака до сите други земји од регионот како и за да ја задржи ЕУ својата предност и кредибилитет во регионот.

АЕ: Дали е ситуацијата поинаква од јуни? Дали мислите дека постои поинакво чувство сега во некои ЕУ земји?

Никола Димитров: Во јуни одлуката беше одложена. Советот на ЕУ соопшти дека ќе го разгледа напредокот во клучните области дефинирани во јуни 2018 – борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформите во судството, јавната администрација и разузнавањето и дека ќе донесе одлука со цел отпочнување на пристапните преговори. Ова не беше можно [во јуни], поради кусиот рок помеѓу објавувањето на извештајот на Европската Комисија и одржувањето на Советот за општи работи. Сега сите погледи се свртени кон средината на октомври.

Затоа мислам дека влогот е таков што многу сериозно се размислува во главните градови за да се зграпчи оваа можност за успех во време кога не постојат премногу можности за успех.

АЕ: 14 години сте земја кандидатка, а 10 години чекате да почнат преговорите. Дали Македонците сѐ уште веруваат во ЕУ и во тоа дека еден ден нивната земја ќе стане членка?

Никола Димитров: Европската интеграција е поддржана од 90% од граѓаните според последните анкети што ги видов, а тоа е повеќе од сите политички партии земени заедно.

Од друга страна пак, морам да бидам искрен дека нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам: „Ќе одлучат следната година“. Потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да се движиме во вистинската насока.

АЕ: Пред летото вашиот премиер, Зоран Заев, беше во Брисел и предупреди дека доколку Северна Македонија не добие датум за отворање на преговорите (во времето кога зборувавме за јуни), постои опасност од враќање на национализмот. Дали мислите тоа би можело да се случи (видете ΕUROPE B12269A17)?

Никола Димитров: Како некој што не е член на ниту една партија, мислам дека Владата не гледа друга алтернатива освен да станеме европска држава. Доколку немаме перспектива [за членство, белешка на уредникот], и ова мислам дека во суштина е влогот во октомври, ние ќе бидеме ослабени, а скептиците, националистите и популистичките сили ќе добијат на сила. Тоа ќе им помогне на оние што се сомневаат во европскиот проект, во оваа стратешка насока. А позитивната одлука, пак од друга страна, ќе ни помогне да речеме: „Гледате, можно е и тоа е во наши раце“.

АЕ: Во октомври, земјите-членки на ЕУ треба да решат и за Албанија. Дали мислите дека сте заложник на случајот со Албанија, бидејќи некои земји можеби се поотворени за отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија, а поскептични во врска со Албанија, а сепак ги сместуваат двете држави заедно?

Никола Димитров: Гледам четири аспекти во овој сложен однос.  Нашата визија за Балканот е таква што, за да бидеме просперитетна европска демократија, ние имаме влог и во успехот на нашите соседи. Значи во наш национален интерес е и Албанија да успее.

Геополитички гледано, паметно е да се инвестира во европската иднина на Тирана и да се верува дека загриженоста околу некои прашања, како владеењето на правото ќе се решат подобро доколку тоа се прави внатре во процесот отколку надвор.

Со тоа настрана, не е можно да се изедначи процес што е заснован на заслуги, што во суштина е заснован на логиката на условеност, со правењето групи.

Мислам дека две [земји што добиваат почеток за отворање преговори] се подобри од една, но и една е подобра од нула. Треба да работиме во регионот за да создадеме позитивна динамика за да си помагаме едни на други во движењето напред, наместо негативна динамика.

АЕ: Нешто што е важно за ЕУ се реформите поврзани со владеењето на правото. Каде сте во овој поглед?

Никола Димитров: Во основите на демократијата сметам дека постои очигледен напредок во однос на слободата на медиумите што е многу важно за да се задржи одговорноста на политичарите.

Го подобривме законодавството, законодавната рамка на нашето судство – што беше пофалено од Венецијанската комисија – во тесна соработка со нив и со Европската Комисија, а потоа и тесни консултации со граѓанското општество и опозицијата.

Имплементацијата и исто така веројатно поважна од донесувањето закони.

Имаме нова антикорупциска комисија, составена од лица што се избрани во многу транспарентна постапка. Имаат поголема надлежност и работат веќе неколку месеци. Веќе имаат отворено 800 случаи и затворено околу 200.

Што се однесува до јавната администрација, ќе ви дадам еден пример: Министерството за надворешни работи. Последните 10 амбасадори што ги пративме во странство имаат во просек по 22 години дипломатско искуство. Последните 10 амбасадори на претходната влада имаа во просек помалку од 3 години искуство. Значи се става поголем акцент на професионализмот и заслугите отколку на партизацијата. Во тек е расправата за Законот за државни службеници што ќе го промовира овој тренд во земјата.

Последната област наведена во заклучоците на Советот [на ЕУ] се реформите во разузнавачкиот сектор. Имаме нова законодавна рамка, но имаме и нови институции што веќе почнаа со работа. Една е агенцијата за следење на комуникациите. Го преземавме тој капацитет од Министерството за внатрешни работи, основавме независна агенција и воведовме три слоја на надзор: парламентарен, граѓанско општество и судство. А од 1 септември функционира агенцијата за национална безбедност, која е државна агенција за безбедност и контра-разузнавање и која порано беше дел од Министерството за внатрешни работи. Сега станува збор за посебна агенција каде што вработените минуваат низ проверки од 11 различни институции и многу бази на податоци за да се осигуриме дека имаме функционални и модерни институции што се справуваат со овие чувствителни прашања.

АЕ: Во вторникот беше најавена Комисијата на фон дер Лејен. Што мислите за предлогот за идниот комесар за проширување, Ласло Трочањи? Дали е проблем тоа што беше министер за правда во Унгарија каде што живее поранешниот премиер Никола Груевски при што вашата земја бара од Будимпешта да го врати назад?

Никола Димитров: Пред сѐ, мило ни е што имаме портфолио што главно ја има истата суштина како портфолиото на комесарот Хан.

Исто така сме охрабрени и ги цениме пораките на новоизбраната претседателка во однос на нашиот регион, нејзиниот интерес во регионот и сметаме дека во поглед на Комисијата, она што е навистина важно, е одржување на двата столба врз кои се темели успешното членство. Првиот е интересот да се направи регионот европски, значи да се има ангажман, а вториот е строгиот и фер пристап во надзорот [на состојбата] за да се направи објективна процена околу напредокот или недостатокот на напредок кај една земја. Значи, веруваме дека колеџот на еврокомесари, по сослушувањето во Европскиот парламент, ќе осигури дека ќе се сочуваат овие два столба. И двата се многу важни за успешен процес.

Со Унгарија имаме интерес. Тие се граничат со регионот и имаат интерес во напредокот на регионот што е дефинитивно добредојдено. Не е тајна дека имаме една разлика, а тоа е во поглед на нашиот поранешен премиер, кој беше осуден, и против кого има неколку отворени случаи, и кој побара прибежиште и го најде во Унгарија. Важно е да работиме заедно во областите каде што имаме заеднички интереси и покрај оваа разлика.

Конзуларни услуги