North Macedonia in the World

На 16 октомври 2019 година, на свечена церемонија во Форин Офис, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Доминик Раб, во присуство на амбасадорката на Република Северна Македонија, Александра Миовска, го потпиша Ратификациониот инструмент со кој Обединетото Кралство го потврди НАТО-Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон Алијансата.

IMG 0023

На церемонијата ѝ претходеше ратификациона процедура  во обата дома на Парламентот, во која никој од пратениците во Долниот дом, ниту од лордовите и баронесите во Горниот дом, не стави забелешка на предложениот акт – НАТО Протокол за пристапување на Република Северна Македонија, потпишан од сите членки на Алијансата на 6 февруари 2019 година во Брисел.

Амбасадорката Миовска му се заблагодари на министерот Раб за укажаната доверба кон нашата земја како нов НАТО-сојузник, како и за целосната поддршка која ја добивавме и се уште ја добиваме од Обединетото Кралство во процесот на нашите евро-атлантски интеграции. Министерот Раб искажа поддршка за нашето НАТО-членство и изрази задоволство што висока делегација на нашата земја ќе учествува на Лидерскиот состанок на Алијансата што ќе се одржи во декември во Лондон.

IMG 0047

По завршувањето на церемонијата, амбасадорката Миовска оствари одвоена средба и со заменик-министерот за надворешни работи надлежен за Европа и Америките, Кристофер Пинчер. На средбата беа разгледани актуелните прашања од билатералните односи и можностите за натамошен развој и унапредување на билатералната соработка. Воедно, имајќи го предвид денешниот свечен чин во Форин Офис посебно беше потенцирана нашата подготвеност за следење и почитување на НАТО-стандардите како нова 30-та членка на Алијансата. Министерот Пинчер беше запознат и со нашето очекување за почеток на пристапните преговори со Европската Унија кое е од исклучително значење за земјата и граѓаните. Од своја страна, министерот Пинчер ја повтори британската поддршка за реализација на нашите надворешно-политички приоритети и го нагласи фактот дека Обединетото Кралство останува партнер и сојузник на Северна Македонија и после Брегзит.

IMG 9997